За жената конечно да одлучи да проговори, да го пријави, да го остави и да не му се врати на насилникот, клучна е  вистинската и навремена информираност за своите права, но, секако и довербата во институциите. Важно е да ја познаваат законската рамка, но, и динамиката на насилство. Што и да одлучат да преземат треба да се сигурни дека имаат поддршка од некого. Дури и да не се решат веднаш на она на што ги советуваме, информациите остануваат во нив и можеби ќе ги искористат после неколку години, ама секако ќе бидат важни за жртвите низ процесот да поминат побезболно и побезбедно.

Магдалена Чадиноска Кузманоски


„Ти си го одбра, никој со сила не ти го донесе, трпи си го сега“.
„Каде ќе одиш сама со децава? Нема ни две недели да издржиш“.

Статистиката покажува дека дури седум пати жртвата му се враќа на насилникот, пред конечно да одлучи да го остави. Патот до одлука за напуштање на насилната средина е многу долг и тежок за секоја жртва.

Во кругот на насилство, првата фаза е подигнување на тензија, односно насилникот поставува барања кои жртвата не може да ги исполни, сѐ со цел да ја наруши атмосферата. Втората фаза е ескалација и тогаш доаѓа до брутално насилство, кога најчесто жртвата го напушта и бара засолниште кај најблискиот круг на семејство или пријатели. Третата фаза, пак, е таа која најчесто и не се препознава како насилство, така нарачен период на  „меден месец“. Тогаш насилникот ја убедува жртвата дека „таа му е најважна на светот“, дава ветувања дека тоа „никогаш нема да се повтори“, купува подароци и секојдневно се извинува.

Виновна за „растурање“ на семејството?

„Ѕвездите ми ги симна додека да му се вратам. Камо секогаш да е така нежен и полн почит кон мене и децата. Јас во таков човек се вљубив, не знам што му се случи подоцна“, велат дел од жените жртви со кои што работиме во рамки на програмата за социјално менторство.

Најчесто сето ова „трудење“ на насилникот да ја убеди во неговите промени – му успева, па жртвата сакајќи да верува дека полека се враќа човекот во кој се вљубила, решава да му даде нова шанса. Не наседнуваат жртвите на однесувањето на насилникот за време на фазата „меден месец“, туку на сопствените емоции кон него. Тие ја сакаат врската со него, само не го сакаат насилството во истата.  Потоа, чувството на несигурност, осаменост или страв од новиот живот што ја очекува без него, притисокот на кој се изложени од блиските дека ако не му прости, таа ќе бидат одгворна за „растурање“ на семејството.

„Ти мислиш мене секогаш ми беше сјајно со татко ти? Па и тој ме тепаше понекогаш, ама женско си, ќе истрпиш, ќе се насмееш и ќе продолжиш“. „Ти ли ќе го менуваш светот? Кај нас така е, трпев јас, трепела баба ти, прабаба ти, сега ти не можеш да истрпиш“? Немој ќе ни ја посрамотиш фамилијата. Мисли малку и на децата, без татко ќе ги оставиш, другарчињата ќе им се смеат“.
– Секогаш кога ќе ѝ кажев на мајка ми дека сакам да си одам од него, затоа што насилството повеќе не се трпеше, таа ова ми го велеше, споделува жртва на семејно насилство.

Матичниот дом повеќе не е дом

Друга честа причина за враќање кон насилникот е фактот дека жената нема каде да се врати. Во нашето општество најчесто наследството останува на машкото дете од семејството, кој во меѓувреме си оформил семејство и за жртвата матичниот дом повеќе не е дом. Често се случува да биде прва опција за прибежиште, но, исто толку често се случува да биде таму осудувана и подложна на двојна виктимизација или пак да го има чувството дека таму повеќе пречи, отколку што припаѓа. Од друга страна пак, многу често домот во кој што живеела со насилникот е дом на неговите родители или пак е имот кој се води на име на насилникот. Колку и да придонесувала жртвата финансиски или со свој труд во изградба или одржување на тој дом, таа веќе таму нема ништо. Тука доаѓаме и до потенцијалното бездомништво кај овие жени.
Друга опција за привремен дом е стан или соба под кирија, но, тоа бара дополнителни финансиски ресурси кои во тој момент се критични за секоја жртва. Залудно е жената која ги поминала сите нивоа со насилникот, вклучувајќи го и на она најважното – емотивно ниво, да биде само психички охрабрена.  Доколку не е доволно и финансиски охрабрена, таа повторно ќе се врати кај насилникот. Исто така, не ретко се случува насилниците да ги знаат или пак да бидат подучени од други луѓе за „дупките“ во законите и да ги искористат како добра можност за да ја контролираат жртвата. Тие се толку фокусирани на идејата да ја видат жртвата беспомошна, што некогаш и на штета на сопствените деца, одлучуваат да ја „казнат“ жената и со тоа да ѝ „докажат“ дека таа не може сама, дека е зависна од него.

