ЕУ Блокчеин Хабот Македонија – учесник на Самитот во Куала Лумпур

11.01.2019

                                        Блокчеин технологијата има потенцијал за надминување на социјалниот јаз!

Само после еден месец од стартувањето на ЕУ Блокчеин хабот Македонија, по потпишувањето на Меморандумот со Европскиот блокчеин хаб, (во рамки на Форумот на добри компании, во организација на Асоцијацијата за истражување, комуникции и развој, „Паблик“, 10 декември, 2018 година), македонскиот огранок е гостин-учесник на Глобалниот самит на блокчеин технологија, („Unleash The Potential: Blockchain for SDGs“),  што утре, 12 јануари, се одржува во Куала Лумпур, Малезија.
На настанот, на кој ќе има говорници од над 20 земји, се очекува забрзано интерактивно разменување на искуства и знаења од областа на блокчеин технологијата, меѓу светски успешни блокчеин стартапи, владини организации, компании, експерти, од области како: IT технологија и програмирање, банкарство, финансии, трговија, образование, чиста енергија, развој на паметни (одржливи) градови и заедници, регулатори и од многу други сфери.

Целта на Самитот е да се воспостави глобална врска меѓу државите кои во блокчеин технологијата гледаат алатка на новото дигитално време, но, и на радикална промена на водењето економија и свеста на луѓето во неа, како и да се разгледа воведувањето на блокчеин технологијата во реализацијата на целите за одржлив развој на Обединтетите нации, чија интенција е да го трансформираат светот во сите аспекти на социјалните, економските, еколошките и човековите права – до 2030 година.
Позитивните искуства на земјите како Швајцарија, Малта, Словенија и азиските земји, Тајланд, Кина и Малезија сугерираат нова платформа врз која ќе се базира размена на вредноста помеѓу луѓето во иднина. Вредноста на блокчеин стартап компаниите само во Швајцарија е проценета на 40 милијарди долари, а над 700 стартапи вработуваат 3000 луѓе само во тнр Крипто долина во Цуг.

На овој настан ќе биде формирана и најголемата глобална блокчеин мрежа во која учествуваат над 20 земји, а потенцијалот за развој на оваа технологиј во Македонија и планираните идни чекори ќе ги претстави основачот на македонскиот ЕУ блокчеин хаб, Небојша Илијевски.

„Улогата на ЕУ блокчеин хабот Македонија е мотивирање на заедницата на потенцијални засегнати страни – владата, академијата, бизнис-секторот и, секако, блокчеин стартапите, да создаваат решенија за добро владеење и во други сфери базирани на технологијата на дистрибуирани записи. Откако регулаторите ќе бидат изложени на потенцијалот и на конкретните административни и други предизвици, би било полесно да се најдат решенија, во согласност со препораките на земјите што успешно го применуваат блокчеинот. Воедно, платформата на ЕУ Блокчеин хабот отвора можности за блокчеин девелоперите и стартапите во земјава за рапиден развој и пристап до фондови, а со тоа и вклучување во светските трендови во оваа област“ – вели Илијевски.

Авторитетите во Македонија манифестираат будност во врска со оваа технологија, а скептицизмот дека примената на блокчеин може брзо да земе замав може да се премости токму со методологијата што ја сугерираат поуспешните.
Засега, во Македонија, блокчеинот често и сосема неоправдано директно се поврзува (само) со криптовалутите.
– Повеќето луѓе беа фокусирани на делот од блокчеинот со криптовалутите, кој беше неизмерно популарен до пред некое време и нудеше една бајка за брзо богатење. Со исчезнувањето на бајката, исчезна и интересот за оваа тема – вели Мартин Михајлов, професор на Економскиот факултет и познавач на блокчеин технологијата и на криптовалутите, за 33. број на „Лице в лице“, посветен на тема: блокчеин технологија.
Михајлов дообјаснува дека кај нас во моментов е забрането да се тргува со криптовалути на кој било начин.
– Се подготвува нов закон за платежни услуги, кој, најверојатно, ќе помине низ сите процедури во текот на 2019 година. Но, во тој закон не се олабавува сегментот за криптовалути. Во неформални разговори со Министерство за финансии и со НБРМ, има интерес за користење блокчеин за подобрување на процесите. Но овој интерес е прилично пасивен земајќи предвид дека овие институции имаат други приоритети во наредниот период – појаснува Михајлов.

Инаку, на 11 декември во Скопје беше одржана и првата средба иницирана од ЕУ блокчеин хабот Македонија – на тема: „Блокчеин технологија – можни начини за градење на екосистемот за развој и примена во Македонија“. Дебатираа претставници од министерствата и од академската сфера од Македонија и од Словенија, како продолжение на сесијата „Блокчеин – Алгоритам во функција на одржливите практики“, која се случуваше ден претходно во рамки на третото издание на Форумот на добри компании.
За словенечкото искуство и добрите пракси и бенефити – зборуваше Тадеј Слапник,  директор на Tolar Hashnet и претседател на European Blockchain Hub.

 

 

Наши партнери

Facebook

Get the Facebook Likebox Slider Pro for WordPress