Невработеноста и економското насилство, но и недостатокот на активни мерки за помош од соодветните државни институции кои се во директен контакт со жените кои се жртви на семејно насилство, најчесто се главната причина за жената откако ќе го напушти насилниот партнер и помине одреден период во шелтер центар – повторно да се врати во насилната заедница, вели социјалната менторка за работна интеграција на жени жртви на семејно насилство, Наташа Димеска
Магдалена Чадиноска Кузманоски
„Што ако насилникот дојде тука, и прави проблеми? Со тоа и јас ќе имам проблеми“
Оваа реченица е најчестиот „дочек“ од потенцијалните работодавачи до жените жртви на семејно насилство, кои прават обид да се интегрираат на пазарот на трудот. Се соочуваат со мултидимензиoнални проблеми, но, најаларманто е што добар дел од нив се присутни уште на самиот почеток на работниот ангажман. Тоа, пак, значи стартно обесхрабрување во помислата и вербата дека ќе успеат на патот на работна интеграција.
Најдобриот совет кој можете да ѝ го дадете на една жртва на семејно насилство е да го остави насилникот, но, прашање кое се наметнува е дали истата е соодветно поддржана од сите клучни актери кои значително можат да придонесат за еден нов, сеопфатен и интегриран систем на заштита на жртвите. Потребно е да направиме успешен многуаголник помеѓу бизнисот, жртвата, мерките кои се понудени од страна на Агенцијата за вработување на СМ и Центарот за социјална работа.
Со какви сѐ предизвици и стравови се соочуваат жртвите на семeјно насилство при излез на отворен пазар на труд, разговараме со социјалната менторка за работна интеграција на жени жртви на семејно насилство, Наташа Димеска.
1.Вие сте социјален ментор, кој во рамки на програмата на социјално менторство за работна интеграција, директно работи со жени жртви на семејно насилство.
Се наметнува прашањето, колку овие жени се свесни за своите компетенции и квалитети? Колку насилната средина го намалила нивото на нивна самодоверба и какви се обесхрабрувања трпеле низ времето?
– Семејното насилство е посебна фрома и структура на повеќе димензионално насилство кое во себе не вклучува само физичко, туку и економско насилство. Токму оваа тријада на насилства кои најчесто во комбинација и во различен сооднос ги доживува жената, ја менува нејзината слика за самата себе, свесноста за капацитетите кои ги поседува, но и нивото на нејзината самодоверба. Коменарите од типот „ти ништо не знаеш“, „тебе за ништо не те бидува“, „неписмена“, „неспособна“, но и дозираните или никакви финансии кои ги добивала од насилниот партнер, ја прават жената целосно отсутна од пазарот на трудот , некогаш и повеќе децении. Токму економската зависност од насилниот партнер, немањето на соодветно или никакво образование, немањето на работно искуство, но, и социјални контакти кои ќе бидат еден вид на извор на информации за можности за вработување, константно ја обесхрабруваат жената од идејата за напушање на насилната заедница. Невработеноста и економското насилство, но и недостатокот на активни мерки за помош од соодветните државни институции кои се во директен контакт со жените кои се жртви на семејно насилство, најчесто се главната причина за жената откако ќе го напушти насилниот партнер и помине одреден период во шелтер центар – повторно да се врати во насилната заедница.
Оваа нарушена слика за себе, за отворените можности и за можната поддршка во инфилтирањето на пазарот на трудот се првите пречки со кои како социјален ментор се соочив во обидот за интегрирање на жените жртви на пазарот на трудот.
При контактот со нив очигледна е потребата од првично овозможување на психосоцијална поддршка за осознавање на своите квалитети, креирање на нова слика за себе и своите капацитети и раснење на самодовербата, за да може да се излезе на пазарот на трудот и да се започне прилагодувањето на новите предизвици и состојби. Потсетување на нивните интереси од пред насилството, нивните способности, контакти, но и афинитети се првите чекори во успешно прнаоѓање на вработување и започнување на процесот на работна инеграција.
2.Колку овие жени имаат поддршка од работодавецот, во однос на предизвиците со кои се соочуваат?
