Улогата на социјалното претприемаштво во поттикнување на локалниот социо-економски развој ќе биде во фокус на дводневниот настан, кој ќе се одржи на 9-ти и 10-ти март во хотелот „Дрим“ во Струга,  во организација на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, а во соработка со австриското Министерство за труд, социјални врски и заштита на потрошувачи и со Министерството за економија на Македонија.

Преку практични примери, но и со насоки од интернационални експерти во областа на социјалното претприемаштво, оваа средба ќе понуди можности за креирање нови партнерства за социо-економски развој на регионот.

Целта на обуката е зајакнување на капацитетите на здруженијата на граѓани со економски активности и на малите претпријатија во Струшкиот регион преку трансфер на know-how од пионерска организација во социјално претприемаштво во земјава и од интернационални експерти.

Најголемо учество во бруто-домашниот производ на Република Македонија има Скопскиот регион со 42.6%, додека, пак, најмало учество имаат Североисточниот,  со 5.3% и Југозападниот регион со 6%. Ниското учество во бруто домашниот производ укажува дека општеството не создава дополнителни економски ресурси кои покрај задоволување на тековните економски потреби ќе овозможи инвестирање во иднината, како и решавање на социјалните и еколошките проблеми. Стапката на активност на населението пак,  во Југозападниот регион изнесува 54.9, стапката на вработеност е 36.2, а стапката на невработеност – 33.9.

– Југозападниот регион е меѓу регионите со најизразена стапка на невработеност, а од друга страна ова е предел кој што нуди бројни можности поради своите природни потенцијали. Согласно ова, потребен е нов концепт на бизнис кој ќе одговори на реалните потреби и локалниот контекст, како и иновативни организациски модели со социјална мисија  кои можат да се забележат во рамките на социјалното претприемаштво – рече Климентина Илијевски, извршен директор на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“.

За потенцијалот на руралните подрачја и  на туристичките места  и улогата на бизнисот (социјален и традиционален) во нивниот развој ќе говори експертот по рурална социологија, Георг Визинер од Федералниот Институт за планински и послабо развиени подрачја од Виена.

Во рамки на настанот ќе бидат претставени и социјалното претпријатие „Барка“ од Полска од страна на нејзиниот основач Барбара Садовска, како и уличното списание „Лице в лице“ кое е едно од пионерите во развојот на социјалното претприемаштво во земјава.

Претходни објави (Previous article)Македонија на четврто место во регионот според Индексот на клиентелизам во медиумите
Следни објави (Next article)Бездомништвото околу нас