Губиме значаен потенцијал од неискористена работна сила

17.10.2019

„Секогаш треба да бараме опции кои што го активираат пасивното население, кое што не е пасивно по природа, туку системот го пасивизирал. Ова значи дека ние и свесно одлучуваме да губиме потенцијал од работна сила. Веќе се раѓаат и живеат такви иницијативи, како „Порака Неготино”, „Покров”, „Рето надеж”, и нивниот развој треба да биде поддржан на повеќе нивоа. Ваква поддршка е потребна и во Центарот за бездомници, зашто во лицата сместени таму има значаен потенцијал кој што само треба да биде канализиран. А бенефитите од ваквиот приод се повеќестрани“.

Ова беше дел излагањето на Климентина Илијевски, извршна директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, и главна и одговорна уредничка на списанието за одржлив развој, Лице в лице, на регионалната конференција на тема „Ефективна социјална заштита: поддршка на деца, семејства и заедници во борбата против сиромаштијата”, што на 14 и 15 октомври се случуваше во х. „Хилтон“, а во организација на Министерството за труд и социјална политика.

Гости на панел дискусијата, која се одвиваше на тема: бездомништво и социјално домување, како и можностите за заштита и зајакнување на бездомните лица и нивна поголема интеграција во општеството, покрај Илијевски, беа и Драгана Лазаревска од Црвениот крст на Град Скопје, Лилјана Алчева од „Хабитат Македонија“ и Љатифе Шиковска од организацијата „Амбрела“.

Модератор на дискусијата беше  Марина Матеска програмска раководителка во „Паблик“.

Инаку, во рамки на вториот ден на конференцијата се одржаа и други панел дискусии, со фокус на темите: јакнење на семејства, поликики, трансфери и услуги, грижа во заедницата: гласот на давателите и корисниците на услуги.

Наши партнери