Каков екосистем за развој на социјални претпријатија имаат Велика Британија, Франција, Италија, Шведска и Полска? Какви се законските рамки што го регулираат формирањето на оперативните активности на социјалните претпријатија, а какви националните агенди за јавни политики? Но, и какви фискални рамки и пристап до финансии им се потребни на социјалните претпријатија за подобар пораст и развој?
Oдговори на овие прашања од неодамна достапни во компаративната анализа, „Екосистеми за развој на социјалните претпријатија“, издание на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“.
„Несоодветна, нејасна и премногу тесна законска рамка може да донесе негативни импликации врз развојот на социјалните претпријатија, не успевајќи да ги идентификува сите субјекти што можат да бидат квалификувани како социјални претпријатија во даден контекст или, пак, создавајќи конфузија околу различните типологии што го сочинуваат спектарот на социјални претпријатија. Затоа, важно е нормативното уредување на секторот да биде помалку круто бидејќи на тој начин на социјалните претпријатија ќе им се овозможи полесна адаптација на новите случувања во секторот. Донесувањето законска рамка е позитивно, меѓутоа не е доволно за да овозможи развој на социјалното претприемаштво. Законската рамка треба да биде поддржана од широк ранг стратегии, мерки, инструменти, кои преку кохерентен, интегриран и мултистејкхолдерски пристап ќе го поддржуваат развојот на социјалното претприемаштво. Додека во одредени земји воведувањето законска рамка овозможила драматичен пораст на бројот и на активностите на социјалните претпријатија, во други земји влијанието на законската рамка се покажало како неефикасно, па дури и со негативни импликации“, велат авторките на публикацијата „Компаративна анализа – Екосистеми за развој на социјалани претпријатија“, која претставува и одличен водич низ добрите практики во Европа.
Инаку, и извештајот на Европската комисија за екосистемите за социјални претпријатија во земјите на ЕУ, укажува дека воведувањето неадекватна законска рамка, која е преземена од друг контекст и не е адаптирана на националниот контекст, влијае негативно врз порастот и развојот на секторот. Во утврдување на насоките и на динамиката на развојот на социјалното претприемаштво важна е традицијата на волонтерство и на солидарни активности во историски контекст.
„Во земјите во кои историски постои развиено солидарно здружување, волонтирање и вонинституционална помош, постои поголема динамика на развој на социјални претпријатија и особено на тие што се насочени кон длабоки општествени проблеми и ранливи категории граѓани. Во истражуваните земји препознавањето на различните типови социјални претпријатија што се создавани во согласност со потребите во заедницата, а се регулирани во рамките на постојната законска регулатива, им овозможува на креаторите на јавната политика да обезбедат поддршка преку различни мерки, вклучувајќи и фискални, а, од друга страна, на овој начин им се дава можност на инвеститорите да ги разберат бенефитите од инвестирање во социјални претпријатија“, се вели во публикацијата.
17.05.2018