Маргинализираните групи сограѓани отсега ќе може да бидат зајакнати со вештини и знаење кои ќе им овозможат поподготвени да влезат на пазарот на трудот, и со тоа да водат самоопределен и финансиски независен живот.
Нивните капацитети ќе бидат поддржани со улогата на новопрепознатото занимање во земјава, ментор за работна интеграција, чија едукативна програма е верификувана и од страна на Центарот за образование на возрасни.
Регионов, вклучително и Македонија, неодамна, по шестмесечна едукација, ги доби првите 10 социјални ментори (ментори за работна интеграција), чија главна цел е насочувањево професионалниот и во личниот развој на ранливите лица.

Креатор на оваа методологија е Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“, која преку „Регионалното унапредување на социјалното менторство како пристап за активирање на пазарот на трудот за ранливите лица“ во соработка со Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) прави значителни поместувања во системите на социјална заштита во Македонија и во Западниот Балкан.

– Бројните состаноци што се спроведоа со бизнис секторот, со институциите и со граѓанскиот сектор во текот на изминатава година во земјите од регионов ни покажаа дека професијата ментор за работна интеграција станува неопходност на патот кон создавање инклузивни работни места. Податоците од терен покажуваат дека не е доволно на тешковработливото маргинализирано лице да му биде најдена работа, предизвикот е како тоа лице да се задржи на работното место, како да добие работно место усогласено со неговите афинитети и како на тоа место професионално да се развива. Пречките за влез на пазарот на труд се бројни и методологијата што „Паблик“ ја разви ги препознава и го води лицето кон нивно согледување, ублажување, надминување – вели Климентина Илијевски, извршна директорка на „Паблик“.
Најтешко се решаваат системските пречки, додава таа, кои што понекогаш успеваат да го блокираат целиот процес на развој.

– Предизвиците што го оневозможуваат влезот на маргинализираните лица на пазарот на труд се бројни и доаѓаат и од поединецот, и од микросредината и од макросредината. Надминувањето на овие бариери на сите нивоа е паралелен процес, но, се случува најмногу да заглавиме на крутиот, нефлексибилен систем, а сето ова прави и негативно влијание на резултатите што сме ги постигнале на лично ниво кај тешковработливото лице и на резултатите во неговата микросредина (семејството) која што е исклучително важно да е поддржувачка – објаснува Илијевски.

Дизајнот на едукативната програма за ментори за работна интеграција е одговор на на потребата да се создаде структурно водење на тешковработливото лице преку професија која што верувама дека во следниов период ќе биде се попрепознаена и побарана – ментор за работна интеграција што подразбира нов профил на  на работно место во областа на социјалната заштита и социјалните услуги, кои во моментов не постојат, ниту во граѓанскиот сектор, ниту во јавните институции.

И во двата сектора има искуство и знаење, кое не е интегрирано во структурниот менторски пристап и оперативното управување со процесот на работна интеграција на ранливите луѓе, смета Илијевски.

Иницијативата, всушност, е резултат на долгогодишната работа на „Паблик“на полето на работна интеграција преку уличното списание „Лице в лице“ кое го продаваат лица од ранливи групи и кое го користи социјалното менторство во поддршка на продавачите да се интегрираат на отворениот пазар на труд.  А едукативната програма и методологијата за со­ци­јал­но менторство произлезе од потребата за изработка на оперативен протокол за активација, мо­ти­ви­ра­ње и за задржување на работа на овие лица на отворениот пазар за труд.

– Ние, како социјални ментори, со засилени професионални капацитети, веќе сме активни на терен во рамки на своите матични организации. Низ целиот процес на работа со менторираните лица, конкретно јас со продавачите на „Лице в лице“, ги препознаваме нивните афинитети, работиме на подобрување на нивните вештини и заеднички создаваме креативен импулс, кој ќе ги охрабри полесно да се вклучат во работни активности, а со тоа и да се влијае на нивната инклузија, вели Магдалена Чадиноска Кузманоски, која е дел од пр­ва­та генерација социјални ментори во земјава и регионов, (вклучувајќи ги и Косово, Албанија, Србија и Босна и Хер­це­го­ви­на).

Првите десет социјални ментори, или како што се препознаваат од опкружувањето и како агенти на промени, се едногласни дека ќе биде потребно време, и кај менторираните лица, за успешно да се наосичи поддршката, но, и кај бизнисите, за да ја увидат потребата од вклучување на овие лица во работна интеграција.

– Кога работите со ранливи граѓани, секое поместување е успех, секоја новонаучена и применета навика е, исто така, успех. Постојано ги мотивираме, им укажуваме на грешките и така, заедно учејќи градиме меѓусебна доверба која е клучна во процесот, додава Чадиноска Кузманоски.

Инаку, во моментов во тек е Повик за учество во тренинг програма за избор на нова група ментори за работна интеграција.
Повеќе информации има на линкот.

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here