Со моето повеќедецениско искуство имам испратено многу ученици како полуматуранти, но, не сум слушнала дека некој од нив се вработил. За жал, повеќето од нив немаат ниту пробано да конкурираат на некој оглас или се плашат да се обратат за одредена помош. Токму овде социјалното менторство (менторство при работна интеграција) може да направи многу. Комуникацијата, дружењето, исполнетоста од добро завршен работен ден многу влијаат врз психолошкиот развој кај секого, а вклучувањето во работен процес освен подобрување на материјалната состојба има силно влијание врз нивната самодоверба и создава среќни личности со позитивни погледи кон својата иднина – вели социјалната менторка Јасмина Лукановска

Анета Ристеска

Јасмина Лукановска ѝ припаѓа на првата генерација социјални ментори (ментори за работна интеграција) од Македонија. Работи како координатор на образовни асистенти во Oсновното училиште со ресурсен центар, „Д-р Златан Сремац“, и во исто време, успешно ги интегрира знаењата добиени од обуката за социјални ментори на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“.
Предизвиците со кои се соочува како социјален ментор – повод за интервју со неа.

Јасмина Лукановска

Eдна од главните цели на социјалното менторство е да го поддржи процесот на (ре)интеграција на пазарот на трудот на тешковработливите лица.
Колку образовниот процес ги подготвува учениците со попречености за пазарот на труд? 
Колку вашите познавања сега од социјалното менторство може да најдат примена и да бидат во служба во училиштето во кое што работите?

– Повеќе од 20 години имам работно искуство во работа со ученици со попреченост во ОУРЦ „Д-р Златан Сремец”, Скопје. Последните години многу се обрнува внимание на индивидуалниот развој на секој ученик, односно учениците се запишуваат во училиште со документ за функционална проценка од Координативно тело, каде што  е опишана состојбата на ученикот, опишани се сите негови карактеристики, постигнувања, како и насоки за понатамошна работа. Како училиште, на таа основа, изработуваме ИОП –(индивидуален образовен план) или модифицирана програма според кој се одвива образовниот процес во текот на целата училишна година. Како основно училиште со ресурсен центар, освен воспитно- образовната функција се вложува голем напор максимално да се искористат потенцијалите на секој ученик. Тенденцијата е правилно да се насочат капацитетите на учениците, сѐ со цел утре да станат општествено корисни граѓани.

Процесот на инклузија на деца со попреченост се одвиваше постепено , но од минатата година настанаа поголеми промени. Нашето училиште прерасна во ресурсен центар, каде што освен образовната улога, даваме поддршка на околу 100 училишта во Скопје и пошироко. Со тоа се вработија 130 образовни асистенти како поддршка на учениците со попреченост и наставниците во училиштата. Токму како координатор на асистентите имам увид за секое дете – неговите потенцијали, давам насоки и поддршка во изработка  на ИОП, а со тоа давам насоки на образовните асистенти на што да обрнат внимание, кои активности да се преземаат, со цел да се развијат одредени манипулативни способности, истрајност во работата како и влијание врз комуникациските способности.

Како социјален ментор, верувам дека во иднина ќе имаме можност да се направи одредена стратегија, социјалното менторство да стане дел од одредени предмети во повисоките одделенија или од програмата ‘животни вештини’, со цел да се влијае врз развивање на потенцијалите на секој ученик.

Лицата со попречености, по завршувањето на училиштето, ретко излегуваат на пазарот на трудот.
Како социјалното менторство може да помогне тука? Кои се неговите потенцијали во овој предизвик?

Со моето повеќедецениско искуство имам испратено многу ученици како полуматуранти, но, немам слушнато дека некои од учениците се имаат вработено. За жал, повеќето од нив немаат ниту пробано да конкурираат на некој оглас или се плашатда се обратат за одредена помош. Токму тука се согледуваат можностите што ги нудисоцијалното менторирање. На семејствата им треба поддршка, насоки, охрабрување, континуирано следење, како и психолошка поткрепа за полесно поминување низ целиот процес. Токму социјалното менторство го нуди овој начин на подршка. На  менторираното лице може да му се понуди помош во развивање на своите потенцијали, поддршка во начин на барање на работа, пишување на CV, начин на комуникација со претпоставени…

Во текот на работата како социјален ментор имате реализирано вработувања во компании на лица со попречености.
Што вели вашето искуство, како едно лице ја прифаќа организациската култура, но, и како средината го прифаќа лицето? Какви се искуствата со компаниите што покажуваат отвореност, но, и со оние кои манифестираат скепса и несигурност?
Што е најважно во овој двонасочен процес?

Додека траеше обуката за социјалното менторство имавме работна задача теренски да ги спроведеме активностите, односно да ги  вработиме менторираните лица според однапред направениот Индивидуален план за лицето. Постојат компании кои имаа одредени предзнаења поврзани со социјалното менторство, кои имаа желба, но, не постоеја капацитети да го издржат претстојниот предизвик. Има компании на кои многу им се допадна овој концепт на вработување на лицата со попреченост. Се вклучија во процесот, но, треба многу да се работи во делот на прифаќање  и надминување на предизвиците што ги носи целиот процес, бидејќи на  овие лица  вистински им треба поткрепа. Потребна е континуирана соработка помеѓу компанијата, професионалниот и социјалниот ментор.

Каква промена прави социјалното менторство при вработувањето на луѓето со попречености? Колку ги менува? Не само нивната материјална состојба, туку колку и како ја менува нивната личност? Колку придонесува за чувството на исполнетост, реализираност, отвореност за дружба со пријателите, за позитивното ментално здравје…
Колку, пак, тоа е промена и за нивните родители?

Човекот е социјално битие. Комуникацијата, дружењето, исполнетоста од добро завршен работен ден многу влијаат врз психолошкиот развој кај секого. Токму  вклучувањето во работен процес освен подобрување на материјалната состојба има силно влијание врз нивната самодоверба. Комуникацијата со колегите силно делува врз нивната среќа. Секојдневието им е продуктивно, корисно, а сето тоа влијае врз продуцирање на една здрава, среќна личност со позитивни погледи кон својата иднина.

Секој родител сака своето дете да го види дека самостојно функционира, се грижи за својот изглед, за свето напредување во животот. Среќата на овие родители е преголема кога го гледаат своето дете исполнето, работно ангажирано. Да се биде дел од работен процес и ангажман – позитивно влијае врз целиот личен развој.

За крај, што вас лично ви донесе програмата за социјално менторство? Кои се промените кај вас? Што, пак, можеби вие ѝ (до)дадовте на оваа социјална иновација?

Социјалното менторство, како нова програма која започнува да се применува, лично кај мене влијаеше врз размрдување на многу нешта. Пред сѐ, ова е мотив да бидеме упорни, да овозможиме и овие лица да ги уживаат основните права на живот, директно да влијаеме на подигнување на свеста кај луѓето за сензибилизација на оваа категорија на луѓе. Многу е важна желбата да се даде шанса на секој човек, а  со тоа се развива чувството на споделување, поттикнување, делење.

Се движиме според  мотото: Види што знам, поддржи ме, насочи ме, имај желба.

Претходни објави (Previous article)„Лице в лице со различностите“ во Охрид и Струга
Следни објави (Next article)Conclusions end Policy pointers: Worker’s Buyout Solutions