Анета Ристеска

Создавањето услови за инклузивни работни места ќе може да го амортизира недостатокот од работна сила, особено на нискоквалификувани позиции, а во исто време и да придонесе  во намалувањето на бројот на корисници на гарантиран минимален приход што станува сериозен товар за државата, беше заклучено на мултисекторската онлајн средба што ја организираше „Паблик“ на тема „Инклузивни работни места за бизниси со додадена вредност“. 

Извршната директорка на „Паблик“, Климентина Илијевски, нагласи дека овој подвиг треба да е заеднички чекор на сите три сектори – јавен, приватен и граѓански зашто само на тој начин може да се очекуваат одлржливи резултати.
– Соработката и цврстите релации во овој триаголник може да направи разлика и во однос на недостатокот на работна сила, во однос на одливот на работници од работните места – проблеми со кои што се соочуваат дел од бизнисите, но и во однос на намалување на бројот на корисници на гарантиран минимален приход. Затоа што овде зборуваме за корисници, потенцијални работници кои што се работоспособни, а она што им е потребно е поддршка во процесот на работна интеграција, нивно зајакнување, како и зајакнување на средината која што го интегрира лицето што ќе придонесе и кон задржување на овие лица на работните места. А она што првично треба да го промениме е ставот кон овие лица кои што преку соработката на трите сектори може да стане работна сила која што е СТАБИЛНА и која што може професионално да се развива – рече Илијевски.

Пред една година, Делоит направи истражување на глобално ниво кое покажува дека значајно мнозинство на компании имаат намера своите програми за промовирање на разновидност да ги предефинираат во програми за инклузија во нивните бизнис стратегии. 

И ова е добар знак и покажува дека кај бизнисите веќе постои разбирање дека целта не е само да си отворен кон разновидна работна сила, туку и што правиш за да ја интегрираш, задржиш и развиваш таа сила – потенцираше Илијевски објаснувајќи дека како одговор на ова во Македонија е искреирана методологијата за социјално менторство (менторство за работна интеграција) за што е веќе верификувана програма, веќе постои и занимање – ментор за работна интеграција, а веќе се обучени и првите групи ментори во земјава и во регионов (Србија, Босна, Косово и Албанија).

– Зошто е важна инклузијата на работните места од аспект на бизнис секторот? Затоа што истражувањата покажуваат дека инклузивните организации имаат двојно поголема веројатност да ги исполнат, па дури и да ги надминат своите финансиски цели. А зошто е важна од аспект на државата и институциите на системот? Затоа што таа овозможува што повеќе лица корисници на социјална помош и други маргинализирани лица да станат продуктивни и наместо да се на товар на државата, да придонесуваат и за себе и за државата. Граѓанскиот сектор овде е партнерот што ја дава услугата зашто во новите општествени системи, институциите не се инволвирани во директно давање услуги, туку во креирање овозможувачка средина за тие услуги – дополни Илијевски на настанот кој во фокус ги стави бенефитите што ги носи социјалното менторство во општеството.

Бизнисите може да добијат вредни и посветени работници

Една од корисничките на оваа услуга, самохрана мајка на две деца, од кое едно во аутистичниот спектар, сподели какви промени и влијание кај неа донело социјалното менторство.
– Откако решив да излезам од бракот со насилство, се соочив со многу предизвици. Не побарав помош од државата. Разочарана од туѓите искуства, не се осмелив да побарам помош, туку целата енергија во тој момент ја насочив кон барање работа. Беше тешко да се најде, со оглед на тоа дека сум сама, со деца, од кои едното соаутизам. Единствено што барав е да биде работа само во една смена, прва. Помина подолг период додека ја најдов работата, но, предизвиците продолжуваат. На моја среќа, стапив во контакт со „Паблик“ и бев вклучена во програмата за социјално менторствои среќна сум, што ние „ваквите“, ранливи категории, оставени сами на себе, наидуваме на една таква поддршка. Задоволна сум и што со социјалниот ментор разбудивме компетенции кои не сум можела сама да ги видам. Сето тоа ми е ветер во грб, поддршка, мотивација, сила. За прв пат се чувствувам дека не сум сама, и заедно чекорам со некој кој ме упатува. Тоа премногу ми значи. Со социјалната менторка сум постојано во контакт, и мислам дека треба вака да биде воден секој кој е во каков било ризик, нагласи самохраната мајка од Скопје..

Подготвителниот процес пред влез на труд е главната задача на социјалниот ментор, а да се скрши скепсата кај работодавците – е императив.



Магдалена Чадиноска Кузманоски, социјална менторка, вели дека  самата посветеност на корисниците е мотивација плус и за социјалните ментори. И дека така многу полесно се движи целата работа.
– Она што е најважно, е што ние дојдовме до фаза кога оваа личност сега веќе себе си не се ни гледа како жртва. Станува поенергична и помотивирана. Но, тоа е и улогата на социјалниот ментор – да ги препознае предизвиците што го отежнуваат влезот на пазарот на труд, но и да гледа во капацитетите и афинитетите на менторираното лице. Низ процесот на работа конкретно со ова лице, направивме обид дури и нејзиното хоби да добие некаква валоризација во иднина… Тврдам дека сега  бизнисот со неа би добил исклучително посветен работник, нагласи Чадиноска Кузманоски.

