Историјат

Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ е фокусирана на градење позитивни општествени промени и силно граѓанско општество.

Таа го започна своето делување како Центар за медиумски активности (ЦМА) кој го издаде првиот број на уличното списание „Лице в лице“ (еден од пионерите – социјални претпријатија во земјава) во 2012 година, а во јануари 2015 се ребрендираше во Асоцијација за истражување, комуникации и развој „Паблик“ препознавајќи ја потребата за ботом-ап пристап во дефинирањето и развојот на јавните политики кои што се однесуваат на социјалната вклученост.

Нашата континуирана комуникација со ранливи групи, ни овозможува да ги идентификуваме нивните реални потреби. Од друга страна, нашите веќе изградени партнерства со јавниот, граѓанскиот и бизнис секторот, ни даваат можност да дефинираме препораки за јавни политики развиени низ партиципативен процес и со целосно вклучување на сите засегнати страни.

Во македонското општество постоеја прашања кои што не беа соодветно таргетирани и на кои активно се посветуваме:

  • Како да се превенира социјалното исклучување на различни групи луѓе?
  • Каква е улогата на социјалните претпријатија во создавањето поефикасен и поинклузивен пазар на труд?
  • Како да се измери општественото влијание на социјалните претпријатија, на граѓанскиот сектор и на традиционалните бизниси?
  • Како да се дефинира бездомништвото во Македонија согласно локалниот контекст и европските стандарди??

Денес, „Паблик“ е етаблирана тинк – тенк организација во македонското општество, со фокус на јавните политики кои ги таргетираат социјалната интеграција на ранливите категории граѓани и социјалната економија.  Нуди докази базирани на истражувања со цел да се влијае на креаторите на јавните политики и да се информира јавноста. Истражувачките проекти на „Паблик“ се најчесто регионални. Организацијата соработува  со партнерски организации од над 15 земји од Балканот и од Европа.

Највидливиот бренд на „Паблик“ е уличното списание „Лице в лице“ кое стана алатка за застапување и за комуникација при подигнувањето на свеста кај јавноста за општествено важни теми – инклузија, образование, човекови права, социјални иновации, интеграција, домување… Списанието содржи информации кои ја поддржуваат работата на други граѓански организации кои работат на теми за кои што не постои доволно развиена граѓанска свест.