Неопходно е поврзувaње на знаењата базирани на докази за потенцијално влијание врз современите јавни политики кои се однесуваат на полето на социјалното претприемаштво во секоја од земјите од регионот.
Ова беше еден од донесените заклучоци во рамки на дводневната регионална научна конференција „Истражување на развојот на социјалните претпријатија на Балканот “, која се одржа во Скопје и која опфати и лансирање на „Балканската мрежа на истражувачи во областа на социјалните претпријатија“, („Balkan social enterprise research network“)
.

Цел на мрежата е иницирање поширока регионална дебата и придонес кон креирањето политики за социјалното претприемaштво и социјалната економија.
Истражувач(к)ите од Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Србија и Македонија, кои споделија научни основи и трудови, резултат на истражувањата во нивните земји, беа согласни во ставот и во визиите дека новоформираната мрежа  означува чекор напред кон поквалитетна меѓусебна соработка, споделување искуства, знаења и информации, како и следење на активностите во истражувачките проекти  од оваа област во регионов.

Настанот опфати и преглед на актуелните политики кои го тангираат социјалното претприемаштво, социјалните претпријатија и социјалната економија, согледување на спецификите на секоја од земјите од регионот и препораки за подобрување на состојбата на овие полиња.

Конференциската средба беше одлична можност да се презентираат тековните состојби во секоја од земјите од сферата на социјалното претприемништво, неговото влијание, различните дефиниции, законските регулативи и идните предизвици и очекувања. Дискусијата илустрираше слика која подразбира различни нивоа на развој на овој нов феномен во секоја од земјите (членки на мрежата), со интенција за понатамошно истражување на можностите што социјалните претпријатија можат да ги понудат на заедницата, јавниот и приватниот сектор.

Идејата за вмрежувањето е резултат на  регионалниот истражувачки проект „Предизвиците и можностите на социјалните претпријатија за вработување на маргинализирани лица“, поддржан од Регионалната програма за промоција на истражувањето во Западен Балкан, а реализиран од „Реактор-истражување во акција“, „Паблик“ и „Конект“ од Македонија,  „Партнерс Албанија“ од Албанија и Центарот за мир и толеранција од Косово.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here