За своето искуство и за предизвиците во процесот на барање работа, на настанот „Инклузивни работни места за бизниси со додадена вредност“ зборуваше и мајка на 38 годишен син со ментална попреченост. Нејзините обиди да му најде работно место на кое ќе се задржи подолго време се покажале како „сизифовска“ работа. Најголемиот проблем го гледа во несоодветната класификација на работни места во Агенцијата за вработување.

– Мојот син посетуваше многу работилници, и секаде добиваше пофалби дека одлично ги извршува зададените обврски. Оттука, заклучивме дека може да се вклучи на пазарот на трудот, да си биде корисен и за себе и за државата. Да не биде социјален случај. Ниту еден родител не го посакува тоа. Но, процесот не оди така едноставно. Од повеќе причини. Една од нив е тоа што АВРМ нема направено соодветна класификација, па често бевме повикувани во на разговор во Агенцијата за работни места, кои не се за него, или пак, дури и се ризични по живот, и лично за вработениот и за останатите колеги. Затоа е важно во огласите точно да се прецизираат вештините и капацитетите што треба да ги поседува лицето. Вака како што сега се поставени работите носат само неефикасност, губење време.  Често се случува и работодавците да приложуваат барања каде ги образложуваат карактеристиките на работно место, а потоа на терен, се соочувате со компленто поинаква слика. Затоа мислам дека социјалното менторство може да им биде силна поддршка на овие лица, особено во стартната, во фазата на прилагодување на работното место – објасни мајката на лицето со попречености.

Одлична можност за транзитен период

И претставниците од Министерството за труд и социјална политика ја потенцираа важноста од потребата тешковработливите лица да бидат подготвени за подобар влез на пазарот на труд.
 – Работодавачите, во однос на околоностите, типот на работното место и слично, не може да очекуваме дека веднаш ќе прифатат лице на кое му  треба подолг период на адаптација. Потребна е флексибилност, трепение, подолг период на учење… Треба да има и првична базична проценка кои се тие работодавачи/бизниси кои би прифатиле таков тип на вработени лица. Социјалните ментори во процесот на работа ќе треба да вклучуваат и други стручни лица, како што се на пример психолозите за побрз напредок на менторираните лица.изјави Анкица Ивановска од секторот за евроинтеграции од Министерството за труд и социјална политика.

На овој настан, кој низ различни перспективи, носеше визија за тоа како поскоро да почнеме со нега и раст на нови вредности во компаниите, и воопшто на пазарот на трудот, присуствуваше и претставник на бизнис секторот, администратор за човечки ресурси од земјава, кој ја донесе страната на компаниите, но, и нивните предизвици.
 – Заедништвото и емпатијата се наши вредности, особено во кризни времиња, како што е пандемијата. Сакаме да вработуваме лица со попречености, но немаме основ за вакво нешто. Постои само Закон за заштитни друштва. Кај нас, уште постои обид да се кријат децата кои имаат попреченост, (видлива или невидлива). Значи за нас најголем проблем е законското ограничување како да го вработиме лицето или како, можеби, во одредена ситуација, да му дадеме отказ. Тоа е ризик во кој голем бизнис не сака да влегува. Затоа, точка на поврзување која би ни ги дала одговорите на овие прашања, за нас би била од големо значење. Затоа што нас ни е важно  сѐ ова за кое што зборуваме да биде дел од систем,  а не да биде само проект, порача претставникот на бизнисите.

Изворот на социјалното менторство, како алатка, е Платформата за одржлив развој, „Лице в лице“. Истоименото списание претставува конектор, медијатор помеѓу продавачите и отворениот пазар на труд, и истото донесе бројни искуства за текот на еден работен процес, посебно за засилувањето со работни вештини на овие ранливи лица, што потоа, ги креираше и контурите на самата методологија.


– Намерата на социјалното менторство е да профилира стручен кадар за работа со лица кои се соочуваат со потешкотии при интеграција на пазарот на трудот. На ваков начин се постигнува надополнување на празнините во работните вештини и вештини за самореализација и градење самодоверба. Но, значи и директно помагање на компаниитево процесот на работна интеграција, кохерентност со националниот систем на сооцијална заштита. Промената бара време и посветеност. Ова не е брзо решение, туку долгорочна инвестиција во човечките капацитети, истакна истражувачката и аналитичарка Катерина Мојанчевска, во презентацијата за главните одлики и придобивки на социјалното менторство.

На 25 март „Паблик“ ќе ги додели сертификатите на првата група обучени социјални ментори од Македонија

Претходни објави (Previous article)Реинтеграција на бездомните лица сместени во прифатниот центар „Чичино село“
Следни објави (Next article)Инклузијата на работно место е клучен чекор во остварувањето еднаквост