Преку формирање на балканска истражувачка мрежа, до зајакнување на политиките за социјално претприемaштво

Во екот на развојот на јавната дебата за социјалните претпријатија и обидите на владите за нивно правно регулирање, организации од Македонија во соработка со партнери од Албанија и од Косово, иницираа создавање на балканска мрежа на истражувачи во областа на социјални претпријатија.
Првата средба на истражувачите ќе се случи на 17 и 18 ноември во Скопје, (хотел „Холидеј Ин“), во рамки на научната конференција со наслов “Истражување на развојот на социјалните претпријатија на Балканот”.
Настанот е во организација на „Реактор-истражување во акција“ во партнерство со „Паблик“ и „Конект“ од Македонија и со „Партнерс Албанија“ од Албанија и Центарот за мир и толеранција од Косово, кои заеднички го спроведоа истражувањето „Предизвиците и можностите на социјалните претпријатија за вработување маргинализирани лица“ поддржано од Регионалната програма за промоција на истражувањата во Западен Балкан.

На конференцијата ќе се презентираат најновите истражувања кои се однесуваат на развојот на социјалното претприемаштво во регионот, но и ќе се постават основите на Балканската мрежа на истражувачи во областа на социјалните претпријатија.
Поттикнување регионална дебата, придонес кон регионалните истражувања и процесите на креирање политики во областа на социјалното претприемаштво и социјалната економија се дел од целите на новоформираната Балканска истражувачка мрежа за социјални претпријатија, во која учествуваат истражувач(к)и од Македонија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Црна Гора и од Словенија.

– Идејата за мрежата  e резултат на двегодишниот истражувачки проект кој го спроведовме во Македонија, Албанија и Косово и нашето поврзување со истражувачките мрежи од Европа. Со креирање на оваа платформа составена од организации, институции и поединци кои работат во оваа област на Балканот, сакаме да ја развиеме регионалната соработка на заеднички истражувачки проекти, да отвориме простор за дискусии, споделување на знаења и практични искуства кои ќе влијаат на развојот на социјалната економија и социјалните претпријатија во регионот – изјави Марија Башевска, истражувачка во „Реактор” и координаторка на регионалниот проект.

Извршната директорка на „Паблик“ и истражувачка, Климентина Илијевски објаснува дека во период кога во земјите на Балканот се гради еко систем за развој на социјално претприемаштво, истражувањата во оваа област се неопходни доколку сакаме да креираме политики базирани на докази.
– Регионот како целина сè уште ги истражува можностите кои оваа форма на делување ги нуди. Нивната иновативна улога во економската и социјалната сфера е важна, особено од аспект на осигурување на социјална инклузија за ранливите категории граѓани. Тука би сакале да го отвориме и прашањето, дали Балканот ќе ги следи трендовите во ЕУ во заменувањето на активните  мерки за вработување со социјални претпријатија за работна интеграција? – вели Илијевски.

Предизвиците на овие земји се слични,  високи социјални трансфери, растечки социјални разлики, високи стапки на невработеност и сиромаштија, кои значајно се продлабочија особено кај поединчени земји во регионот во периодот на транзицијата.

Извршната директорка на „Конект“ и истражувачка, Никица Кусиникова, нагласува  дека во Македонија активностите на социјалните претпријатија се присутни и без некоја јасно дефинирана законска рамка.
-Тие најчесто се граѓански организации и спектарот на услуги што ги даваат се најразлични и се длабоко вкоренети во социјалната мисија. Социјалните претпријатија имаат важна функција во општеството што не ja обезбедуваат стандардните компании. Затоа треба да се поттикнува нивното постоење и развој. Размената на искуствата со регионот е чекор понапред – вели Кусиникова и додава дека за да се конкурентни на пазарот, СП мора да обезбедат квалитетни услуги, за што е неопходна координација и вмрежување со сите засегнати страни што можат да ја поттикнат социјалната економија.

Проектот е поддржан од Регионалната програма за промоција на истражувањето во Западен Балкан, координирана од Универзитетот во Фрајбург, Швајцарија и целосно финансиран од Швајцарската Агенција за развој и соработка.

Претходни објави (Previous article)Секој твит е важен: Започнува твитер кампања „Чисти вести, чиста политика, чисти луѓе“, вклучи се!
Следни објави (Next article)Формирана истражувачка регионална мрежа oд областа на социјалните претпријатија и социјалната економија