„Немам никој освен него“

Во случај на развод, децата обично секогаш се доделуваат на мајката од страна на судот, освен во одредени исклучоци и тоа е многу важно за мајката, но, тука се поставува прашањето на делење на одговорност при одредени ситуации. Колку одговорностите и обврските се заеднички?  Кога, на пример, ќе се разболи детето, или се на училиштен распуст, тие се на одговорност на мајката, а отсуството од работа се сфаќа или како посебна привилегија или пак самото работно место не трпи да има толку чести отсуства, па ова понатаму влијае на задржување на работното место. Насилникот многу често не сака да соработува со жртвата, па  сите овие работи ја отежнуваат работната интеграција или пак напредокот на работно место.

„Ќе те видам кој ќе ти ги чува децата кога ќе ме оставиш, а ќе мораш на работа. Ни мене ни мајка ми немој да нѐ планираш во однос на децата. Ќе се договорам со газдата на работа, да ме одјави, па ќе земам и поголема плата и нема да има основ за алиментација. Ќе те видам без работа и без алиментација што ќе правиш. Има да ме молиш како куче пред врата, па после надвор во куќата за кучето ќе спиеш“ – споделува жртва на семејно насилство.

Жена која додека живеела со насилникот била подложна на психолошко насилство, обезвреднувана, обесхрабрувана, со значителено намалена или целосно уништена самодоверба, секако дека не верува дека може да продолжи сама. Со текот на времето, насилникот ја оттргнал жртвата од својата поддржувачка средина, па сега единствените информации што таа  ги добива се всушност заканите кој тој и ги упатува.

„Ми велеше дека сите се љубоморни на нашата „голема“ љубов и на посебната врска која ја имаме и дека сум премногу наивна да го видам тоа. Ми зборуваше и колку не ме почитува моето сопствено семејство и дека секогаш се на страната на сестра ми. Од сите се оддалечив и со многу луѓе изгубив комуникација. Кога сакав да побарам помош или совет од некој близок за насилството кое стана неподносливо, тогаш всушност се освестив дека јас немам никој освен него“ – вели жртва на семејно насилство.

За жената конечно да одлучи да проговори, да го пријави, да го остави и да не му се врати на насилникот, клучна е  вистинската и навремена информираност за своите права, но, секако и довербата во институциите, функционирање на соодветни услуги за жртвите, но и јакнење на свеста кај околината, и работа со насилниците. Важно е да се познава законската рамка, но, и динамиката на насилство. Што и да одлучат да преземат, жените жртви треба да се сигурни дека имаат поддршка од некого. Дури и да не се решат веднаш на она на што ги советуваме, информациите остануваат во нив и можеби ќе ги искористат после неколку години, ама секако ќе бидат важни за жртвите низ процесот да поминат побезболно и побезбедно.

Како да препознаете насилник?

Тоа се луѓе кои лесно се фрустрираат. Тие се подложни на чести негативни промени во расположението, кои се манифестираат со обвинувања, критики, игнорирање или, во крајна линија, физички закани кон другите. Лесно избувнуваат и за тие нивни реакции ги обвинуваат другите луѓе. Најчесто такви лица се поединци кои пораснале во дисфункционални семејства, како и оние кои пораснале со некаков облик на семејно насилство. Особено зголемена склоност кон насилство можат да имаат мажите чии мајки биле покорни во таков систем, т.е. што не се спротивставувале. Во таков случај се добиваат „скриени“ пораки од двајцата родители дека таквото однесување е правилно. Затоа треба да постојат програми кои ќе работат со насилникот, затоа што жртвата и да излезе од таква насилна средина, тоа не значи дека и насилникот нема да биде насилен во следните врски. Исто така треба да се работи на подигање на свесност и јасност на границите во машко-женските односи, бидејќи децата кои растат во вакви и слични врски стануваат нови генерации насилници или луѓе со нарушувања во однесувањето во зрелата возраст.

Доколку сте жена жртва на семејно насилство…

Постојат повеќе програми кои работат со жени жртви на семејно насилство кои најчесто се однесуваат на психосоцијална или правна поддршка. Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“ од неодамна работи според верификувана програма „Социјално менторство за работна интеграција“ која е адаптирана да одговори на економско јакнење на жени жртви на семејно насилство, (се спроведува во партнерство со Германското друштво за интернационална соработка – ГИЗ и UN Women). Програмата, (која е дел од регионалната програма “Ending violence against Women: Implementing norms, changing minds”), има за цел преку еден холистички пристап да ги поттикне и охрабри жените да се свртат кон себе си, да работат на препознавање и поттикнување на своите квалитети и тие да ги стават во фукнција за посоодветно вработување. Освен овозможување на услугата  социјално менторство за работна интеграција, поддршката предвидува и обуки соодветно интересите на жените кои се вклучени, а сѐ со цел да станат поконкурентни на пазарот на трудот. Покрај останатите услуги (психосоцијална, правна поддршка, згрижување во Шелтер центар), оваа е една од клучните за зајакнување на жените кои преживеале насилство. Со ова, веруваме дека жените конечно ќе можат да се одлучат да излезат од насилната средина или пак оние кои веќе излегле – да не се вратат во неа.
Доколку сте жена жртва на семејно насилство и сметате дека ви е потребна ваква поддршка, обратете се на следниов емејл [email protected].
Доверливоста ни е приоритет и никакви информации нема да бидат споделувани.
(Авторката е социјална менторка во „Паблик“)

Магдалена Чадиноска Кузманоски

Фото/насловна илустрација: Empower vector created by storyset – www.freepik.com



LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here