Климентина Илијевски е извршна директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, организација која десет години активно работи на полето на социјалната вклученост, социјалното претприемништво и социјалното влијание во Северна Македонија. Преку долгогодишното работење со ранливите луѓе, Илијевски ја препозна потребата од методологија која ќе овозможи одржлива интеграција на ранливите групи на луѓе при вработувањето, а со тоа се роди и социјалното менторство. Во ова интервју, дадено за UN Women Skopje, Илијевски ја опишува програмата за социјално менторство насочена кон економско реинтегрирање на жените кои преживеале насилство, преземена во рамките на регионалната програма на UN Women, финансирана од ЕУ, за ставање крај на насилството врз жените „Спроведување норми, менување умови“.
Каков е пристапот на вашата организација за економска реинтеграција на жените кои преживеале насилство и зошто е успешен?
„Паблик“ е организација која што работи на полето на работна интеграција на ранливи лица. Ранливоста ги прави потешко вработливи поради фактори кои што доаѓаат од поединецот, од микро средината и од макро средината. Нашиот приод темелно ги проучува овие фактори преку директната работа со жените жртви на родово базирано и семејно насилство преку методологија за работна интеграција адаптирана на оваа група. Во исто време фокусот го ставаме и на нивните афинитети и капацитети кои преку дополнителна поддршка се надградуваат и развиваат. Оваа комбинација на директна работа на надминување или ублажување на предизвиците кои што ги прават потешко вработливи и на развој на нивните капацитети е основата за нивен успешен влез на пазарот на труд. Во исто време, методологијата вклучува и алатки за поддршка и следење при процесот на интеграција на овие жени на самото работно место, вклучува и професионален ментор – лице кое што кај менторираното лице ги развива професионалните вештини и е дел од тимот вработени во бизнисот. А паралелно социјалниот ментор во соработка со „Паблик“ дава и поддршка на менаџментот кај бизнисите во создавањето инклузивни работни места.
Жените жртви на насилство се водени од обучени социјални ментори (ментори за работна интеграција) кои што се едуцирани преку верификувана програма, а во Северна Македонија веќе и постои регистрирано занимање – ментор за работна интеграција.
Какви потреби адресира вашата интервенција и кои се главните предизвици?
Економската стабилност е еден од клучните фактори за една жена жртва да почне да функционира надвор од кругот на семејното насилство. Одлично е што се развиваат и иницијативи за поддржано домување зашто дел од жените не се одлучуваат да го напуштат насилникот поради отсуството на дом и ниски или никакви парични примања. Во суштина, еден дел од нив влегуваат во групата на потенцијални бездомници и решавањето на станбеното прашање е исклучително важно на патот кон економската независност.
Но, клучниот проблем е што тие не го пријавуваат насилството и одлучуваат да живеат во сенката на насилникот, а бројни фактори влијаат на оваа нивна одлука.
Пред сѐ, важна е довербата во институциите за жртвите да се охрабрат да пријават насилство. Поразителен е фактот што само 2% од жените кои доживеале насилство од нивните сегашни партнери пријавиле во полиција, а сведочиме зголемени стапки на семејно насилство особено со почетокот на пандемијата. Ова покажува недоверба во институциите, а нивната неефикасност ја сведочат и социјалните менторки при секојдневната работа на терен. Сензитизирана полиција и сензитизирани социјални работници во Центрите за социјална работа кои ќе бидат во служба на жените жртви и нема да ги осудуваат е првиот чекор за да се охрабрат жените жртви да пријавуваат насилство. А за ваков приод од страна на институциите постојат социјални технологии кои што докажано носат резултати. Исто така, важно е да се испрати порака до сторителите за решеноста на државата ефикасно да го спречи насилството и да дејствува да ги заштити жртвите.
Она што е наш фокус – работната интеграција е нешто што следува откако ќе се создадат услови за започнување ваков процес зашто во спротивно, не можеме ни да очекуваме резултати од активноста. Затоа работата со оваа група бара мултисекторски пристап од здруженија на граѓани, институции и бизниси кои што заеднички ќе придонесат во минимизирање на пречките кои што го отежнуваат вработувањето и задржувањето на работното место.
Кои се главните предизвици и како се справувате со нив?