– Жените жртви на семејно насилство се соочуваат со мултидимензиoнални проблеми. Кога станува збор за инфилтирањето на пазарот на трудот пред се се соочуваат од стрвот на некои работодавци, кои при самото слушање на информацијата дека една жена е жртва на семејно насилство изговараат „што ако дојде насилникот тука да и прави проблеми, а со тоа да имам и јас проблеми?“. Токму оваа реченица често е крај на сѐ уште и незапочнатата кариера на жената, но и реченица која ги обесхрабрува во вербата дека ќе успеат сами.
Кога пак жените ќе пронајдат работа, некогаш имаат проблем со прилагодување на работното време со организирање на нивните обврски кон децата, посебно ако немаат соодветна поддршка од поблиското опкружување. Односно жените се случува да мораат да избираат работни места кои се само во една смена, односно додека децата се во училиште и градинка, со што сериозно ги намалуваат отворените можности кои ги имаат за вработување. Исто така, имаат проблем со сместување на своите деца во градинка доколку имаат статус на невработен, бидејќи градинките не ги примаат нивните деца.
Сериозен предизвици со кои се соочуваат жените жртви на насилство се и недостапноста, но, и неинформираноста, нивна, и на работодавците, за достапноста на мерките за вработување на АВРМ, кои со соодветна популаризација може сериозно да ја подобрат состојбата на жените и да ја загарантираат нивната сигурност на подолг рок.
Работодавците и да се со голема свесност, сензибилизираност и желба да помогнат, често специфичното работно време кое им е потребно на жените жртви, но и на почетокот нивните отсуства поради болести на децата кои немаат кој друг да се грижи за нив, не се премногу кооперативни, плашејќи се дека толерирањето на жената и прилагодувањето на нејзините услови, може да ја наруши хаморнијата и редот на работата на другите вработени, кои би се чуствувале повредени при прогледувањето низ прсти на жената.
Жртвите на семејно насилство често успеваат да пронајдат работа на пола работно време , односно работа за дневница, но тие имаат проблем со менаџирање на средствара кои дневно ги добиваат, поради економската неписменост која ја имаат, а која е директна последица на ограничените економски можности и управување со финансии кои ги имале во насилната заедница, каде насилниот партнер контролирал и управувал со се. Почетокот на адаптирањето на ново работно место, независно дали е на пола или цело работно време, со себе повлекува постојана потреба од психосоцијална помош на жртвата, која често се бори со своите стравови од слободно движење , процес на демнење и психолошка онлајн тортура која може да трае сѐ уште од насилниот партнер, сомнежи во самата себе, но и анксиозни и панични растројства кои може да влијаат врз нејзината продуктивност и концетрација на работното место.
3.Дали децата на жртвите имаат приоритет при запишување во градинка, кој всушност е прв чекор до олеснување на патот кон економско зајакнување?
– Во моментот, жртвите на семејно насилство немаат приоритет при сместување на нивните деца во градинка. Состојбата со пандемијата со КОВИД 19 влијаеше на слободните места во градинките, но и ставот на истите дека деца од невработено лице не се запишуваат, поради слободното време кое го има лицето да се грижи за нив. Пандемијата, исто така, затвори голем број од дневните претстои кои функционираа во рамки на основните училишта, кои се од големо значење за жените жртви на семејно насилство, бидејќи се алатка која им гарантира безбедност за децата, но и атмосфера на завршување на училишните задачи. Приватните градинки, но и дневни центри, немаат никакви олеснителни мерки, ниту се стимулирани да ги згрижуваат децата на жртвите на семејно насилство, бидејќи нивните првични цени за згрижување жената не може да ги подмири, со што од старт се исклучена опција која може да се разгледува.
Креирањето на мерки со кои жените жртви ќе добијат приоритетно и загарантирано сместување во градинки или дневен претсој на своите деца, дури и ако имаат статус на невработено лице, но и финансиско стимулирање на истото ова сместување во минимум период од 3 до 6 месеци од страна на државата, сериозно ќе влијае нивното економско зајакнување и интеграција на пазарот на трудот. Згрижувањето на децата е сериозно охрабрување на жените, зголемување на нивната сигурност, но и на нивната решителност да останат одлучни и да се интегрираат на пазарот на трудот.