Тридневна обука за развој на идеи за одржливи социјални претпријатија, во рамки на проектот „Социјални претпријатија – мост меѓу социјалниот сектор и традиционалните бизниси (SE-Bridge)“, финансиран од Европската унија, (дел од Програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија), беше одржана во Струга, (во хотелот социјално претпријатие „Солферино“), на крајот од минатата недела.

Целта на обуката, која ја спроведоа Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“ и Фондацијата за развој на претприемачи и менаџери, ЦЕЕД Македонија, е јакнење на капацитетите на социјални претпријатија од југозападниот, полошкиот и пелагонискиот регион, а и унапредување на локалните сервиси за социјална и здравствена заштита кои што овие ентитети ги развиваат или планираат да ги градат во иднина.

Едукативната програма има за цел да ги унапреди вештините на социјалните претприемачи од пограничниот регион, и, во исто време, да укаже и на придобвиките што ги носи социјалната економија како сектор кој развива економски активности за важни општествени цели. На обуките, се става и акцент за важноста на социјалната економија во создавањето соодветен пазар на труд за ранливите групи, а се споделуваат и знаења за нејзиното влијание во создавањето систем за развој на локалните услуги и производи.

– Ентитетите ги поттикнуваме да градат бизнис модели кои во себе ги интегрираат сите димензии на одржливост – економска, еколошка и димензија насочена кон луѓето и општеството, а групата со која што работевме во Струга има значаен потенцијал во развивањето сервиси за социјална и здравствена заштита, па заеднички ги анализиравме и потребите на заедницата и можностите што се отвораат со новиот Закон за социјална заштита – објаснуваат фасилитаторите од „Паблик“ и ЦЕЕД Македонија.

Беа обучени 23 учесници од 10 социјални претпријатија кои се единствени во ставот дека оваа програма им дава поттик за поставување среднорочни и долгорочни цели во нивното работење.

– Споделувањето успешни примери на социјални претпријатија во Европа и кај нас, беше навистина мотивирачки за нашата работа. Обуката ми помогна појасно да ги видам чекорите што треба да ги дефинираме и изодиме во развојот на нашиот бизнис преку бизнис моделот Канвас наменет за социјални претпријатија – вели еден од учесниците.

Продолжението на оваа едукативна обука е планирано за март.

 

1 COMMENT

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here