Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, во петок, 25 март, во хотелот „Солун“, во 15 часот, организира настан на кој официјално ќе бидат доделени сертификатите на првата група социјални ментори (ментори за работна интеграција) од Македонија.

Низ верификуваната програма поминаа 12 социјални ментори, кои освен со теоретски дел, знаењата ги заокружија и со практичен дел и генерираа резултати кои значат позитивна промена во животите на тешковработливите лица.

Улогата на социјалните ментори е да бидат партнери на компаниите и на институциите, во процесот на интеграција на ранливите лица на пазарот на трудот. Но, пред сѐ, тие се партнер на менторираните лица кои имаат потреба од поддршка при работна интеграција. Нивна главна интенција е да охрабрат, поттикнат, насочат, придвижат, променат. Да бидат мост помеѓу замислата за промена и вистинската промена. И сето тоа со една цел – создавање повеќе инклузивни работни места кои се од огромно значење за креирањето одржливи општества со еднакви можности за сите.

Социјалните ментори се алката што го прави спојот меѓу социјалната заштита и пазарот на труд. Тие ги поттикнуваат афинитетите кај потешковработливите лица, овозможуваат наградување на нивните капацитети и го трасираат нивниот пат кон пазарот на труд градејќи релации со бизнис секторот.

„Ветер во грб. Поддршка. Мотивација. Сила. Чувствувам дека не сум сама, туку чекорам со некој кој ме упатува, но, и чекори со мене“, беше само една од изјавите на менторираните лица изминатиов период, кои по процесот на работа со социјалниот ментор, прават одлучувачки потези кои ги изнесуваат од кругот на економска и социјална исклученост.

Сертификатите ќе ги додели минстерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска.

Креатор на методологијата и на едукативната програма за социјално менторство е Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“, која преку „Регионалното унапредување на социјалното менторство како пристап за активирање на пазарот на трудот за ранливите лица“ во соработка со Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) внесува промени во системите на социјална заштита во Македонија и во Западниот Балкан.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here