Македонија е најлошо рангирана кога станува збор способност на земјата сеопфатно да ја разбере состојбата на медиумите според декларативното постоење податоци. Нивното отсуство е индикатор за постоење клиентелизам во институционалните процеси, клиентелистички пракси поврзани со медиумската сопственост и постоење на висок ризик од клиентелизам според индикаторите кои се однесуваат на медиумскиот пазар.
Македонија, заедно со Босна и Херцеговина, е последна во регионот, со дури негативна вредност на индексот за целокупниот систем за справување со клиентелизмот во медиумите. Ова го покажуваат резултатите од првото емпириско мерење на индексот на клиентелизам во медиумите во Македонија, како и во Романија, во БиХ, во Хрватска, во Србија и во Црна Гора, презентирани на денешната конференција „Индекс на клиентелизам во медиумите: Мерење на реалноста” организирана од Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“.
Македонија е најлошо рангирана кога станува збор способност на земјата сеопфатно да ја разбере состојбата на медиумите според декларативното постоење податоци. Нивното отсуство е индикатор за постоење клиентелизам во институционалните процеси, клиентелистички пракси поврзани со медиумската сопственост и постоење на висок ризик од клиентелизам според индикаторите кои се однесуваат на медиумскиот пазар во Македонија.
Резултатите од истражувањето покажуваат дека оваа е најризичната категорија за сите земји пред се поради осуство на податоци, односно вкупно 60,61% од сите податоци биле недостапни.
Од друга страна, Македонија е рангирана на второто место, веднаш после Хрватска кога станува збор за способноста на општетсвото да ја мери реалноста на медиумите, односно во која мера медиумските политики се носат како одговор на предходно дефиниран проблем.
– Ваквата позиција се должи на активностите на невладиниот сектор во областа на медиумите и заштита на правата на новинарите. Во суштина, и добар дел од податоците во истражувањето ги добивме од здруженијата на граѓани кои што се фокусирани на различни сегменти од медиумската индустрија – рече истражувачката и аналитичарка Александра Илоска од асоцијацијата „Паблик“.
Индексот на клиентелизам во медиумите (МЦИ) врз основа на емпириски податоци ги мери политичките влијанија врз медиумите, постоечката регулативна рамка, институционална поставеност и клучните економетриски мерења на реалноста во која работат медиумите и новинарите од Југоисточна Европа. Индексот ги опфаќа сите клучни прашања кои се однесуваат на насоките на Европската Комисија за развој на слободата на медиумите, како и насоките на постоечките индекси кои ги мерат медиумските слободи (Фридом Хаус, Репортери без граници итн), но, на поинаков начин. Покрај мерење на реалната слика на медиумите во Југоисточна Европа, МЦИ дава детален увид и во сите апекти од функцинирањето на медиумите/носителите на одлуки, како и на оние кои сакаат да учествуваат во јавните расправи за медиумските политики.
Истражувањето покажува дека транспарентноста во медиумската сопственост е најголема во Србија, додека Македонија се наоѓа на четврто место, но, пред Хрватска и Босна и Херцеговина, додека, пак, монополистички практики се бележат во сите земји во регионот. Во поглед на достапните документи за транспарентноста во финансирањето на јавните медиуми, Романија предничи во однос на сите земји. Македонија и Хрватска се наоѓаат на ист ранг, односно во овие две земји не е возможно да се добие увид во комерцијалните договори со кои се финансираат медиумите во јавна сопственост.
Најдобри резултати во поглед на достапноста на податоците бележи Хрватска, додека Македонија се наоѓа на самото дно. Нашата земја најлошо стои во категоријата можност за детектирање на ризикот од клиентелизам во институционаните процеси, а најлошо е рангирана и во можноста за детектирање клиентелистички пракси поврзани со медиумската сопственост. Во проценката на ризикот од клиентелизам според индикаторите кои се однесуваат на медиумскиот пазар, повторно Македонија е најлошо рангирана, додека најдобро рангирани се Романија и Хрватска. Кога станува збор за „невидливиот клиентелизам“, пак, кој може да се манифестира во областа на слободата на медиумите, новинарската етика и основните права на новинарите, Македонија е рангирана подобро од Романија и Хрватска, а полошо од Србија.
