„Социјална економија и закрепнувањето по пандемијата: предизвици и перспективи“ беше насловот на онлајн работилницата во организација на Унија на Медитеранот (UfM), која се одржа денеска, а на која добри практики од земјава претстави извршната директорка на „Паблик“, Климентина Илијевски.

-Досега имавме скромни чекори во развојот на социјалната економија, зашто вниманието сè уште не е ставено на можностите што таа ги носи во однос на надминување на проблемите што ги создадовме со стариот начин на функционирање, со стариот економски модел. Но, станува неопходност да се свртиме кон ова прашање зашто предизвиците со кои што се соочуваме се сериозни, но и потенцијалите што ги имаме се значајни. Спојот на предизвиците и потенцијалите може да донесе значајни резултати и развој на социјална економија во земјава – сподели Илијевски на панелот на кој се опфатија аспекти на социјалната економија, како силна алатка во намерата на реконструирање на економијата и поддршка на социјалната сфера.

Работилницата се одвиваше на онлајн алатката „ЗУМ“, а говор за отворање на настанот имаа клучни личности на европско ниво кои се одговорни за политиките и развојот на социјалната економија во Европа. Беше дискутирано и за чекорите кои ги преземааат меѓународните и националните организации во борбата со Ковид – 19, во насока на промовирање на социјалната економија како клучен актер за решавање на општествени и економски предизвици предизвикани од пандемијата, за придонесот на ова поле кон социјално и фер закрепнување на земјите, како и за мерките да се стави социјалната економија во с`ржта на социоекономското закрепнување во регионот на Медитеранот.

Социјалните претпријатија треба да ги гледаме како алатка во мапирањето нови можности. Постоечкиот бизнис сектор го оствари максималниот потенцијал во однос на креирањето на нови работни места. Сега, во овој период на криза неопходно е да истражиме нови начини за креирање нови работни места, кои ќе оперираат на принципот на одржливост. Во овој момент, неопходни ни се бизниси кои ќе ги намалуваат нееднаквостите и ќе ја заштитат животната средина- изјави Ингрид Швангер, Директорка на регионлната програма за соседство, при Европската комисија.

Присутните се согласија дека поминуваме низ економска и социјална криза, а тоа ја налага потребата од иновативни бизниси и мулти-стејкхолдерски парнерства.

Неопходно е да го трансформираме општетсвото, а не само да ги поправиме шттеите- изјави, Ула Енглеман, раководител на секторот за социјална економија при Европската Комисија.