Концептот за одржлив туризам може да го регенерира целиот екосистем

10.07.2019

Девет регионални проекти од Програмата за прекугранична соработка IPA (CBC) на Северна Македонија и Албанија ги презентираа своите резултати и идните цели

На 10 јули 2019 год. во Охрид се одржа пограничниот настан „Градење на заедничка иднина – Creating a common future“ во организација на 9 проекти имплементирани од страна на 30 граѓански организации, корисници на грантови од Програмата за прекуграничен развој помеѓу Република Северна Македонија и Република Албанија финансирана од страна на Европската Унија. Настанот се одржа со поддршка од Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, Делегацијата на Европската Унија во Република Албанија, Министерствата за локална самоуправа на двете земји и Министерство за Европа и надворешни работи на Република Албанија.
Целта на настанот беше поттикнување на дискусија и разгледување на можностите за развојот на туризмот и соработката во прекуграничната област меѓу Република Северна Македонија и Албанија и промовирање на резултатите на 9* проекти кои се дел од Програмата за прекугранична соработка на Европската Унија. Преку 150 учесници професионалци од областа на туризмот, невладиниот сектор, претставници од општините и од бизнис секторот, како и медиуми од двете земји имаа прилика да дискутираат на теми од областа на туризмот и прекуграничната соработка меѓу двете земји, а во исто време да се запознаат и со досегашните резултати и идните активности на 9-те проекти.

На почетокот на настанот воведни обраќања имаа: Амбасадорот на ЕУ Делегацијата во Република Северна Македонија г. Самуел Жбогар, Амбасадорот на ЕУ Делегацијата на Република Албанија г. Луиџи Сорека, Министрите за локална самоуправа на двете земји, како и Градоначалникот на Охрид г. Константин Георгиески. Во продолжение следуваше Конференција на тема „Развој на туризмот во прекуграничната област“ на која во 3 панел дискусии се отворија теми поврзани со туризмот. Прашањата што се дискутираа беа поврзани со одржливиот туризам во прекуграничниот регион, жените во туризмот и силната поврзаност меѓу Агро-стандардите за храна и туризмот, вклучувајќи го подобреното искористување на природното и културното наследство и Агро-туризмот за создавање на нови туристички нишки. Одржливоста и (Агро) туризмот ги собраа експертите на панел дискусија, кои пак ја истакнаа потребата за одржлив туризам во регионот што би можел да го регенерира екосистемот. Панелистите што учествуваа во дискусијата „Градење на заедничка иднина“ се фокусираа на големите предности на туризмот што можат да се постигнат со подобро искористување на природните, вештачките и културните ресурси во пограничниот регион. Истовремено со панел дискусиите, во центарот на Охрид се одвиваше отворен саем на деветте проекти/корисници на грантови, каде на штандови преку промотивен материјал, преку директни средби со официјални претставници на проектите и различни други содржини, сите заинтересирани лица имаа прилика да се информираат околу програмите и резултатите за секој проект поединечно, како и можноста за соработка.

Како дел од настанот беше и официјалното отворање на спасувачкиот центар на Црвен Крст во Охрид – прв во регионот од таков вид. За важноста на центарот и придобивките за регионот зборуваа амбасадорите на ЕУ Делегациите во Република Северна Македонија и Република Албанија, Министрите за локална самоуправа на двете земји, Претседателот на Црвениот Крст во Охрид и Градоначалникот на Охрид, а потоа следуваше четвртата панел дискусија. На крајот на настанот беа извлечени заклучоци кои дефинитивно ќе придонесат за подобрување на работата на проектите, како и за пограничната соработка. Исто така, во иднина се очекува поголема промоција на проектите кои се дел од програмата IPA CBC во Република Северна Македонија – Република Албанија, како и зголемување на бројот на соработка со професионални организации како што се комори, агенции за развој, невладин сектор, општини, министерства, образовни институции и сите други кои можат да помогнат во насока на економски и севкупен развој на двата региони. Настанот поттикна голем интерес во заедницата и придонесе за видливоста на регионалната соработка како и на поддршката од Европската Унија во регионот.

За Прекуграничната програма на Европската Унија:
Програма за погранична соработка го покрива периодот од 2014 -2020. Врз основа на детална анализа на двата погранични региони, која покажала дека тие области се сметаат за најмалку развиени и најсиромашни заради сплет на низа социо-економски фактори како и самата местоположба (оддалеченост, планинска и рурална средина), се креира програма со цел финансиска помош за развој на туристичкиот потенцијал на овој пограничен регион. Подолу се наброени 9* проекти кои се дел од дел од програмата IPA CBC Република Северна Македонија и Република Албанија.
—————————————————————————————————————————————-

*(Beyond Borders – Introducing Smart Tourism and Sharing Economy, “Lake Ohrid region – Safe Destination for Adventure travel”, “Social Enterprise – Bridge between the social sector and traditional business (SE-Bridge)”, “Innovation Eco-System in the CBC area (CBC INNOV8)”, “Smart Tourism Enhancement Project (STEP)”, “Agricultural Standards and Certifications, Capacity Building for Absorption of Funds and Marketing Strategies to support Economic growth and Trade”, Microenterprise development project for women in the cross-border area”, “Innovative practices in Environmental Protection phase II”, “Ecosystem protection of the Ohrid-Prespa transboundary region”).

Наши партнери