Кои се клучните двигатели за трансформација на сопственоста на бизнисите кон вработените во мали и средни претпријатија? Каква е нивната иднина? Колкав е нивниот импакт врз социјалната економија?
Ова се дел од прашањата што ќе бидат во фокус на настанот кој ќе се одржи на 6-ти јули 2021, во Сан Себастјан, Шпанија, а ќе биде достапен и онлајн.
Коорганизатор и учесник е и Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, како дел од проектот IN4BTE (Информации, консултации и права на учество, како фактор за успех во трансферот на бизнисите кон вработените во мали и средни претпријатија).

Настанот има за цел да донесе различни перспективи врзани за важноста на трансферот на бизнисите кон вработените – како клучен фактор за економското и социјално зајакнување во Европа. Различни засегнати страни ќе дискутираат носечки предизвици и можни решенија, како: важноста на постојната законска рамка, даночните и финансиски алатки, улогата на синдикатите, инклузијата на пазарот на трудот, доброто управување…
Во рамки на самиот настан (линк за регистрација), ќе бидат презентирани и досегашните резултати од проектот IN4BTE (Информации, консултации и права на учество, како фактор за успех во трансферот на бизнисите кон вработените во мали и средни претпријатија), кои ќе укажат на неопходноста од сет конкретни алатки и активности за унапредување на резултатите во оваа сфера.
Моделот на трансфер на бизнисите кон вработените (откупување на компаниите од страна на вработените, WBO – workers buyouts), кој подразбира работниците да стекнуваат сопственост и контрола врз компанијата, е начин преку кој тие можат да одиграат клучна улога во спасување на компаниите кои се соочуваат со затворање, задржувајќи ги своите работни места. При тоа, се осигуруваат дека знаењето стекнато со години работа – нема да исчезне. Истражувањата покажуваат и дека, вработените кои ги поседуваат бизнисите, ја зголемиле сопствената продуктивност за 33 отсто за период од четири години, за разлика од вработените во конвенционалните бизнис, каде таа продуктивност изнесува само 17 отсто, стои во Извештајот од истражувањето спроведено во рамките на проектот IN4BTE (Информации, консултации и права на учество, како фактор за успех во трансферот на бизнисите кон вработените во мали и средни претпријатија).

– Иако постојната регулаторна рамка во Северна Македонија ги препознава и промовира консултациите и учеството на вработените во управувањето со компаниите, праксата останува неразвиена. Како резултат, во земјава не постојат примери на компании кои се откупени од своите вработени и покрај тоа што оваа пракса е препознаена и брзорастечка во земјите на Европската Унија, особено во услови на финансиска криза. Праксата покажува дека преку овој механизам, во услови на криза се спречува банкротирање на компаниите, а со тоа и се заштитуваат и работните места. Искуствата покажуваат дека обезбедувањето на пристап до финансиски средства со кои би им се овозможило на вработените да ја откупат компаниите, се клучни за развојот на ваквата пракса, вели Александра Илоска, истражувачка во „Паблик“, која ќе биде и учесник на настанот.

На европско ниво, пак, секоја година, илјадници претпријатија се соочуваат со процесот на преструктуирање и сукцесија. Студијата „Динамика на бизнисот: почетни активности, деловни трансфери и стечај“, објавена од Европската комисија во 2011 година, проценува дека 450.000 претпријатија во ЕУ, кои обезбедуваат два милиони работни места, секоја година доживуваат трансформација. При тоа, ЕУ може да изгуби приближно 150.000 од овие претпријатија, (што претставува 600.000 работни места), бидејќи нивните сопственици се пензионираат, формираат нов бизнис или бараат други можности, но, не можат да најдат никого да ги преземе нивните фирми (Socioeco, 2013).
Истражувачката организација EURICSE дава податок дека враќањето на економската контрола во рацете на работниците и заедниците преку практики на колективно претприемништво, е важен чекор што може да промовира и завцрсти концептот на социјална пазарна економија, зацртана во Договорот за ЕУ.
И на неодамна одржаниот настан „Улогата на социјалната економија во градењето инклузивни деловни модели: Бизнисите по Covid-19“, чија главна цел беше да се продолжи со дебатата за Акциониот план на ЕУ за социјална економија што е во фаза на развој и да се приближи оваа иницијатива до засегнатите страни од Западен Балкан, претседателот на Social Economy Europe, Хуан Антонио Педрино, укажа на важност од трансфер на бизнисите и на новата улога што ја презема социјалната економија во економското и социјалното закрепнување на Европа.

–  Преку социјалната економија, го претставуваме клучот за промовирање инклузивни модели, за многу поинклузивни општества, во кои, социјалните претпријатија ќе одиграат важна улога. Ни се отвораат прозорци со можности, а сега е моментот кога треба да погледнеме кон нив и да ги употребиме најсоодветно. Многу е важно да зборуваме за подобрување на квалитетот на живот на луѓето, а клучна оска овде е токму човекот. Зборуваме за одржлива и интелигентна обнова, во која никој нема да биде изоставен. Образованието, земјоделскиот сектор, зелените бизниси, се дел од оваа структура во која деловниот дух е трансформиран и се намалуваат ефектите од кризата врз стопанството – рече Педрино во своето излагање, кој ќе биде дел и од настанот на 6-ти јули.
Тој посочи и на моделот на откупување на компаниите од страна на вработените како важни чинители во социјалната економија, потенцирајќи ги добрите примери од Италија и Шпанија со кои се зачуваа илјадници работни места.
– Реструктуирањето и обновата на вакви модели претпријатија во криза, треба да го зачуваме и надградуваме, а тоа подразбира и одредни законски промени, за да се олеснат процесите за вработените. Улогата на социјалните претпријатија и на социјалната економија е многу важна, а заздравувањето и трансформацијата на претпријатијата е во рацете на вработените – нагласи претседателот на „Социјална економија Европа“.
Агендата за настанот на 6 јули е достапна на линкот.

Пристап до вести за настанот на социјалните мрежи:

https://www.facebook.com/diesis.coop/posts/1980747202083240

https://twitter.com/Diesiseu/status/1409505241310113799?s=20

https://www.linkedin.com/feed/update/urn:li:activity:6815271137661059072

 

Претходни објави (Previous article)Социјалните ментори се новите агенти на промени на инклузивниот пазар
Следни објави (Next article)СТОП за лажните вести и говор на омраза!