Дванаесет социјални ментори – ментори за работна интеграција, од денес ќе ги менуваат животите на тешко вработливите лица. Денес и официјално им беа врачени сертификатите за улогата која ќе ја имаат во време на многу предизвици и промени во светот на работата.
Настанот во хотел „Солун“ беше заокружување на шестмесечната верификувана едукативна програма за социјални менторство низ која поминаа носителите на идната професија, а чиј креатор е Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“.

Признанијата ги додели министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, која истакна дека вложувањето во развојот на човечкиот капитал е вложување во развојот на едно општество.

„Воспоставувањето на социјалното менторство за работна интеграција ќе приднесе за надградување и развој на социјални работници, психолози и други профили од општествените науки, профилирајќи ги како ментори за работна интеграција – клучната алка што овозможува да се направи соодветен премин од социјалната заштита кон пазарот на труд. А од друга страна, овозможува капацитетите на тешко вработливите лица во земјава да се стават во функција, што носи придобивка и за ранливите категории на граѓани и за државата. Потребата од вакви професионалци станува сѐ понеопходна и затоа создаваме услови за развој на социјалното менторство во земјава“, истакна министерката Тренчевска.

Оваа методологија „Паблик“ ја развиваше во рамки на „Регионалното унапредување на социјалното менторство како пристап за активирање на пазарот на трудот за ранливите лица“ во соработка со Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ), и на таков начин внесува промени во системите на социјална заштита во Северна Македонија и во Западниот Балкан.


„Ова е одличен пример за тоа како донаторите и локалните партнери треба да работат заедно. Гледаме огромна улога на социјалното менторство во нашата заедничка борба против социјалната исклученост. Во новиот свет на работа кој се повеќе ќе се дигитализира и автоматизира, неопходно е да размислуваме за нови пристапи за да обезбедиме инклузивност на пазарот на трудот и на работните места. Затоа целосно го поддржуваме развојот на оваа нова професија која го овозможува преминот на маргинализираните групи од социјална исклученост кон отворениот пазар на труд“, истакна Ото Граф, заменик амабасадор на Република Германија во земјава.

Улогата на социјалните ментори е да бидат партнери на компаниите и на институциите, во процесот на интеграција на ранливите лица на пазарот на трудот. Но, пред сѐ, тие се партнер на менторираните лица кои имаат потреба од поддршка при работна интеграција.

„Овие  професионалци со своето делување решаваат клучни проблеми во општеството – од лицата кои што се заборавени, оставени на маргините, создаваат стабилна работна сила преку поддршката што ја добиваат, а кај бизнисите го амортизираат проблемот со отсуството и одливот на работна сила едуцирајќи ги како да создадат услови за инклузивни работни места, како да имаат задоволни вработени и како ваквиот приод влијае на поголема ефикасност во нивното работење“, истакна Климентина Илијевски, извршна директорка на „Паблик“, Асоцијација за истражување, комуникации и развој.

Според неа улогата на социјалниот ментор е комплексна – тој е одличен познавач и на системот за социјална заштита и на потребите и предизвиците на тешковработливите, но и на потребите и предизвиците на бизнис секторот.
„Затоа верификуваната програма учи на холистички пристап на делување, отвореност, активно слушање, градење релации и тежнеење кон спојување на улогите на трите сектори – јавен, приватен, граѓански во создавањето услови за инклузивни работни места“, заокружи Илијевски.

Социјалните ментори изразија уверување и подготвеност дека ќе бидат надежта и движечката сила кај тешковработливите лица во интегрирањето на пазарот на трудот.

За социјалниот ментор Николина Николовска, самиот процес на социјално менторство претставува раст и развој на личноста, преку стекнување на вештини, кои се клучни во неговата изградба  во социјален ментор.

„Самиот процес на осамостојување значи и вклучување на пазарот на труд на лицата кои се менторирани. За да може лицата да се чувствуваат активни чинители на општеството, мора да бидат финансиски стабилни, во друг случај, тие може да потпаднат во бездомништво и повторно да влезат во системот на социјална заштита, како корисници на ГМП“, рече Николовска.

Главната интенција на социјалните ментори е да охрабрат, поттикнат, насочат, придвижат, променат. Да бидат мост помеѓу замислата за промена и вистинската промена. И сето тоа со една цел – создавање повеќе инклузивни работни места кои се од огромно значење за креирањето одржливи општества со еднакви можности за сите.

Линк до видео: https://www.youtube.com/watch?v=es9X_m_K398

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here