Концептот на социјална економија значително се разликува меѓу земјите-членки со различен степен на политичко прeпознавање.

Во постојните политички документи на Европската унија, социјалните претпријатија се препознаваат како клучни двигатели на социјалната вклученост, создавањето вработувања и одржливиот развој. Тие играат значајна улога во промовирањето на социјалната кохезија и справувањето со општествените предизвици.

Во Република Северна Македонија, социјалното претприемаштво е предмет на јавен дискурс повеќе од една деценија, но, постојната законска регулатива не ги препознава и не ги регулира социјалните претпријатија и социјалното претприемаштво и сѐ уште не постои заедничко разбирање за концептите. И двата концепта се појавија во дискурсот на третиот сектор и, генерално, постои концептуална конфузија кога се дискутира јавно за нив.
Развојот на социјалните претпријатија во Северна Македонија се поврзува со последните случувања во третиот сектор, како, на пример, ограничената финансиска поддршка за услугите што ги нудат граѓанските организации, децентрализацијата на системот за социјална заштита и зголеменото влијание и финансиската поддршка што е на располагање од страна на донаторската заедница.

Меѓутоа, праксата покажува дека ентитетите што го сочинуваат спектарот на социјалните претпријатија во земјата се разновидни. И покрај отсуството на специфични правни форми за социјалните претпријатија, дел од постојните законски акти овозможуваат основање и функционирање ентитети што можат да бидат препознаени како социјални претпријатија, како, на пример, граѓански организации и фондации, кооперативи, заштитни друштва, комори на занаетчии, земјоделски задруги, а и неформалниот сектор за собирање отпад го има потенцијалот да биде трансформиран преку социјално претприемаштво.

Во последните неколку години, под влијание на забрзаното препознавање и развој на социјалните претпријатија на ЕУ ниво и улогата која тие ја одиграа во време на Ковид-19 кризата, и во Северна Македонија се унапредуваше екосистемот и политиките кои го таргетираат секторот. Во 2022-рата година, Владата ја усвои првата Национална стратегија за развој на социјалните претпријатија
(2021-2027), која беше изготвена низ широк и партиципативен процес.

Во развојот и во промовирањето на секторот, клучна е улогата на граѓанскиот сектор, кој во соработка со јавните институции, локалните самоуправи и донаторската заедница, имплементира бројни иницијативи кои дадоа значаен придонес во зголемувањето на видливоста на социјалните претпријатија, како и во поттикнувањето на развојот на секторот.

Повеќе за улогата и капацитетите на социјалните претпријатија во Македонија и во Европа – во публикацијата на линкот: 
Проценка на капацитетите на различните правни форми и препораки за нивна трансформација во
социјални претпријатија

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here