Во иднина, вработувањата најмногу ќе се темелат на вредностите на човекот, на неговите вештини, карактер и личност, наместо на параметрите кои ги наведувамe во кусите биографии. Ова, ќе придонесе и во поглед на инклузијата, односно ќе го унапреди регрутирањето на ранливите лица на пазарот на трудот.
Ова беше еден од заклучоците донесени на првиот ден од 4-то издание на Форумот на добри компании, (15.04), на кој главен фокус беше ставен на иднината на работните места, особено после пандемиската криза.
Своите ставови на темата ги споделија лидери од познати компании ширум светот, но, но, и претставници на институции, меѓународни организации, аналитичари, претприемачи.
Сите се единствени во едно: Светот после пандемија бара кокреирање, спојување на заедничките сили со цел создавање нов систем каде социјалната економија ќе биде главен актер во развојот на традиционалната економија, а главниот фокус ќе биде ставен на позицијата на највредниот ресурс – луѓето.
Конференцијата ја отворија вицепремиерот Фатмир Битиќи, амбасадорката на Германија во земјава Анке Холштајн и Климентина Илијевски, извршна директорка на Асоцијација за истражување, комуникации и развој „Паблик“, организацијата која го организира Форумот.
Битиќи посочи дека ковид кризата има особено влијание на ранливите групи граѓани, а основните вредности секогаш мора да се засноваат на идејата да се грижиме едни за други.
– Верувам дека светската економија ќе има сериозно поместување кон социјалната економија, каде што центарот на вниманието ќе им припаѓа на општествено одговорните компании, оние кои работат за добро на општеството, а кои преку генерирање профит создаваат можности од голема важност за ранливите групи. Социјалното претприемништво е нешто на што сите треба да се фокусираме. Верувам дека во светот има многу неискористени можности и дека многу идеи ќе бидат претворени во големи социјални бизниси кои ќе одговорат на многу социјални предизвици, помагајќи му на општеството да стане посилно, подобро и поразновидно. Го препознаваме големиот потенцијал на социјалното претприемништво и сме подготвени да го прилагодиме нашиот систем за нови идеи и нови начини на создавање бизнис со цел да изградиме инклузивно општество – нагласи Битиќи, потсетувајќи дека Владата на Република Северна Македонија, преку Националниот совет за одржлив развој, ја потврди заложбата за спроведување на Агендата на Обединетите нации 2030 година и ја истакна важноста за стабилна интеграција на Целите за одржлив развој во националните стратешки документи и локалните планови.
Германската амбасадорка Холштајн потенцираше дека Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ, коорганизатор на Форумот, заедно со „Паблик“), преку поддршката на овој тип настани укажува дека ја препознава потребата и важноста од создавање социјални претпријатија, како решение за поголема економска одржливост.
– Ако сакаме интеграција на ранливите групи, тогаш треба да го поттикнеме и нивното економско учество – нагласи таа.
Илијевски сподели дека на пандемијата може да се гледа и како на значителен глобален настан во историјата на неколку генерации, по кој светот има шанса да ја насочи глобалната економија кон сосема нов правец, кој што ќе ја прекине практиката што доведе до огромни последици за планетата и за човештвото.
– Во посакуваните општествени системи инклузивните работни места, инклузивните бизниси и инклузивниот раст се високи приоритети. Во нив растот нема да се следи само преку БДП, туку преку сет индикатори кои истовремено ќе носат информација – кој има бенефит од економскиот раст, дали растот е одржлив во однос на ефектите врз животната средина, како тој влијание врз благосостојбата на луѓето – истакна Илијевски.
Еден од главните говорници на Форумот, Чарли Фелгејт, лидер за иновации и визија во „Декатлон“, Франција, повика дека е неопходно во ова време фокусот да биде ставен на иднината на луѓето, и дека проблемите може да се решат само ако сите засегнати страни работат заедно.
– Луѓето се плашат од промени, од непознато. Но, тоа услов да зачекориме кон посветла иднина! „Декатлон“ применува пристап „оддолу нагоре“ – самите вработени ги носат главните идеи, a мојата работа е да ги слушнам и имплементирам. Почнавме да ги прашуваме нашите вработени што сакаат за себе, за својата фамилија, своето општество, а не да кажуваме што ние мислиме дека треба. Кога го сменивме пристапот, добивме сосема различни одговори. Разновидност е да бидеш поканет на забава, инклузија е да бидеш поканет да танцуваш. Ние вработуваме луѓе врз основа на вредности. Тогаш си поинклузивен во регрутирањето – нагласи Фелгејт.
