Улогата на социјалната економија во постпандемиската криза, беше главниот фокус на настанот во организација на Diesis Network, Европска мрежа специјализирана во обезбедување поддршка за развојот на социјалната економија и социјалните претпријатија во Европа, што се одржа вчера.

Целта на оваа онлајн средба, на која свој претставник имаше и „Паблик“, беше приближувањето на креаторите на политики и на активните актерите во социјалната економија. Акцентот на стартот на низа вакви настани кои ќе следат, беше ставен на екосистемот на социјална економија во регионот на Западен Балкан, и можноста за унапредување на регионалната соработка. Секоја од членките на Мрежата во регионот ја донесе сликата за социјалната економија во својата земја, посебно во период на Ковид 19, како и во поглед на релацијата: ЕУ – Западен Балкан.

„Социјалните претпријатија треба да бидат дел од економските реформи. Социјалната економија ќе ја одигра основната улога во понатамошниот социо-економски развој во регионот, но, исклучително важен момент е и регионалната соработка“, беше еден од заклучоците на средбата.

Во дискусијата, дел од серијата работилници насловени „Diesis Policy Lab“, наш активен учесник беше истражувачката Александра Илоска.
Таа, меѓу другото, се осврна на екосистемот за социјални претпријатија во нашата земја, укажувајќи на слабите компоненти како: отсуството на политичко признавање, инструментите за социјални финансии и пристапот до образование за социјално претприемништво, но, и на постоечкото ограничено перципирање на социјалните претпријатија.
Исто така, говореше и за развојот на првата Национална стратегија за социјални претпријатија, чија основна цел е воспоставување на одржлив и негувачки еко-систем.

Од регионот, на средбата присуствуваа и претставници на организациите: „KorSе“, (Србија), „ADP=ZID“, (Црна Гора), „Partners Albania“, (Албанија), и „CDP Globus“, (Босна и Херцеговина).

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here