Тринаесет жени кои преживеале насилство, се вработија и го задржаа вработувањето. Дел се во државни институции, а дел во приватни компании. Две, пак, од 15, започнаа сопствен бизнис. Ниту една од нив, по поминувањето низ процесот на програмата социјално менторство, чија цел е работна интеграција, но, и зајакнување на сликата за себе и за своите потенцијали – не се врати кај сторителот на насилството.
Ова се само накратко успесите од програмата која што ја спроведувавме во рамки на проектот „Можности за економска реинтеграција преку социјално менторство за жени жртви на насилство“, како дел од Регионалната програма на Европската унија и UN Women „Спречување на насилството врз жените и девојките во западен Балкан и Турција: Имплементирање на норми – промена на ставови“, која е финансирана од Европската унија.
Со 15 жени работеа четири социјални менторки, на кои утре, (21.12.22), во 14 часот, ќе им бидат доделени сертификати за успешно завршување и имплементирање на адаптираната програма за социјално менторство за жени кои преживале насилство, од страна на министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, во Центарот за социјални претпријатија во Скопје.
-Економското насилство е една од најчестите форми на насилство врз жените и обично тоа е придружено со други видови на семејно насилство. Жените кои се во насилни врски најчесто се економски зависни од сторителот. Исто така, поголема е веројатноста жените кои се во економски ранлива ситуација да станат жртви на насилство и да останат во насилна врска. Токму затоа, UN Women во партнерство со „Паблик“ имплементира програма за економско јакнење на жените кои преживеале насилство, преку еден сеопфатен и индивидуален пристап како што е социјалното менторство, а која е клучна во процесот на социјална реинтеграција на жените, вели Весна Ивановиќ-Кастаред, раководителка на канцеларијата на UN Women во земјава.
Успехот на социјалното менторство се должи на темелно осмислениот процес при кој се јакне индивидуата – нејзината самодоверба и самовреднување, се препознаваат и се поттикнуваат нејзините силни страни и потенцијали, нагласува извршната директорка на „Паблик“ и една од креаторите на методологијата и програмата за социјално менторство, Климентина Илијевски.
-Во исто време менторираните лица се надградуваат и професионално, се доквалификуваат и преквалификуваат со што стануваат поконкурентни на пазарот на труд, а се подготвува и бизнисот односно институцијата за соодветно да го интегрира менторираното лице. Кога вака сепофатно се пристапува со одлична супервизорска поддршка на социјалните менторки, резултатите како што покажа и оваа програма, се неизбежни, вели Илијевски.
Социјалните ментори споделуваат дека жените, кориснички на програмата социјално менторство, сега се похрабри и посамостојни. Но, промени се случуваат и кај нив, како професионалци во својата работа.
-Процесот на социјално менторство ми овозможи да ги надоградам знаењата и да ја зајакнам својата самодоверба. Неописливо е чувството кога ќе помогнете некому да го оствари она за што сметал дека е неостварливо“, споделува Ирена Стојчевска, социјална менторка.
Менторираните лица, пак, велат дека по работата со социјален ментор, појасно се гледаат себеси во иднината, како успешни вработени и независни.
– Бев под голем стрес и бев многу несигурна. Сега се чувствувам многу поинаку. Ми требаше доста време да се опоравам од стресовите што ги преживеав. Голема поддршка ми е социјалната менторка која ми е голем мотиватор. Благодарение на социјалното менторство се стекнав со сертифкат за графички дизајнер, посетувам курс по англиски јазик, станувам поконурентна на пазарот на труд. Ги усовршувам вештините за графички дизајн, градам портфолио. Слушам мотивирачки видеа на „Јутуб“ со кои се надоградувам и тие влијаат на мојот позитивен став. Верувам дека наскоро ќе имам и своја фирма и дека ќе има голема побарувачка за моите услуги, вели едно од менторираните лица во програмата.
Утрешниот настан се организира во склоп на кампањата на Платформата за одржлив развој „Лице в лице“, која цели кон унапредување на родовата рамноправност, преку содржини кои ги објавува на веб сајтот и на социјалните мрежи. Кампањата отпочна со почетокот на меѓународната кампања „16 Дена активизам против родово базирано насилство“ која се одржуваше од 25-ти ноември до 10-ти декември, а ќе се заокружи со 42. издание на уличното списание за одржлив развој „Лице в лице“, кое ќе излезе на крајот на јануари 2023 година.