Европски Aкционен план за социјална економија, информирање, консултирање и учество на работниците во социјалните претпријатија, откупување на компаниите од страна на работниците и промовирање на задругите.

Ова се само дел од темите што ќе бидат во фокус на завршна коференција како дел од проектот „Промовирање вклученост на работниците во претпријатија на социјалната економија“ (#WINS), што ќе се случува на зум платформата, утре, 18 март, во терминот од 9.30 до 13 часот.
Овој проект, чиј партнер во реализација е и Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“, има за цел да го промовира вклучувањето на вработените во социјалните претпријатија, охрабрувајќи ги поблиску да се запознаат со своите права и обврски.



Линк за регистрација: http://ow.ly/V8Fr50I3ix8
Агенда: http://ow.ly/9qOC50I3ix6

Во рамки на настанот свое учество ќе има и истражувачката од „Паблик“, Александра Лопарска Илоска, која ќе се осврне на темата: „Вклучување на вработените – низ перспективата на ранливите категории граѓани“.

– До сега, на глобално ниво, најголем дел од политиките се фокусираа на диверзификација на работните места. Како резултат на тоа, концептот на инклузивни работни места сѐ уште останува непрепознаен. Фактот дека инклузијата на работното место е клучниот чекор во остварување на еднаквост, само ни потврдува дека вклученоста треба да се актуелизира. Притоа, внатрешните политики и процедури на компаниите кои овозможуваат реализирање на правата на работниците  на информирање, консултирање и учество, неопходно е да предвидат механизми кои ќе ги таргетираат и ранливите категории работници, вели Лопарска Илоска во пресрет на настанот.

Проектот WINS овозможува унапредување на капацитетите на социјалните претпријатија во согласност со принципите на управување кои ги промовира социјалната економија, со фокус на Италија, Шпанија и Македонија.

„Во последните две години, се соочивме со низа конкретни предизвици во однос на правата за информирање, учество и консултации на работниците, а партнерството на проектот WINS одлучи да се фокусира на неколку од нив, како што е ефективно финкционирање на правото на информирање, консултирање и учество на работниците во социјалните претпријатија, дигиталните задруги, лажните задруги, моделите на ЕСОП или промовирање на откупување на компаниите од страна на работниците“, велат носителите на проектот и организатори на настанот.
Тие веруваат дека преку овој чекор е зајакната и меѓународната соработка која има позитивно влијание врз односот меѓу претставниците на работниците и самите работници, што би требало да резултира со поголемо вклучување на работниците во нивните претпријатија.
„Но, има уште долг пат за да се подобри вклученоста на вработените и бројни предизвици со кои треба да се соочиме. Веруваме дека конференцијата, заедно со резултатите од проектот, ќе овозможат нивно поефикасно адресирање“, додаваат вклучените страни во проектот.  

На настанот свое обраќање ќе имаат претставници на European Commission, CECOP, ETUC и останати партнери на проектот: Coceta, Diesis Network, Socialno Podjetništvo, CISL Confederazione Italiana Sindacati Lavoratori, CISL Confederazione Italiana Sindacati Lavoratori, Legacoop Produzione e Servizi, CCOO Comisiones Obreras, Езиков център Евро-Алианс, ZSSS.

Фото: Томислав Георгиев


LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here