Претставници на компании, граѓански организации, носители и спроведувачи на политики, сите заедно седнаа на маса со цел  да се договорат како да направат подобар социјален импакт во општеството, во рамки на првиот Форум на добри компании, на тема: „Трансформација на општеството преку бизнисите“ што денес се одржа во хотелот Скопје Мериот.
Форумот е во организација на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“ и Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија, и негова цел е да понуди информации и да даде придонес во создавањето вредности кај засегнатите страни преку прикажување добри практики од светот и преку овозможување увид во сегашната состојба на општеството.

Гостин на Форумот беше Мартен Дресен, холандски претприемач, основачот на „Good Hospitality Group“, кој го сподели искуството на создавањето на „Добар хотел“, пловечка конструкција која привлекува илјадници туристи, особено оние кои ја разбираат својата улога во создавањето можности за луѓето од маргините.-Во социјалниот бизнис како „Добар хотел“, акцентот е ставен на луѓето и креирањето вредности, а не само на профитот. Фокусирајте се на луѓето, обидете се да ги мотивирате, да ги задржите и тоа ќе даде резултати на крајот. Најдобар случај е кога се постигнува баланс, остварување добивка и вреднување на човечкиот фактор – порача Дресен на првиот Форум на добри компании во Скопје.
Климентина Илијевски, извршната директорка на „Паблик“, нагласи дека во светот се случува рапидно зголемување на инвестирањето во социјален импакт, зашто очекувањата од бизнисот, за придонес кон општеството никогаш не биле поголеми.
-Купувачите се менуваат и тие очекуваат промена на вредностите на компаниите и усогласување на нивните мисии со брзорастечките нови потреби на општеството, на планетата, на човекот.Во суштина, културата на општествена одговорност е основната клетка со која започнува раѓањето на организмот моќен да направи позитивни промени во општеството – вели Илијевски.

За амбасадорот на Кралството Холандија, Н.Е. г. Ваутер Пломп, Форумот е настан каде треба да се изродат нови идеи за решавање на социјалните нееднаквости и предизвици.
– Холандија е долгогодишен пријател на Македонија, и во изминатите 20 години сме поддржале и работиме со многу граѓански организации и компании. Длабоко веруваме во концептот дека 1 плус 1 може да биде 3, и оттаму мотивацијата да ги доведеме овие два сектора на едно место денес. Затоа што, предизвиците на национално и на глобално ниво не можат да бидат адресирани од само еден сектор, и затоа што веруваме дека синергијата може да биде двигател на позитивни промени и напредок на општеството, сподели Пломп.

Меѓу говорниците бешеи Ренате Лакнер Гас, прв човек на одделот на корпоративна општествена одговорност на ЕВН од Виена. Таа говореше за  улогата на партнерството во остварување успешна корпоративна општествена одговорност.

– Кога делуваме одговорно, мораме да размислуваме на кој начин можеме да вложиме во општеството. Основниот бизнис секогаш треба да потенцира која е општествената улога на производот, но, и вредностите на компанијата – порача таа.

По Лакнер Гас, на тема: „Луѓето се бизнисот, бизнисот се луѓето“, зборуваше Марина Анчевска, од Центарот за бизнис психологија, која нагласи дека сите ние дејствуваме системски, поврзано.

-Време е да ги отстраниме стереотипните однесувања и дејствувања дека немаме влијание и ништо не зависи од нас. Време е да размислуваме колективно. Општествениот систем е изграден од индивидуалци кои што веруваат дека нивниот придонес е значаен во градењето на еден свет, во кој што сите припаѓаме. Единствено што ни укажува на тоа дека дејствуваме колективно е нашето индивидуално чувството на припадност – потенцираше Анчевска.
Форматот на настанот беше неформален и интерактивен, го дизајнираше Холистик комуникации.

Повеќе фотографии – на линкот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here