Дали глобалниот контекст го редефинира „доброто лидерство“ овој пат во релација со социо-економскиот предизвици и заштитата на животната средина? Како македонските компании да ја зголемат конкурентноста на глобално ниво и колкав е растот на импакт инвестициите?

Ова се дел од прашањата што ќе ги третира второто издание на Форумот на добри компании, насловен: „Партнерства за општествен импакт“, кој ќе се одржи утре, 3-ти ноември, во хотелот „Скопје Мериот“, во организација на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, а во соработка со Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија, Европската банка за обнова и развој, со Агенцијата „Холистик“ и со „Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп“.
Станува збор за динамичен, интерактивен настан со содржини што нудат вмрежување на искуствата и градење партнерства меѓу институциите, бизнисите и граѓанскиот сектор.
Истиот ги здружува мудрите бизниси, оние кои внимателно ги следат поместувањата на вредностите на клиентите и соодветно, на пазарот и на потребите на општеството.

Главен гостин-говорник на Форумот е Гиб Булок, светски познат интраприемач, човек кој во рамките на консултантскиот гигант „Accenture“, го основаше социјално претпријатие „Accenture Development Partnerships“, со што отпочна да ја застапува улогата на надоаѓачкиот „Четврт сектор“ во глобалниот развој. Неговиот инспиративен говор заедно со добрите пракси што ќе бидат презентирани на настанот, се очекува да бидат мотивaциска увертира во амбицијата овој Форум да прерасне во агора за креирање општествен импакт.

– Бизнисите ја имаат моќта да го менуваат светот, но, индивидуалците ја имаат моќта да го менуваат светот на бизнисите – нагласува Булок.

Дополнителна нова вредност на ова издание на Форумот е и поставувањето нова, заедничка платформа која ќе придонесе во општествениот развој.

– Форумот на добри компании е добра прилика, менаџерите на компаниите, кои својот сет на вредности го надградиле и се фокусирани на одржлив развој, да ги вмрежат општествено одговорни практики со активностите на јавниот и на граѓанскиот сектор. Синхронизирањето на ангажманите на овие три ентитети носи брзи, видливи промени и значаен импакт во општеството, а вклучување на бизнисите во вакви партнерства значи и нивен бенефит кој може да се изрази и во пазарни параметри – вели Климентина Илијевски, извршна директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“.

На учесниците на Форумот ќе им биде понудено и членство во платформата за добри чекори „Триаголник“, која понатаму ќе го дава својот придонес во градењето подобро општество

 – Овој форум ги собира на едно место добрите компании – компаниите кои се позитивен пример за општествена одговорност во Македонија. Причината поради која се тука е да бидат уште подобри, преку споделување на своите искуства и создавање на платформа каде ќе може да се спојат општествените потреби и можностите на компаниите. Како што порачува годинешната тема на форумот: сѐ може да започне од еден човек или организација. Затоа, да бидеме промената што сакаме да ја видиме најпрво во нашите организации, а потоа и во општеството – нагласува Вилем Ваутер Пломп, амбасадор на Кралството Холандија во Македонија.

Настанот ќе даде фокус и на добрите практики во партнерствата помеѓу корпорациите и граѓанскиот сектор и тоа преку излагања на претставници од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп, ХАВЕП Македонија и на Тhe Dutch Circular Workwear Association.

Европската Банка за Обнова и Развој (ЕБОР), партнер на овој Форум, ја потенцира важноста на нивната Стратегија за унапредување на родовата еднаквост, препознавајќи ја истата  како главен елемент во промовирањето на функционалните пазарни економии,  во квалитетното управување со бизнисот и во создавањето инклузивни општества.
– Нашата цел е да придонесеме за економското зајакнување на жените и за нивните еднакви можности преку комбинирани интервенции во област на  инвестиции, техничка соработка и иницирање на дијалог за унапредување на постојните политики. Програмата на ЕБОР за поддршка на „Жените во бизнисот”е активна во 17 земји. Во Македонија таа е  составен дел од Регионалната програмата за жени во бизнис на Западен Балкан, која се спроведува со финансиски средства од владите на  Шведска и Луксембург. Програмата беше лансирана во 2015 година и истата им овозможува на жените пристап до финансии преку две партнерски банки, како и пристап до знаење и бизнис експертиза – вели Маја Антеска, национален менаџер, советување на мали и средни бизниси, при Европската банка за обнова и развој.

Вториот Форум на добри компании ќе ги артикулира и актуелните општествени предизвици за кои што е потребен брз одговор, и преку обраќање на министерката за труд и социјална политика (МТСП), Мила Царовска, како и преку сесијата со шефот на кабинет на Министерството, Санела Шкриељ и советникот Душан Томшиќ.

02.11.2017

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here