Како што напоменав, предизвиците се бројни и само холистички пристап во нивно надминување може да направи позитивна разлика.
Често овие жени имаат ниска самодоверба, лоша слика за себеси, па првата фаза од социјалното менторство подразбира нивно јакнење, себеспознавање, откривање на силните страни, капацитети и афинитети. Кога веќе е јасна насоката на нивниот професионален пат, се прават првите чекори за влез на пазарот на труд. Но, ова движење не е ни малку лесно, поради неподготвеноста на системот да биде поддршка на жените жртви кон нивно економско осамостојување. Нивните деца тешко се запишуваат во градинка, а треба да имаат приоритет зашто на тој начин им се отвора простор за нивното економско зајакнување. Особено во помалите средини постои стравување кај работодавачот дека насилникот ќе прави проблеми на работното место што може да се одрази и на работниот процес, а следната пречка е неподготвеноста на бизнисот да овозможи флексибилно работно време или работа само во прва смена поради отсуството на поддршка околу чување на децата од поблиското опкружување на жената – жртва. Затоа градинки што работат и во попладневните часови стануваат неопходност, а неопходна е и континуираната поддршка што треба да ја добијат бизнисите за соодветна интеграција на овие лица.
Заедно со УН Воман до крајот на годинава го пилотираме социјалното менторство за жени жртви на насилство. Ова е и период кога ќе ги адресираме и пречките кои ја отежнуваат работната интеграција на жените жртви, после што ќе дефинираме и препораки за нивно надминување.
Кои се вашите партнери во спроведувањето на овој модел? Зошто е важно да се здружат јавните и приватните институции додека се работи на економската реинтеграција на жените кои преживеале насилство?
Партнерството и мултисекторскиот пристап провејува низ овој разговор. Да, тие се клучот за успешна економска интеграција, но и за создавањето одржливи работни места. Ова е еден испреплетен систем и доколку некоја од алките не е или не се успее да се стави во служба на системот, се одразува на крајниот резултат.
Низ едукативната програма за социјалните ментори ги подготвуваме овие професионалци да бидат конектори, да можат јасно да го видат системот, нивната улога во него, а и улогата на секој од останатите чинители кој може да се поттикне да биде во служба на крајната цел – економска интеграција на менторираните лица.
Во постојана комуникација сме со здруженијата на граѓани кои што работат на обезбедување психолошка поддршка и правна помош за жените жртви, нивното искуство и знаење ни се особено важни во градењето соодветен пристап кон оваа ранлива група, преку нив обезбедуваме и интервентни сесии за нашите социјални ментори зашто работата со оваа група е често придружена со непредвидливи моменти на кои што треба брзо и информирано да се реагира. Преку нив ги вклучуваме и жените жртви на насилство во социјалното менторство, а во мапирањето се активно вклучени и Центрите за социјална работа. Во помалите градови нема здруженија на граѓани кои што се специјализирани за оваа проблематика и информациите ги црпиме исклучиво од Центрите за социјална работа. Некои од нив се целосно отворени и даваат значаен придонес во интегрирањето на жената жртва, а даваат и поддршка во олеснување на пристапот до различни форми на парична социјална помош. И овој круг го затвораат бизнисите. Нивната сензитизација за создавање услови за инклузивни работни места ќе биде наш приоритет во текот на оваа година. Се започнува од добро подготвен менаџмент, а доколку утврдиме дека бизнисот не е спремен соодветно да го интегрира менторираното лице, не се одлучуваме за соработка зашто ни е исклучително важно жената жртва да влезе во средина каде што ќе биде почитувана, охрабрувана и каде што ќе има можност за професионален развој.
Според вас, како може вашата работа да се имплементира и во други заедници, земји и во регионот?
Социјалното менторство веќе се тестираше во пет земји – Северна Македонија, Србија, Босна, Косово и Албанија и во секоја од нив се препознава потребата од ваков профил- социјален ментор (ментор за работна интеграција), професионалец кој што го поддржува преодот од социјала кон пазар на труд кај потешковработливите лица. Во некои од земјите социјалното менторство веќе се имплементира во програмите за работна интеграција во рамки на здруженија на граѓани, а тенденцијата е во секоја од набројаните земји, социјалниот ментор да биде професија препозната во системот.