Достапноста, пак, на информациите од областа на работните права, најголема е во Македонија и Хрватска, каде, според јавно достапните документи и прописи, постојат општи податоци за работните права на новинарите и сите вработени во медиумската индустрија.
Од друга страна, пак, во поглед на прашањето за постоењето и функционирање на саморегулаторни тела, на дното на скалилото се наоѓаат Македонија и Хрватска, каде саморегулацијата е речиси волонтерска, а лидерските позиции ги држат Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Во исто време, дури траеше презентацијата во Скопје, резултатите од индексот беа споделени и во Загреб, Сараево, Белград, Нови Сад, Подгорица и Букурешт.
Изјава на новинарот Зоран Бојаровски:
Низ еден долготраен процес на кој ќе му претходи внимателно подготвена и прифатена законска регулатива, треба да отпочне инсталацијата на високоетичката професионализација на журналистичката дејност и на медиумскиот бизнис. Уште еден важен фактор треба да му претходи на овој процес, а тоа е создавањето на општество во кое новинарството и медиумската индустрија ќе се ослободат од прангите на политичките субјекти. Во еден таков амбиент треба да преовлада свеста дека новинарите и медиумите им служат единствено на граѓаните и на јавниот интерес, а не на специфичните интереси на различните центри на моќ “, рече Бојаровски во своето обраќање на тема.
Изјава на Сефер Тахири, професор на Факултетот за комуникации при Универзитетот на Југоисточна Европа од Тетово:
Mоментно медиумите во Македонија, се во сендвич позиција, помеѓу политиката и бизнисот. Она што е најлошо во комерцијалниот телевизиски сектор е концентрацијата на сопственоста, што ги загрозува разновидноста и плурализмот на медиумите и уредувачката независност. Концентрацијата на телевизиската сопственост во рацете на малкумина претставува потенцијална опасност, бидејќи тоа е концентрација на влијание што може да се користи за политички, лични, идеолошки или комерцијални цели. Сопствениците не ги користат телевизиските програми да им служат на гледачите туку, пред се на нивните економски интереси, вели Тахири.
Изјава на Елеонора Серафимовска, професор на Инситутот за социолошки и политичко-правни истражувања:
Ме загрижува тоа што главните емоции кај младата публика која ги следи содржините на медиумите се почесто се страв и презир. Тоа е навистина застрашувачки, и ако се продолжи така, за 5 години можеме да станеме незрела јавност.
Многу е важно што во анализата на медиумската сфера се вклучи емпиријата. И покрај тоа што можеби сме во почетна фаза, ќе биде важно да се продолжи со праксата на дефинирање на проблемот на овој начин.
Клиентелизмот во медиумите: Нулта точка на мерењето
Клиентелизмот е широк поим кој се користи за дефинирање “quid pro quo”, (рака рака мие), на општествените, политичките и економските односи дефинирани со асиметричната моќ помеѓу актерите кои учествуваат во одреден однос. Следствено, на индексот треба да се гледа како на средство за утврдување на политичката патологија, односно нивото на отстапување од универзалното начело во практикувањето на општествената моќ.
