Ако сакаме да го менуваме светот преку бизнисот, тогаш мора прво да размислиме како најдобро да го промениме бизнис светот, порача светски познатиот интраприемач, Гиб Булок, кој одржа инспиративен говор во рамки на 2. издание на Форумот на добри компании што се одржа денес, во хотелот „Скопје Мериот“, а чија цел беше вмрежување на искуствата и градење партнерства меѓу институциите, бизнисите и граѓанскиот сектор.
Булок во рамките на консултантскиот гигант „Accenture“, го основаше социјално претпријатие „Accenture Development Partnerships“, со што отпочна да ја застапува улогата на надоаѓачкиот четврт сектор во глобалниот развој. На присутните тој им ја претстави својата приказна и промените низ кои минувал во својата кариера.
– Македонија ја промени мојата кариера и го промени мојот живот на подобро. Во кризниот период за Македонија, 2001 година, работев во западниот дел на земјата, развивав бизнис планови за мали и средни претпријатија. Иако мојата плата беше 90 отсто пониска, никогаш не бев посреќен. Се обидов да изградам бизнис внатре во бизнисот, бизнис со цел. Напредокот може да се поттикне и на индивидуално ниво, кај секој вработен – раскажа Булок.
Познатиот интраприемач вели дека корпоративната одговорност повеќе не е доволна за решавање на ваквите проблеми. Новиот бизнис пристап треба да постави баланс меѓу луѓето, планетата и профитот.
– Како можеме да заземеме целосна општествено-економска моќ и влијание за бизнисот? За бизнисот, моќта мора да дојде со одговорност. Трите најголеми компании во светот имаат поголем капитал од 100-те најсиромашни земји. Можете ли да замислите какво влијание ќе имаме ако ги направиме овие компании да придонесат за општеството? Општествените проблеми можат да бидат нови бизнис можности. Ако бизнисот се вклучи во прифаќањето на овие предизвици, тоа може да биде голем исчекор – порача Булок.
Тој нагласи дека корпоративната одговорност се заменува со меѓусекторско приближување, и дека хибридните бизнис модели се ран показател за новиот, четврт сектор.
За искоренување на сиромаштијата и намалување на социјалните ризици клучно е да имаме партнерство меѓу бизнис заедницата, граѓанскиот сектор и институциите кои што им служат на граѓаните, нагласи и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
– Потребно е сите заедно да го вложиме максимумот во надминувањето на овие проблеми. Ако во нашето општество имаме помалку исклучени лица – сите заедно би биле посреќни- изјави таа во видео-јавувањето на Форумот.
Форумот на добри компании, насловен „Партнерства за општествен импакт“, е во организација на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, а во соработка со Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија, Европската банка за обнова и развој, со Агенцијата „Холистик“ и со „Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп“.
– Потребна ни е концептуална револуција на идеи. Потребни ни се бизниси кои ќе бидат водени на одговорен и одржлив начин. Верувам дека токму овде денеска е присутна идната генерација на лидери за одржлив развој, бидејќи ни е потребна нова приказна за секторот, изјави Климентина Илијевски, извршна директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“.
Овој форум ги собра на едно место добрите компании – компаниите кои се позитивен пример за општествена одговорност во Македонија, нагласи и Вилем Ваутер Пломп, амбасадор на Кралството Холандија во Македонија.
– Причината поради која компаниите се тука е да бидат уште подобри, преку споделување на своите искуства и создавање на платформа каде ќе може да се спојат општествените потреби и можностите на компаниите. Како што порачува годинешната тема на форумот:сѐ може да започне од еден човек илиорганизација. Затоа, да бидеме промената што сакаме да ја видиме најпрво во нашите организации, а потоа и во општеството – порача Пломп.
Ова случување даде фокус на добрите практики во партнерствата помеѓу корпорациите и граѓанскиот сектор, и тоа преку излагања на претставници од различните засегнати страни.
– Нашата цел е да придонесеме за економското зајакнување на жените и за нивните еднакви можности преку комбинирани интервенции во област на инвестиции, техничка соработка и иницирање на дијалог за унапредување на постојните политики.
Програмата на ЕБОР „Поддршка на жените во бизнисот” е активна во 17 земји. Во Македонија таа е составен дел од Регионалната програмата за жени во бизнис на Западен Балкан, која се спроведува со финансиски средства од владите на Шведска и Луксембург. Програмата беше лансирана во 2015 година и истата им овозможува на жените пристап до финансии преку две партнерски банки, како и пристап до знаење и бизнис експертиза – вели Маја Антеска, национален менаџер, советување на мали и средни бизниси, при Европската банка за обнова и развој.
Форумот на добри компании стави акцент и на важноста од здружувањето на мудрите бизниси за позитивен општествен имапкт, на оние кои внимателно ги следат поместувањата на вредностите на клиентите и соодветно, на пазарот и на потребите на општеството.
– Неопходно е да правиме добра проверка и етички избор при нашето пазарење, секогаш кога тоа е можно. На тој начин влијаеме на однесувањето на компанијата, а добрите компании можеме и да ги наградуваме… Затоа што, ние, купувачите, сме најсилната алка, нагласи Хедер Хеншо, менаџер за едукација и советник за квалитет, но и одговорен потрошувач и еден од говорниците на вториот Форум на добри компании, во сесијата „Интервју со клиентот на иднината“.
На учесниците на Форумот им беше понудено и членство во платформата за добри чекори „Триаголник“, која понатаму ќе го дава својот придонес во градењето подобро општество.