Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ е независна, непрофитна организација за истражување и застапување која што:
- го следи и го поттикнува развојот на социјалните претпријатија во Македонија и во регионот,
- ги анализира процесите на социјалната инклузија со фокус на работна интеграција,
- прототипира општествена промена и социјална инклузија
- поттикнува партнерства и соработки со јавните институции и традиционалниот бизнис сектор
- влијае врз јавните политики
- креира инструменти, ја развива свесноста и го мери влијанието на чинителите во социјалната економија, но и на традиционалните бизниси.
- ги аплицира новите технологии (Блокчеин) и научните социолошки методологии (U- Theory) во развојот на одржливи процеси во општеството.
Особеноста на „Паблик“ е редовната комуникација со најранливите категории граѓани овозможена преку уличното списание „Лице в лице“ чиј издавач е асоцијацијата.
Оваа позиција ни овозможува длабоко да ги истражиме и утврдиме причините за социјалната исклученост, а ваквиот приод ни дава слика за реалните проблеми во општеството. Од друга страна, нашите веќе изградени партнерства со јавниот, граѓанскиот и бизнис секторот, ни даваат можност да дефинираме препораки за јавни политики развиени низ партиципативен процес, одговорност и со целосно вклучување на сите засегнати страни.
Успешни застапувачки активности
1) социјалната иновација на „Паблик“, социјално менторство, е ендогено создадено низ искуството на работната интеграција на ранливи категории на граѓани, преку пилотирање во 2019-та година, и континуиран развој на соодветни едукативни програми за „нови“ професионалци -социјални ментори, следење на промените и учење низ примена, сензитизација и застапување во јавни институции и бизниси. Денес, иновацијата е интегрирана во низа закони и програми на МТСП (Оперативен план на активни мерки за 2021, 2022 и 2023, Национална програма за развој на социјалната заштита 2022-2032, работна верзија на Закон зa вработување лица со попреченост, како и во планот за социјална заштита на општина Ѓорче Петров), но и го поттикна создавањето на Правилникот за иновативни или интервентни социјални услуги донесен од МТСП (препознавање на иновацијата во социјалните услуги);
2) економското зајакнување на жените и искуствата од нашата пилот програма за економско зајакнување на жени-жртви на насилство се интегрирани како клучен столб во реинтеграцијата на жени кои преживеале насилство (вклучено во Програма за реинтеграција на жртви на родово базирано и семејно насилство, а препознаена и од UN Women канцеларијата во Скопје);
3) координација на процесот на развој на првата Национална стратегија за развој на социјални претпријатија во земјата која водеше кон развојот на нацрт-Закон за социјални претпријатија, што резултира во унапредување на еко-системот и правно препознавање на овие ентитети;
4) промени во Законот за матична евиденција поттикнати низ поддршката за работна интеграција која ја даваме кон млади Роми кои се без лична документација и што како резултат е постигнат заеднички со неколку партнерски организации кои ги даваат правна помош на индивидуалните случаи на продавачите на „Лице в лице“.