Во најголем дел, Индексот на клиентелизмот во медиумите се однесува на евиденцијата на постоење на регулаторни и институционални бариери на негативниот облик на клиентелизмот кој прераснува во политичка корупција. Евиденцијата на доказите за постоење (најчесто детерминирани со да/не одговори) во Индексот се „преведува“ со Методот на потенцијал, (рангирање), заснован на теоријата на графикони според теоретската работа на д-р Лавослав Чакловиќ од катедрата за математика на Природно математичкиот факултет при Универзитетот во Загреб[1]. Методот е применлив во моделирањето на секоја човечка активност која се базира на приоритети, (во нашиот случај темелен приоритет е постоењето на претходно наведените ограничувања на клиентилизмот во медиумите). Овој метод досега е применуван во различни облици на повеќекритериумско одлучување, (табеларни и хиерархиски модели), со класификација со примена на медицинска дијагноза и земање предвид на синергијата меѓу симптомите, во различни изборни процедури, и во комуникација меѓу интелигентните роботи (возила). Во контекст на Индексот, резултатите на мерењето на Нулта точка на Индексот на клиентелизмот во медиумите, може да се толкуваат како дијагностика на бариерите на клиентелистичките пракси во медиумите.
Најдобар начин за визуелизација на Индексот на клиентелизмот во медиумите, (МЦИ) е да се визуелизираат односите и размената на моќта и услугите помеѓу три актери: политиката, медиумите и граѓаните. Секоја од овие групи има одредена асиметрична моќ спрема другите, која може да се користи во размена. Кога таквата размена ќе доведе до отстапки од универзалното начело на практикување на моќта или дистрибуцијата на ресурсите, нужно доаѓа до ограничен пристап до ресурсите за другите актери, односно до недостапност на ресурсите за сите оние кои се надвор, од, на тој начин, определените односи.
Според тоа, Индексот ги мери ограничувањата кон клиентелистичката пракса во практувањето власт, односно практикувањето на одредена општествена моќ која актерот ја поседува.
Иако МЦИ се заснова на академска теорија во различни области, во оваа фаза, целта на МЦИ не е во употребата при развојот на нови теории или докази на постоечките. МЦИ е, пред сè, алат на актерите и доносителите на одлуки во областа на медиумските политики, како би им помогнал во обликувањето на одлуките кои се темелат на „стварноста“.
Со оглед на тоа дека Индексот нуди релевантни докази за одлучување во кој било политички дискурс, МЦИ претставува консултациска алатка за сите заинтересирани актери во областа на медиумските политики.
Што и како мериме?
При изработка на Индексот на клиентелизам во медиумите, консултирани се научни трудови како и различни мерења на „поврзани поими“[2] од страна на разни постоечки актери како „Freedom House Freedom of the Press“, „CIRI“, „Global Integrity“, „World Governance“-индекси, и слично.
Меѓутоа, во однос на развојот на медиумската политика, институционалната рамка, и група индикатори и нивните очекувани мерки, користени се Упатства на ЕУ за поддршка на слободата и интегритетот на медиумите во земјите на проширувањето, 2014 – 2020. Со оглед на тоа дека Индексот цели на земјите-членки на ЕУ, односно на земјите кои се во процес на приклучување, најголемо значење во дизајнирањето на Индексот е придодадено со ставовите и стандардите формулирани од страна на телата на Европската Унија. Според тоа и е очекувано дека МЦИ своето најголемо влјание и релевантност ќе го има токму во таа област. МЦИ ги собира сите податоци кои би можеле да бидат релевантни за мерење на усогласеноста на правната и институционална рамка во однос на стандардите на ЕУ во областа на медиумската политика.
Собирањето показатели кои ја мерат „стварноста“, односно собирањето на показателите кои го одредуваат нивото на одговорност на медиумските актери и ограничувањето наспроти клиентелистичката пракса, како и функционирањето на медиумската индустрија во целост, и служи на секоја земја во која мерењето се врши, во одредување приоритети кај дефинирањето на јавните политики. Во нултата точка, индексот сè уште е нестабилен, со оглед на динамиката на развојот на медиумската политика и медиумска сцена во различните земји кои ги покрива.
