Потребата од дефинирање на бездомништвото во нормативни рамки, како и начините за негово намалување преку моделите на социјалното претпримеништво, беа главните точки на агендата на третата средба на Работната група за исклученост од правото на домување и бездомништво, која на 23 ноември се одржа во „Холидеј Ин“, во организација на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“.
На настанот учествуваа претставници на јавни институции, на здруженија на граѓани, претставници на Академијата.

На средбата беа презентирани тестемонијали за трите концептуални категории на бездомништвото:  јавно, скриено и потенцијално, кои беа и појдовна основа за дискусија во насока на започнување на процесот на застапување и лобирање во однос на прашањето на исклученост од правото на домување и бездомништвото.
Видео содржините беа успешна алатка за приказ на комплексноста на проблемот на бездомништвото, укажувајќи на фактот дека  преодот од една во друга категорија е лесно возможен, доколку не се преземат соодветни превентивни мерки.

На овој состанок беа констатирани и повеќето ризици/причини  кои доведуваат до бездомништво, а меѓу нив особено беше потенцирано семејното насилство, како еден од проблемите кој бара системско и мулти-секторско решавање, опфаќајќи ги прашањата на овозможување дом на жртвата, нејзино вработување и обезбедување психо-социјална поддршка,  со цел надминување на состојбата.

Отсуство на јавна свест, меѓутоа и отсуство  на информираност на стекхолдерите и креаторите на јавните политики, и тоа особено за потенцијалното бездомништво, категорија која е тешко мерлива, е прашање за кое беше постигнат консензус помеѓу присутните.

Работната група, после презентацијата на документот за јавна политика „Бездомништвото околу нас: јавно, скриено, потенцијално“, имаше можност да слушне и кои би биле негативните импликации во случај да останеме воситуација на статус кво во однос на ова прашање. Дел од нив се однесуваат на отсуство на дефиниција во македонската регулативна рамка, а последователно и отсуство на заедничко разбирање што значи бездомништвото, но и oтсуство на можност за собирање на податоци и следење на трендовите во појавата, што на долг рок пак би значело и оневозможување на дизајн на услуги кои одговараат на реалните потреби на оваа ранлива категорија; пречки за остварување на правото на социјална и здравствена заштита, но и исклученост од пазарот на труд; кршење на одредбите од Меѓународната конвенција за социјални, економски и културни права, (потпишана 1994 година) за обврските на државата да понуди алтернативен дом пред лицата да бидат протерани од одредено живеалиште, но, и кршење на едно од основните човекови права – правото на дом.

Работната средба беше оквалификувана како добар пример како заеднички институциите, невладините организации и академските работници би требало да ги решаваат општествените проблеми, и како завршувањето на еден проект не треба да значи и крај на активностите врзани за главната движечка мисија која претходно била проектирана. Присутните овој состанок го дефинираа и како сериозна поддршка на професионалците кои се бават со оваа тематика, што ќе има и значајно влијание врз понатамошното креирање на нивните програми, како во поглед на стратегијата, така и во поглед на детекцијата на новите (пот)категории на бездомништво.
Еден од експертите, проф. Мариа Доневска, на оваа работна средба ги презентираше и резултатите од тестирањето на Инструментот за мерење на длабочина на бездомништвото, кој со мали усогласувања би можеле да го користат и други европски земји.
Дискусијата заврши со јасен поглед кон неопходните идни системски решенија, односно промени во повеќе закони кои ги таргетираат бездомните лица, (Законот за социјална заштита, Законот за локална самоуправа, итн).

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here