Во организација на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“, на 2 јуни, во Фондацијата „Фридирих Еберт“, се одржа работен состанок за утврдување почетни активности за брзо дејствување на помош на ранливата група – лица кои се соочуваат со бездомништво, земајќи ги во предвид и постоечките форми на помош.
На оваа средба беа констатирани главните проблеми во борбата против бездомништвото, а беа посочени и дефинирани насоки за нивно понатамошно решавање.

Свои видувања и насоки, покрај тимот од „Паблик“, споделија и претставници од Заводот за социјални дејности, Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, Психијатриска болница „Бардовци“ – Скопје, организацијата „Вистински дела на љубезност“,  Националниот ромски центар – Куманово, Британската амбасада и од Црвениот крст на Град Скопје.
На средбата беа сумирани досегашните чекори направени во насока на детектирање на реалната состојба на бездомништвото во Македонија, беше презентирана сликата на општите трендови врзани за сиромаштијата и особено со зголемување на бездомништвото меѓу жените, а накусо беше направен и преглед на содржината на публикацијата, „Бездомништвото околу нас – јавно, скриено, потенцијално“, како и главните цели заради кои е создаден овој документ.

Работниот состанок следи по конференцијата „Бездомништвото околу нас – јавно, скриено, потенцијално“, која се одржа на 23 март, 2016, година, а на која беа презентирани и резултатите од едногодишното истражување на „Паблик“ во доменот на бездомништвото во Македонија. По конференцијата беше издадена и истоимена публикација, на македонски, англиски и албански јазик, во која се сумирани сите наоди од истражувањето.

Истражувањето што го спроведе „Паблик“ создава основа за мерење на бездомништвото согласно европската ЕТХОС типологија, што во иднина се очекува да овозможи соодветен пристап кон заштита на правото на домување и создавање регулаторна и институционална основа за негово остварување. Во исто време искреиран е и инструмент за мерење на длабочината на овој феномен, а и методски пакет за работа со бездомни лица, што овозможува превенција, рана интервенција и социјална интеграција. Исто така, направена е и првата дефиниција за бездомништвото во Македонија, како и типологизација, прилагодена на македонскиот контекст, според која има 9 категории и 15 подкатегории.

Претходни објави (Previous article)Нови приоди во третирањето на бездомништвото
Следни објави (Next article)Одржана конференција за предизвиците и можностите за вработување на маргинализирани групи во социјалните претпријатија