Ни недостига меѓусекторска соработка!
Развивање на социјални сервиси за бездомни лица со психички проблеми.
Под ваков наслов изминатата недела во Клубот на пратеници во Скопје се одржа билатерален семинар, во организација на Министерството за труд и социјална политика, а во соработка со австриското Министерство за труд, социјални работи и заштита на потрошувачи.
На дводневната средба, на која учествуваа и претставници на институции и здруженија на граѓани од двете земји, а која следи по неодамна одржаната конференција „Бездомништвото околу нас – јавно, скриено, потенцијално“, во организација на „Паблик“, Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, беа презентирани наоди и искуства од оваа проблематика од страна на двете земји.
На настанот, извршната директорка на „Паблик“, Климентина Илијевски, го презентираше новиот приод во третирањето на бездомништвото базиран на истражувањето за бездомништвото во Македонија, кое оваа Асоцијација го спроведуваше во текот на изминатата година.
– Бездомни лица не се само оние што спијат на улица. Наши сограѓани остануваат подолго во здравствени установи поради тоа што немаат каде да се вратат, па дури и по 15 години. Психијатриска болница заличува на згрижувачка установа. Решенија постојат и не чинат многу. Она што недеостасува е меѓусекторска соработка, нагласува Илијевски.
Во рамките на оваа средба, покрај австриското аташе за Труд, социјални работи и заштита на потрошувачи, Харалд Фугерт, свои видувања сподели и Катрин Гасиор од Европскиот центар за политика и истражување за социјална работа. Таа пренесе искуства од Центарот за новите начини и приоди во решавањето на бездомништвото во Австрија, но, и во други европски земји.
Габриеле Мечовски, пак, од „Re – housing – Ltd“ пренесе видување за искуствата со женското бездомништво, како и за начините за справување со оваа сè почеста појава. За општествената грижа за менталното здравје на бездомните лица во Австрија говореше Фридрих Шмидл. Кај нас, пак, на оваа тема најмногу информации за ваквата проблематика изнесе Стојан Андонов, професионален терапевт во невладината организација „Благословени“. Тој зборуваше за облиците за поддршка на лица со психички проблеми, кои некогаш давале резултати, но, сега, за жал, добар дел од нив се замрени. Свои коментари на темата: социјални услуги за бездомните лица, додаде и Драгана Лазаревска од Црвениот крст на град Скопје.
Сите учесници на билетаралната средба заклучија дека бездомништвото, (особено скриеното), е комплексна состојба и дека е неопходно подлабоко скенирање на секоја група, со цел да се подготви и посебен третман.