Стабилизацијата на индексот, односно негово фиксирање, се очекува во првото мерење на напредокот на земјите кои ги покрива, (декември, 2016). До тогаш, со оглед на достапноста на податоците, индексот ќе осигура длабинско мерење во различни области. Со оглед на тоа дека индексот е дизајниран и да биде осетлив на промени на медиумската сцена, на промени во социо-економските показатели, се очекува и поголема динамика и осетливост кон промените, отколку што е тоа случај со други слични индекси.
Индексот на клиентелизам во медиумите, МЦИ, е композитен индекс втемелен на 4 парцијални индекси, од кои секој за себе мери различни, но, меѓусебно поврзани категории, (теми, атрибути). Мерењата се прикажани за секоја од категориите, како и композитниот индекс.
На крајот се определени манифестациите на мерење на индексот во реалноста, (економетриски показатели).
Парцијални индекси
МЦИ Т1: Регулаторни и институционални капацитети на државата за откривање и спречување на партикуларистичката пракса во креирање на медумските политики и откривање и спречување на клиентелизмот во медиумската индустрија
Идентификувани ризици:
- Влијание врз членовите на работните групи кои ги развиваат медиумските политики;
- Отсуство на евалуација на законите во однос на постоењето на евентуално коруптивни (или клиетелистички)одредби во содржината;
- Текови на пари помеѓу јавниот сектор и медиумите;
- Недостаток на единствена статистика на граѓански спорови за навреда и клевета помеѓу новинари и уредници и политичари.
МЦИ Т2: Каква е праксата во процесите на спроведување на јавните политики, постоењето на клиентелистичките практики и бариери за нив, (на начин на кој тоа е дефинирано во содржината на одделни јавни политики и документи)
Ризици од клиентелистичко влијание:
- Транспарентноста во медиумската сопственост е најголема во Србија, додека Македонија се наоѓа на 4-тото место, но пред Хрватска и Босна и Херцеговина.
- Mонополистички практики се бележат во сите земји
- Во поглед на достапните документи за транспарентноста во финансирањето на јавните медиуми, најголема е во Романија. Македонија и Хрватска се наоѓаат на ист ранг, односно во овие две земји не е возможно да се добие увид во комерцијалните договори со кои се финансираат медиумите во јавна сопственост.
- Достапноста на информациите од областа на работничките права најголема е во Хрватска и Македонија,каде постојат општи статистички податоци за работничките права на новинарите и вработените во медиумската индустрија
- Фунkционирањето на сaморегулативните тела во медиумската индустрија–највисоко рангирана е Црна Гора. Македонија и Хрватска на последно место
МЦИ Т3: Способност на земјата за сеопфатно разбирање на состојбата во медиумите според декларативното постоење на податоците, (постоење на податоци утврдени по основа на постоење на прописи кои го уредуваат собирањето и достапноста на податоците во една земја)
МЦИ Т4: Општествена способност за мерење на стварноста во медиумите
И покрај различните вредности на индексот, малите разлики во скоровите укажуваат на тоа дека сите земји освен Хрватска, имаат значителни ограничувања во каков и да е обид на актерите во медиските политики да определат некаква аномалија, а особено ризиците на клиентелизмот во медиумите. Овој факт, сите земји ги сврстува во високоризични.
Композитен индекс на клиентелизам во медиумите (-1 најлошо, 1 најдобро)
Композитниот индекс (агрегат на парцијални индекси) ги мери ризиците на клиентелистичките практики, постоењето на таквите практики, како и потенцијалот на општеството и државата за решавање на прашања за клиентелизам во медиумите, како и други прашања поврзани со функционирањето на медиумската индустрија. Во ова мерење изведени се два резултата. Првиот без придружни атрибути на тежината на поединечни прашања за вкупната проценка на клиентелизмот во медиумите.
[1] (1) Повеќе информации во: Чакловиќ, Лавослав (2014) Теорија на вреднување со акцент на методот на потенцијал – принципи, методи, примени, Загреб: Слап.
[2] Релевантни параметри, дури и од разлчни сфери, кои се во определена меѓусебна релација