СОЦИЈАЛНО МЕНТОРСТВО

Социјално менторство е социјална иновација произлезена од потребата за водење и советување за полесен влез и останување на пазарот на труд, особено на оние кои што се најдалеку од него, фокусирајќи се на нивните афинитети и  потенцијали.
Станува збор за приод кој опфаќа алатки што им овозможуваат на тешковработливи луѓе да ги препознаат своите силни страни, да бидат мотивирани и охрабрени да се вклучат на пазарот на труд, но, клучно –  и да се задржат таму.
Методологијата се реализира според верификувана програма од страна на Центарот за образование на возрасни и Министерството за образование.

Зошто и како до социјално менторство?

Преку долгогодишното искуство во обезбедување работна интеграција на лица од маргинализирани групи, „Паблик“ ја увиде потребата од изработка на оперативен протокол за активација, мотивирање и задржување на работа на отворениот пазар за труд.
Секоја маргинализирана група се соочува со различни бариери и предизвици додека влегува или се реинтегрира на отворениот пазар на труд. Теренското искуство на „Паблик“ во рамки на програмата за интеграција на продавачите на уличното списание „Лице в лице“, преку кои се интегрираат млади на улица, лица со интелектуална попреченост, бездомници и други социјално исклучени групи, овозможи податоци кои беа основа за создавање на Водич за социјално менторство.

Илустрација: Зоран Инадески

Зошто потребата од менторирање при работна интеграција?

Лицата во ризик потешко се интегрираат на пазарот на труд. Бројни фактори кои што потекнуваат од поединецот, од микро и од макросредината влијаат на нивната вработливост, а препознавањето на овие пречки и интервенциите за нивно надминување можат значително да го олеснат процесот.
Од друга страна, во нашата земја и во регионот досега не биле развиени соодветни програми прилагодени на тешко вработливи лица кои што ќе ги поддржат во процесот на работна интеграција.


Клучен елемент во програмата што ја разви „Паблик“ е комбинација од искуствено и теоретско знаење и индивидуализиран пристап кој одговара на потребите и на можностите на тешковработливите лица. Програмата подразбира и следење на напредокот на поединецот низ различните фази на работната интеграција што вклучува евидентирање на предизвиците, спроведени интервенции за надминување на предизвиците и за овозможување развој на поединецот, како и резултати од преземените активности за поддршка.

Ваквиот структуриран приод придонесува кон целите и функциите на социјалното менторство – да се поддржат поединците и работодавачите во целосна реализација на професионалните капацитети на индивидуалците и постигнување на професионална зрелост.

Клучни актери во процесот на вклучување на пазарот на труд на тешковработливи лица

  • Водителот на предмет
    Стручно лице (од Центарот за социјална работа- ЦСР) кое го запознава корисникот/семејството со неговите права и обврски и со законските обврски на постапување на Центарот.
  • Социјален ментор
    Суштината на социјалното менторство подразбира насочување на лицето и негова подготовка при влезот на пазарот на труд. Социјалниот ментор се фокусира кон потенцијалите за вработување на лицето и неговата работна интеграција на отворениот пазар на труд или на посредниот (intermediary) пазар на труд (работното подготвување во социјални претпријатија). Додека водителот на предмет е фокусиран кон анализа на целокупното опкружување на лицето и вклучува индивудуална работа, како и работа со неговата микро и макро средина, социјалниот ментор се фокусира кон потребите и потенцијалите за вработување на менторираното лице. Најчесто, социјалните ментори се професионалци вработени во граѓански организации со фокус на социјална инклузија на конкретна ранлива група.

Повеќе за првата генерација социјални ментори во регионов, на овој линк

  • Стручен ментор
    Главната задача на стручниот ментор е да овозможи професионално оспособување на лицето на работното место. Стручните ментори имаат задача да го воведуваат лицето во  работниот процес, но и да водат мониторинг за успешноста на интеграција на лицето на работното место, како неговата прифатеност во тимот, прифаќање на организациската култура, разбирање и вклопување во работните задачи. Стручното менторството треба да се обезбеди во рамките на самото претпријатие / компанија / организација каде што се вработило лицето и не мора да се реализира преку учество на надворешни лица.
  • Супервизор
    Лице кое ја следи и ја поддржува работата на социјалниот ментор. Целта на супервизијата не е само да обезбеди дека социјалниот ментор коректно ја извршува својата задача туку и дека процесот носи придобивки за сите вклучени страни.
  • Кариерен советник
    Лице вработено во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија (АВРСМ). Тој е првиот контакт на лицето кое бара вработување и вообичаено е првиот кој ја трасира патеката на движење на лицето низ системот на социјална заштита, како на пример дали ќе се користи услугата социјален ментор за даден корисник.

Процесот на менторирање при работна интеграција кој опфаќа две клучни фази:

– препознавање на афинитети, можности и потреби на менторираното лице и
– подготвително вклучување на пазарот на труд – практична работа

Овој процес е овозможен и поддржан од сет инструменти наменски развиени за оваа програма:

  • Социјалнo-работна карта на менторираните лица – Пакет инструменти за проценка на капацитети за вработување
  • Пакет инструменти за креирање и следење индивидуален план за развој и за документирање состаноци
  • Пакет инструменти – индикатори за проценка на потребата од социјален ментор
  • Пакет инструменти – прашалник за следење промени при работна интеграција на нововработени лица
  • Пакет инструменти – индикатори за следење промени низ процесот на работна интеграција
  • Пакет документи за следење и развој на социјалниот ментор и супервизија

Дополнително се користат и други развиени инструменти како Прашалникот за професионални интересирања (ППИ) (Петроска-Бешка, Кениг и Блажевска-Столковска, 2015) изработен за потребите на т.н. центри за кариера во средните училишта во земјата, како и на агенциите за вработување на РМ или РИАСЕК инструментот за професионални интереси.

*Социјално менторство и менторство за работна интеграција се исти термини и пристап, кој се користи наизменично во рамките на оваа програма