Знаеш ли кој ги зготви информациите што ги „голташ“ секое утро заедно со кафето? Кои се состојките, зачините, какво е пакувањето? Кој е сопственик на твојот омилен весник или портал со кој го започнуваш денот, радиото кое го слушаш додека патуваш до работното место? Кој е сопственик на телевизијата, чиј ударен дневник го сметаш за најрелевантен? Со што се занимава тој сопственик, освен со медиуми? Дали неговиот медиум го застапува јавниот интерес, или пак неговите деловни интереси? Од каде потекнуваат парите со кои е купен и создаден тој медиум? Кој е вистинскиот газда на медиумот што го консумираш? Постои ли медиумска концентрација во твојата земја? Кој, зошто и на кои сè начини го прикрива сопствеништвото над медиумите? Зошто медиумите вршат напади врз некои јавни личности, штитат други, а за трети молчат? Кои сè теми и соговорници се забранети во твојот омилен медиум?

Фокусот на кампањата „Чисти вести, чиста политика, чисти луѓе“ е инсистирање на транспарентност за сопствеништвото над медиумите, односно последиците од недостапноста на овие информации до јавноста. Затоа, ги повикуваме сите твитерџики и твитерџии, со своите креативни твитови да придонесат во освестувањето за овој проблем!

Медиумите ја креираат нашата и вашата реалност. Но, креаторите на таа реалност, односно вистинските посредни сопственици на медиумите, не се познати. Тоа ја ограничува нашата слобода да спознаеме, разбереме и да  просудиме за случувањата околу себе. Влијае на рационалноста на нашите одлуки и одредува правец во кој се движи нашето општество. Право на јавноста е да ја знае позадината на информацијата. Да добие одговори на прашања кој, како и поради што влијае на формирање на нашиот суд. Право на јавноста е да знае сè за оние кои поседуваат општествена моќ и можат да влијаат врз нашите животи.

Затоа, заедно се бориме информациите за вистинското сопствеништво на медиумите да бидат достапни до јавноста. Да се знае. Да знаеш и ти. За да може медиумскиот простор да се исчисти и освежи. Затоа, секој твит е важен!

Работата е многу едноставна: ти ќе твитнеш на свој сопствен, креативен начин и со тоа ќе се осврнеш на проблематиката и на нетранспарентното сопствеништво над медиумите. Заедно со твитот, задолжително ќе ги ставиш и следниве хаштагови #Fairpress, #BeneficialOwnership, како и хаштагот за земјата од која доаѓаш, во нашиот случај, #Macedonia). Со твитот во срж ќе ги погодиш проблемите, ќе оствариш најмногу лајкови и ретвитови на „Твитер“ и ќе освоиш награда. Лајковите и твитовите ќе се вреднуваат по следниов принцип: секој лајк носи еден поен, а секој ретвит два поена. Бројот на твитови кои можеш да ги напишеш е неограничен, можеш да ги пишуваш и на англиски и на својот мајчин јазик. Една личност може да добие само една награда.

Вкупно ќе поделиме 18 награди: во секоја од шесте земји (Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Македонија и Романија) ќе поделиме по три награди:
За прво место – 300 евра,
за второ место – 200 евра
за трето место  – 100 евра.

Најдобрите твитови ќе бидат објавени и во сите останати аудио-визуелни материјали од кампањата во сите земји кои ги покриваме.
Кампањата трае до 10.12.2016 година. Сите твитови објавени по овој период нема да бидат земени предвид во изборот за наградите.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here