Анета Ристеска

Современата технологија ги трансформира задачите и работните места на пазарот на трудот, па многу земји имаат недостиг од работници со вештини што се неопходни.

Потребата од градење инклузивен пазар, за да се надмине хроничниот дефицит на работна сила, станува сѐ подоминантна.

Едно од можните решенија во земјава за подобрување на сликата на пазарот на трудот, е социјалната иновација на „Паблик“ – менторство за работна интеграција, или социјално менторство, која има за цел да ја олесни интеграцијата на пазарот на трудот и со тоа значително да влијае на создавањето инклузивни работни места.

Оваа методолгија во голема мера го опфаќа пристапот на ‘job carving’ во управувањето со човечките ресурси. Улогата на дизајнери ја имаат социјалните ментори, кои создаваат услови, и кај менторираното лице, но, и во работната средина, во соработка со професионалниот ментор, кои ќе овозможат потполно услогласување на потребите на лицето кое се вработува со потребите на работното место на бизнисот.

Еден ваков пример неодамна сподели и социјалната менторка, Магдалена Чадиноска Кузманоски. Нејзиниот приод на менторирање, што ја носи идејата за дизајнирање соодветно работно место, овозможува лицето Н.К. да има статус кој значи многу повеќе од само вработување. Пошироката димензија е да се работи работа за која, покрај знаење, се има многу љубов и страст.


– Порано се чудев кога луѓето велеа дека со задоволство одат на работа. Секогаш си мислев дека на работа се оди затоа што така мора, но сега сфатив дека ако го одбереш тоа што навистина го сакаш, тогаш работата станува задоволство. Токму поради ова сум и најзадоволен од работата со мојата менторка за социјална интеграција затоа што таа ми помогна да сфатам дека треба да излезам од мојата удобна зона, да се обидам да поставам повисоки цели и да преземам поинакви работни задачи, а, сепак, да останам во областа што ја сакав, а тоа е угостителството. Отсекогаш сакав да зготвам нешто дома, но, не верував и не можев да се видам дека некогаш можам да работам во кујна како готвач – вели К.Н, кој сега е вработен во еден скопски ресторан.

Со поддршка и со вистински насоки од неговата менторка, добил соодветна обука на работното место и клучни насоки.


– Бев многу добро примен од колегите. Со ваква поддршка секој млад човек може да успее. Јас да не се вклучев во програмата менторство за работна интеграција, сигурен сум дека сè уште ќе работев како келнер во локални кафулиња. Сега се здобив со многу вештини, таму каде што и најмногу сакав, во кујната. Сега ова знаење можам да го искористам во животот многу повеќе. Ова искуство ја одреди и мојата идна кариера. На сите млади луѓе, кои сè уште лутаат професионално, работата со ментор ќе им дојде навистина добро – нагласува Н.К.

Според неговата менторка, Магдалена Чадиноска-Кузманоски, лицето со кое се работи добива директна поддршка за личен и професионален развој, со тоа што преку разни алатки се работи на препознавање и унапредување на одредени вештини, подобра професионална ориентација и директна поддршка за задржување на работното место.

Таа додава и дека од искуството во работата со Н.К. се потврдува дека овој пристап на работа има придобивка за двете страни – бизнисот и работникот.

– Бизнисот не само што добива мотивиран работник, туку на располагање има и стручен работник, кој станува мост меѓу работникот и работодавецот. Во нашиот пристап, менторот никогаш не е повеќе на едната страна. Низ едукацијата научивме секогаш реално да ги согледуваме работите. Без разлика што ние работиме со лицето, мора да бидеме искрени и отворени и кон бизнисот и да гледаме и која е нивната придобивка. Насочени сме кон градење партнерства, а тие се градат само со ваков искрен и холистички пристап – вели Чадиноска-Кузманоски.



Фото: Freepik
Текстот е подготвен во рамки на прокетот: Дизајнирање инклузивни работни места за ранливите луѓе – поддршка на претпријатијата да станат инклузивни работодавци

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here