На средба, иницирана од страна на Младиинфо-Македонија, денес во просториите на општина Гази Баба, претставници од  организации и институции кои работат на проекти и програми од областа на социјалното претприемништво меѓусебно дискутираа за активностите што ги спроведуваат.

На средбата учествуваше и претставник на Министерството за труд и социјална политика, Душан Томшиќ, кој сподели повеќе информации со присутните за Законот за социјално претприемништво, кој е во подготовка. Притоа, тој нагласи дека кај останатите министерства постои релативно позитивна клима за донесување на горенаведениот Закон, а во блиска иднина најави и фондови од Европската унија за финансирање на социјални претпријатија. Во однос на законската регулатива во подготовка, социјалните претпријатија во Македонија нема да се регистрираат како посебни ентитети, а бенефициите кои истите би ги добивале не се сѐ уште јасно дефинирани. Интенцијата на законот е привлекување на микро-кредитирање и стимулирање на претприемаштво, изјави Томшиќ.

Претставник на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ учествуваше на средбата, со што присутните беа запознаени со активностите на организацијата на ова поле. „Паблик“ како издавач на уличното списание „Лице в лице“ е еден од пионерските чекори во областа на социјалното претприемаштво, не само преку обезбедување работен ангажман за маргинализирани групи, туку и преку континуирани активности за информирање и едуцирање на јавноста за овој концепт. Паралелно, „Паблик“ заедно со „Реактор истражување во акција“ и „Конект“ спроведуваат истражување кое ќе даде детален увид во постоечките типологии на социјални претпријатија во земјава, нивното финансиско работење, предизвиците со кои се соочуваат, но и мерките кои дополнително би ги мотивирале во остварувањето на мисијата.  Ставот на „Паблик“ е дека законската регулатива треба да биде базирана на локален контекст, да се овозможи надминување на законските бариери и фискално уредување, притоа земајќи ги предвид предизвиците и насоките на постоечките социјални претприемачи, инпут кој најчесто се занемарува при креирањето на јавните политики во земјава.

Според преелиминарните податоци на истражувањето, постоечките социјални претприемачи како мотивирачки мерки, пред сѐ, ги наведуваат даночните олеснувања.

Следни објави (Next article)Водич за новинари за известување за бегалската криза