Анета Ристеска

Една од главните одлики на програмата социјалното менторство е и создавањето партнерски релации со лица или ентитети кои може да дадат свој придонес кон остварување на една повисока цел – создавање услови за вработување и напредување на потешковработливи лица.

Триесетгодишната битолчанка Н. Н, самохрана мајка, е една од жените кои минуваат низ програмата за социјално менторство која го поддржува нивното вклучување и задржување на пазарот на труд, а е насочена кон економско реинтегрирање на лицата кои преживеале насилство. Нејзината социјална менторка Ирена Стојчевска припаѓа на првата група сертифицирани социјални ментори во земјава, а придобивките од нејзиното знаење и искуство сега ги чувствува и Н. Н. која долго време била надвор од пазарот на трудот, поради последиците од нејзините животни премрежја.
Но, сега, таа е исправена пред сите предизвици, благодарение на улогата на Стојчевска, која успеала кај неа повторно да го разбуди интересот за вештините за кои покажувала афинитети. Во случајов, графички дизајн.

– Според првичните проценки што ги направивме, во рамки на програмата, видовме дека лицето има и интерес, но, и одредени познавања од областа. Но, немала можности да работи на тоа. Немала компјутер, а со тоа и прилика да навлезе подлабоко во графичкиот дизајн. Овозможивме да добие обука, а новата пречка беше тоа што таа нема дома компјутер којшто ѝ беше неопходен за да може непречено да ги завршува домашните задачи, но и да напредува за време и по завршувањето на обуката – вели Стојчевска.

Една од главните одлики на социјалното менторство е и создавањето партнерски релации со лица или ентитети кои може да дадат свој придонес кон остварување на една повисока цел – интеграција на потешковработливи лица.

Во овој случај, вистинска партнерска улога имал Борче Стаменов од „Донирај компјутер“, кој изреагирал мошне брзо на оваа потреба која до него ја упатила социјалната менторка Стојчевска. Ирена вели дека ваквата соработка и разбирање е клучна во замислените постигнувања.

– Споделивме кои програми ни се битни, и немаше никаков проблем. Ден потоа го имавме компјутерот со неопходните перформанси. Н.Н. веднаш почна со работа на вежбите и задачите што ги добива на двомесечната обука, и навремено да ги извршува. Поседувањето на компјутер за неа има уште поголемо значење затоа што може да го користи и нејзиното дете за потребите поврзани со неговото образование – вели таа.

Стаменов нагласува дека мисијата на „Донирај компјутер“ е секој, без разлика на возраста да добие еднакви шанси за поквалиеттно образование или доедукација. Компјутерот во денешно време не треба да претставува луксуз туку едноставно алатка без која не може да се замисли образованието.

– Се сеќавам на случајот каде од нас се побара подобра машина од лице кое сакаше да го продолжи образованието во насока графички дизајн.  Откако обезбедивме документација, каква бараме од секого, веднаш испративме компјутер. Нашата иницијатива има огромна мрежа на партнери – правни и физички лица, преку кои доаѓаме до значителен број донации кои понатаму ги проследуваме до оние кои ни се обратиле. Партнерското делување е тоа што ја прави иницијативата „Донирај компјутер“ толку успешна и уникатна – вели Стаменов.

Тој појаснува дека преку иницијативата досега имаат подарено 1.700 компјутери на лица кои припаѓаат на категоријата социјално загрозени семејства.

– Конкретниов случај е само потврда дека интеграцијата на овие лица е можна. Здружението на граѓани „Донирај компјутер“ ќе остане посветена на таа борба за еднаквост и ќе помага и понатаму за да може секој, на некој начин, да застане на свои нозе и успешно, со свој труд и занаење, да се вклучи со свој придонес во општеството, и притоа да води квалитетен и подобар живот- вели Стаменов.

Н.Н. не крие дека оваа промена му дава поинакава димензија на нејзиниот живот.

– Благодарна сум што сум дел од оваа програма на „Паблик“ и УН Вимен затоа што можам да го покажам мојот потенцијал. Без Ирена и Борче тоа ќе беше невозможно. Сега може да размислувам дека пред мене се опции да ја работам и работата од моите соништа, која многу ми значи и ме исполнува. Програмата ми е како отскочна даска за да можам да работам на моето портфолио. Во исто време го направи среќно и моето дете, кое може да го користи компјутерот и за своите училишни потреби – вели таа.

Н.Н. сега веќе и не бара работа само во колонијали, туку својата иднина ја гледа како графички дизајнер во некоја компанија или, пак, како фриленсер. Во моментов работи во салон за продажба, за да може да го издржува своето дете, но, сонува за поинаква иднина.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here