„Иднината на социјалните претпријатија“ беше насловена работилницата што на 17 и 18 јули, во хотел „Холидеј Ин“, ја организираше Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“.
Во рамки на оваа обука претставници на бројни социјални претпријатија, (членови на Мрежата на социјални претпријатија), ги споделија своите искуства, ставови, идеи и заложби за развојот на еко системот на социјални претпријатија во земјавa.
Работилницата се фокусираше на градење кохерентна приказна за социјалните претпријатија во земјава, даде информации за процесот, но и бараше инпути во однос на Стратегијата за развој на еко системот на социјалните претпријатија, која е во подготовка. Членовите на Мрежата, но и останатите присутни, кои се потенцијални идни членки, дискутираа и за следните чекори на ова неформално тело.
Беа споделени и новостите кои се развиваат во однос на новата Програма за социјално менторство, која ќе даде одговор на двојниот предизвик, од една страна на лицата во ризик кои потешко се интегрираат на пазарот на труд, но и на бизнис секторот кој нема подготвеност и знаење за интеграција на тешко вработливи лица.
Значаен фокус беше ставен и на комуникацијата и видливоста на социјалните претпријатија, а беа дадени насоки за подобро претставување, како можни партнерства со медиуми преку ко-креирање содржина, важноста на претставувањето на приказните кои ги носат социјалните претпријатија и нивната вредност и улога во општеството.
На настанот, учесниците имаа можност да работат преку алатки од „У лаб“, методологија која ја разви институтот „Пресенсинг“, кој функционира во рамки на престижниот Институт за технологија на Масачусетс (MIT), а која делува во насока на активација на еко системот за општествена промена.