„Воспитан сум да верувам дека луѓето се добри, а бизнисите лоши. Мојата перцепција се промени кога разбрав дека алката што недостасува во креирањето долгорочна промена е бизнис моделот што ги комбинира правењето бизнис со правењето на вистинската работа“.

На оваа основа го гради својот бизнис холандскиот претприемач Мартен Дресен,основачот на „Good Hospitality Group“, кој во петок доаѓа во Скопје, како еден од главните говорници на Првиот форум на добри компании, (Companies Doing Good Forum) во организација на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“ и Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија, што ќе се случува во Хотел Скопје Мериот.

Дресен е основач  на „Добар хотел“, пловечка конструкција која привлекува илјадници туристи, кој се пакува и плови кон друга дестинација откако ќе си ја исполни мисијата – да создаде висококвалитетен угостителски кадар од луѓе кои со години биле без работа.

Како што истакнува Амбасадорот на Кралството Холандија, Н.Е. г. Ваутер Пломп, Холандската Влада активно го поддржува развојот на корпоративно општествената одговорност и ја промовира Холандија како водечки меѓународен пример за циркуларна и инклузивна економија.
„Како Амбасада ги поддржуваме и имаме соработка со бизнис секторот и со невладините организации, а овој пат сакаме да ги донесеме на едно место затоа што веруваме дека нивниот заеднички труд може да биде двигател на позитивни општествени промени, за доброто на сите“, нагласува Пломп.

Во фокусот на овој форум ќе биде прашањето како бизнисите можат да влијаат на промената во општеството.
„Целта на Првиот форум на добри компании е придонес кон градење екосистем во кој институциите, граѓанскиот сектор и компаниите ќе почнат да функционираат во спрега, и во основата на сите нивни делувања и интеракции, ќе се најдат човекот, општеството и планетата“, објасни Климентина Илијевски, извршна директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и разој „Паблик“.

Меѓу говорниците се и Ренате Лакнер Гас, прв човек на одделот на корпоративна општествена одговорност на ЕВН од Виена за  улогата на партнерството во остварување успешна корпоративна општествена одговорност, а Марина Анчевска, од Центарот за бизнис психологија, ќе зборува на тема „Луѓето се бизнисот, бизнисот се луѓето“.

Форматот на настанот кој ќе биде неформален и интерактивен, го дизајнираше Холистик комуникации.

Хотелот Скопје Мериот, домаќин на Форумот на добри компании ќе даде свој пример за одговорно работење, користејќи локални производи и поттикнувајќи ги учесниците да користат алтернативни превозни средства. Воедно, во соработка со организаторите на Форумот.
Хотелот Скопје Мериот ќе засади по едно дрво во име на секој учесник, давајќи придонес кон поголема заштита и унапредување на животната средина, што е и еден од елементите на општествената одговорност.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here