Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“, изминатиов период, одржа две сесии со фокус на придобивките од социјалното менторство, со тимовите на партнерските организации, „Осмех“ од Власотинце, Србија и „Култ“ од Босна и Херцеговина.
Оваа иновација на „Паблик“, која претставува сет од алатки, го обедини регионот во намерата да создаде услови за на тешковработливите да им се овозможи поддршка за влегување и задржување на пазарот на трудот.
И додека во минатото инклузијата најчесто беше тема која што им беше оставена на институциите и на здруженијата на граѓани, тие да се занимаваат со ова прашање, денеска ова сѐ почесто станува прашање кое што ги засега и бизнисите.
Според извршната директорка на „Паблик“, Климентина Илијевски, од 2008 година наваму, а особено со почетокот на пандемијата, сѐ поприсутно станува прашањето за одржлив развој и одржливи бизниси, што дојде како резултат на последиците од зголемените нееднаквости во општествата и енормното искористување на природните ресурси, што, пак, доведе до бројни еколошки катастрофи и неможност да се излезе на крај со климатските промени.
– Неопходно е да се пристапи кон реосмислување на бизнисите и создавање бизниси со цел, но и реосмислување на општествените системи кои што ќе мора да се справат со последиците од претходните технолошки револуции кои создадоа длабоки нееднаквости и штети за животната средина. Во исто време, новите општествени системи треба да обезбедат и соодветни одговори на тековната криза и транзиција кон новата улога на бизнис секторот во создавањето одржлива економија, вели Илијевски.
Во посакуваните општествени системи, додава таа, инклузивните работни места, инклузивните бизниси и инклузивниот раст се високи приоритети.
– Во нив растот нема да се следи само преку БДП, туку преку сет индикатори кои истовремено ќе носат информација – кој има бенефит од економскиот раст, дали растот е одржлив во однос на ефектите врз животната средина, како тој влијание врз благосостојбата на луѓето, наагласува Илијевски.
Извршната директорка на босанската компанија „Softhouse Balkans“, Самира Нухановиќ, присутна на онлајн сесијата, вели дека нивната компанија постојано вложува во градење здрави релации меѓу вработените, базирани на вредности. Покрај редовните договори за соработка, оваа компанија склучува и партнерски договор со секое вработување, кое го зема предвид односот и вредностите помеѓу компанијата и работодавачот.
– Извршниот директор и компанијата не гледаат на луѓето како ресурс, туку како потенцијал со конкретен сет на вредности. И ова не е нешто што функционира на хартија, туку е секојдневна заложба на компанијата, вели Нухановиќ.
Активностите чија цел е да ги поттикнат вработените да дејствуваат низ призма на вредносите, најчесто се во форма на предавања и работилници кои резултираат со ефект врз доброто на заедницата на компанијата.
– Вработените учат како да си дадат фидбек едни на други, како да го развиваат тимскиот дух, како да водат. Затоа што, секој работник може да биде лидер на одреден работен дел, додава Нухановиќ, нагласувајќи и дека, како поддршка за поширокиот развој на заедницата, компанијата користи ресурси за да подучува и имплементира и заложби за остварување на Целите за одржлив развој, (SDG), во рамките на работниот, но, и надвор од работниот опсег.
За социјалната менторка од Македонија, Магдалена Чадиноска Кузманоски, целта на социјалнотот менторство не е вработување по секоја цена, туку препознавање одредени вредности или висок праг на разбирање за ранлвите категории лица, посебно од страна на лидерот.
– Не го оставам менторираното лице во средина, во која ни јас самата не би работела. Програмата повикува да бираме каде ги вработуваме нашите менторирани лица, затоа што нашата цел е да да чувствуваат пријатно, корисно и посакувано на тие работни места, вели Чадиноска Кузманоски.