Центарот ќе работи во склоп на Економскиот факултет во Скопје, а освен инаугуративен говор, планиран е и вебинар на тема „Креирање бизниси базирани на вредност“

Еден од најзначајните говорници и глобални лидери на темата социјални бизниси, нобеловецот Мохамед Јунус, утре, во 14 часот, ќе биде главен гостин на онлајн настанот што се организира по повод  официјалното отворање на Јунус центарот за социјални бизниси. Центарот ќе работи во склоп на  Економскиот факултет – Скопје кој  се приклучува на Глобаланата мрежа на центри за социјални бизниси основани на повеќе од 80 универзитети низ целиот свет.

Јунус центарот за социјални бизниси е истражувачки хаб за социјални бизниси основан од професорот по економија Мохамед Јунус, добитник на Нобеловата награда за мир во 2006 година. Центарот ги следи принципите и упатствата на професорот и се обидува да ја унапреди улогата на социјалниот бизнис во решавањето на најитните, приоритетните проблеми во општеството поврзани со сиромаштијата, нееднаквоста, невработеноста, општествената инклузија, деградацијата на животната средина, како и унапредување на општествената благосостојба и квалитетот на живот на одржлив и ефективен начин.

– Јас верувам дека ако некој знае како да го реши проблемот на едно лице, тој всушност го има најдено никулецот на можното решение на тој ист проблем за целиот свет. Бидејќи се работи за повторување. Во Македонија ќе се обидеме да создадеме мал никулец на можно решение, и кога ќе се осигураме дека функционира, тоа ќе биде и за целиот свет. Решението на проблем од светски размери не е тешка работа. Сѐ што е потребно е сосема мал пример. Тоа што ме охрабрува да го кажам ова, е фактот дека кога ги дизајнирав микрокредитите немав претстава дека тоа би било корисно во Македонија или во САД. Јас само се обидував да го решам проблемот на селото кое беше во мојата непосредна околина. Иницијативата се прошири прво низ целата земја, а потоа и низ светот. Не ни требаа некои посебни средства. Тоа беа мои пари. Тоа е она што го очекуваме од секој од Јунус центрите, мали идеи од кои некои се исклучителни, некои не можеби толу на почетокот, но, со тек на време, и мала идеја може да стане исклучително моќна. Тоа е она што го бараме, рече нобеловецот во најавното интервју чија целосна содржина ќе биде објавена во новиот број на уличното списание за одржлив развој „Лице в лице“

Настанот ќе го отворат Предраг Трпески, декан на Економски факултет, Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, Фатмир Битиќи, заменик претседател на владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции.

Во рамки на утрешната средба ќе се одржи и вебинар на тема „Креирање бизниси базирани на вредност“ посветен на градењето екосистем за поддршка на социјалните бизниси. на кој што учество ќе земат Стојан Дебарлиев, професор на Економскиот факултет, Јагода Шахпаска, министерка за  труд и социјална политика, Климентина Илијевски, извршна директорка на „Паблик“, како и  Миндаугас Данис, експерт во актуелниот проект на Министерството за труд и социјална политика, „Поддршка на социјалните претпријатија“.

Овој настан е и најава за Форумот на добри компании, кој го организира Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, на кој учествуваат реномирани претприемачи од светот, иницијатори на социјални бизниси, лидери, професори, консултанти за одговорни бизниси, а ќе се одржи на почетокот на следната година во соработка со Јунус центарот и со Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ).

Споделување исксутва поврзани со концептот за социјален бизнис

Целта на новоформираниот Центар за социјални бизниси „Јунус“ во рамките на Економскиот факултет при Универзитетот „Св Кирил и Методиј” во Скопје е да се развијат и реализираат акциони програми за социјални бизниси, курсеви, обуки, семинари, конференции, истражувања, публикации, лаборатории за социјален бизнис, инкубатори, акцелераторски програми, програми за размена, посети, стажирање и програми за стипендии.
Центарот ќе овозможува на академскиот кадар, студентите и луѓето од бизнис, јавниот и граѓанскиот сектор да споделуваат знаења и искуства поврзани со концептот на социјалниот бизнис, како и да го промовираат концептот низ различни универзитети и региони. Исто така, ќе претставува место за различни видови на волонтерска и практикантска работа преку кој студентите дознаваат и учат за социјалниот бизнис, а ќе можат да реализираат претприемачки идеи кои иницијално ги работеле на предметните програми на Факултетот.

За следење на настанот, ве молиме да се регистрирате на линкот:  https://us02web.zoom.us/meeting/register/tZArdOmvqz8pG9LKnjUxDOyRVsWwNZtISm1j
После извршената регистрација автоматски ќе добиете линк за вклучување.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here