Фондот за иновации и технолошки развој во моментов има активен Повик за социјално претприемаштво, чија цел е поттикнување развој на иновативни решенија за тековните социјални потреби и општествени предизвици (социјални иновации), обезбедувајќи притоа одржлив и инклузивен развој.

За таа цел, ФИТР овозможува бесплатна техничка помош, односно консултации со надворешни експерти ангажирани од страна на Фондот, во следните области:

– Бизнис планирање (бизнис идеја, изработка на бизнис модел, истражување и
валидација на нови клиенти/потрошувачи),
– Стратегија за пристап до пазари т.е. Go-to-market стратегија,
– Оперативан менаџмент.

Консултантските сесии ќе се организираат онлајн, индивидуално, во закажан термин.
Закажувањето е на тел: 02/3145 258 или на мобилен број 071 393 857.

Вкупниот буџет на Повикот изнесува шест милиони денари, додека за поединечен предлог проект ФИТР обезбедува до 90% од вкупниот буџет за проектот, во максимален износ од 1.500.000 денари, а апликантот треба да обезбеди минимум 10% од вкупниот буџет на повикот.

Рокот за аплицирање на повикот е до 22 октомври, до 14 часот, а дополнителни информации можат да се добијат на: https://www.fitr.mk/sp.

Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, заедно со „Бизнис Импакт Лаб“, ќе обезбедува индивидуална менторска поддршка за избраните натпреварувачи во рамки на овој Повик, која ќе се однесува во делот на комуницирањето на импактот, а ќе биде овозможен и пристап до национални и глобални програми за скалирање на бизнисите.

Преку овој јавен повик, Фондот за иновации и технолошки развој се обидува да понуди решенија за некои од клучните предизвици со кои се соочува социјалното претприемништво во земјата:

Недостаток на поддршка за финансирање.
Пристапот до соодветни финансиски инструменти е најголем предизвик за социјалните претприемачи. Постоечката понуда на финансиски инструменти не соодветствува со потребите и капацитетите на социјалните претприемачи и е недоволна во споредба со понудата што постои за комерцијалните претпријатија. Затоа, социјалните претприемачи се борат да го акумулираат потребниот капитал и главно ги вложуваат своите заштеди за да се справат со социјалните проблеми.

Способност за скалирање односно зголемување на капацитетот за раст и развој. Примарниот проблем со кој се соочуваат многу социјални претприемачи е недостатокот на можност за подигање на работењето на следно, повисоко ниво.

Двојност на мисијата.
Социјалните претприемачи се стремат да создадат општествена вредност со решавање на разни социјални проблеми кои нѐ оптоваруваат. Преку овој предизвик, со создавање на вистински деловен модел и стратегија, им помагаме на социјалните претприемачи да создадат модел кој е истовремено влијателен и финансиски одржлив.

Според Климентина Илијевски, извршна директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик”, изминатава деценија сѐ поактуелно станува прашањето за одржлив развој и одржливи бизниси што дојде како резултат на последиците од зголемените нееднаквости во општествата и енормното искористување на природните ресурси. Тоа, пак, вели таа, донесе бројни еколошки катастрофи, загуба на биоразновидноста, колапс на многубројни екосистеми, неможност да излеземе на крај со климатските промени. А поради ова вниманието се насочува и кон  социјална економија, социјално претприемаштво, социјални претпријатија, кон бизниси кои што решаваат еколошки и општествени проблеми.

– Вклучувањето на ФИТР во поттикнувањето на социјалното претприемаштво го гледам како еден од клучните чекори во развојот на социјалната економија во земјава. Ова е и поставување на основа за развој на социјални финансиски инструменти кои што толку многу им недостасуваат на социјалните претпријатија кај нас. Но, во исто време, овој повик отвора и нови хоризонти за приватниот сектор од кој веќе се очекува да биде поодржлив и поинклузивен, свртен не само кон профитот, туку и кон своето позитивно влијание врз природата, општеството, човекот, кон целите за одржлив развој. И што е најважно, овој повик поттикнува и промовира вредности, ја култивира намерата на сегашните и идни претприемачи својот иновативен капацитет да го стават во функција не само на својата компанија, туку и на својата заедница, нагласува Илијевски, најавувајќи ја поддршката на тимовите и тим лидерите на избраните апликанти во создавањето комуникација базирана врз влијанието што нивната социјалната иновација го има во општеството (поврзување на брендингот на компанијата и нејзиниот производ или услугата со општествениот импакт).

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here