Елиах Родман, пак, претприемач од „My Interview“, Израел, сподели дека стартапот регрутира преку иновативна алатка која ја истакнува личноста на кандидатите и укажа дека на површина излегуваат вредностите важни за вработувањата во иднината.
– Вештачката интелигенција ќе ги преземе монотоните работни места, додека луѓето ќе се фокусираат на она што тие најдобро го прават. „My Interview“, како платформа, се фокусира на наоѓање кадар преку ставање фокус на карактерот на кандитатот наместо на CV-то. Ако на некоја компанија ѝ стигнат 100 апликации за едно работно место, со традиционалниот метод на интервјуирање оној кој аплицирал 99-ти има многу мали шанси да ја добие работата, иако е можеби еден од најквалитетните. Преку нашата платформа алгоритмите овозможуваат никој да не биде пропуштен и сите да добијат еднаква шанса. Ни помагаат да не пропуштиме добар кандидат – зборуваше Родман за искуството од овој стартап.
Во рамки на првиот ден на Форумот на добри компании, свое обраќање имаше и Даниела Зампини, сениор специјалистка за вработување од Меѓународната организација на трудот, која зборуваше за тоа колку е важно, ако сакаме да ја подобриме иднината на работните места, да инвестираме во „луѓето и нивните способности, да им дадеме можности, да ги ремоделираме институциите, но, и да вложуваме во дијалогот помеѓу сите страни – бизнси, инситуции, граѓански сектор, работници/граѓани.
– Во минатото, лидерските капацитети беа главно поврзани со машки квалитети, а денес работите многу се променија, иако не со брзината која што требаше. Сега се бараат лидерски квалитети поврзани со емоционалната интелигенција и умеења, кои се генерално женски или феминистички особини, кои ќе ни помогнат подобро да се справиме со големи предизвици како што е пандемијата- рече таа, во сесијата како пандемијата ги погоди бизнисите и пазарот на трудот.
Во следната сесија, пак, чиј фокус беше ставен на соработката меѓу бизнис секторот, институциите, граѓанското општество и социјалните претпријатија, зборуваше Карел Вандерпортен, експерт за социјална економија, кој работи во Европската комисија. Тој ги претстави начините на соработка помеѓу чинителите кои се дел од социјалната економија и конвенционалните бизниси. Стави акцент на разликите помеѓу филантропските партнерства, кои се еднонасочни и вообичаени, и оние кои носат трансформативна промена – каде двете страни ги изедначуваат своите мисии за да максимизираат заеднички бенефит и општествено влијание.
Првиот Форумски ден беше заокружен со панел дискусија посветена на улогата и моќта на бизнисите во решавањето социјални проблеми, а главни учесници беа: Весна Бајшански Агиќ од фондацијата „Мозаик“ од Босна и Херцеговина, Коста Петров, директор на Фондот за иновации и технолошки развој, Пјотр Јанович од компанијата „Конструкта“, Полска, и Пјотр Марчиниак, архитект и универзитетски професор од Полска.
Во разговорот низ кој беа споделени најразлични искуства и видувања, говорниците беа единствени во ставот дека за подобра иднина неопходно е општественото влијание да се интегрира со економското, и дека социјалното претприемништво е приод кој дава можност на сите, и од кој сите имаат придобивка, притоа внимавајќи на влијанието врз општеството, земјата, регионот.
Дискусијата ја модерираше Небојша Илијевски, контент директор на Форумот на добри компании, а водителка на настанот беше Ана Шутиноска.
Првиот ден од Форумската средба собра близу 200 учесници од регионот.
Вториот ден во фокус ќе ги има моделите и добри практики на соработка меѓу социјалните претпријатија, локалните заедници и институциите.
Овој ден меѓу главните говорници се и Ан-Софи Гунарсон од „ИКЕА“, Шведска, Анете Скопета, заменик директорка од Европски центар за социјална заштита, Австрија, како и Вим ван Амел и Би Бижненс, менаџери во „Ај Диверсо“, Белгија.
Денес, (16.04) ќе се случат и две панел дискусии, од кои, едната ќе биде посветена на тема: Социјални услуги во согласност со потребата на заедниците“, со учесниците: Софија Спасовска од Министерството за труд и социјална политика, Михаел Самец тим лидер во ГИЗ, и Лазар Петров, градоначалник на Демир Капија, и другата со фокус на социјалното менторство како нетрадиционална иновација инспирирана од социјалните аномалии, со учесниците Ирена Јакимовска од „Комфи Ангел“, Денис Шиљак од СОС Детско село, Босна и Херцеговина и Кристијан Ковачевски од „Унипласт“, Скопје.
Фотографии може да најдете на линкот, а достапно е и целото видео од првиот ден, (15.04).