Резултати од второто мерење на Индексот на клиентелизам во медиумите во Македонија ќе бидат презентирани на конференцијата “Индекс на клиентелизам во медиумите: Мерење на реалноста” што ќе се одржи утре (15. декември) во 10.00 часот во „ЕУ Инфо центар“ во организација на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“.
По презентацијата, свои видувања на тема: Клиентелизмот во медиумите, ќе споделат и Мирче Адамчевски, претседателот на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите, („Значењето на саморегулацијата во справувањето со клиентелизмот“), и Петрит Сарачини од Центарот за слобода „Цивил“, („Новинарот и клиентелизмот“).
Индексот на клиентелизам во медиумите (МЦИ), врз основа на емпириски податоци, ги мери политичките влијанија врз медиумите, постоечката регулативна рамка, институционалната поставеност и клучните економетриски мерења на реалноста во која работат медиумите и новинарите од Југоисточна Европа.
Методологијата за негова изработка се базира на научната работа на проф. д-р Лавослав Чакловиќ од Математичкиот институт во Загреб.
Резултатите од мерењето на Индексот за клиентелизам во медиумите (МЦИ – Медиа Цлиентелисм Индеx) ќе бидат презентирани, освен во Македонија, симултано и во останатите земји кои се покриени во ова истражување, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Романија.
Индексот ги опфаќа сите клучни прашања кои се однесуваат на насоките на Европската комисија за развој на слободата на медиумите, како и насоките на постоечките индекси кои ги мерат медиумските слободи ( како Фридом хаус, Репортери без граници итн).
МЦИ дава детален увид и во сите апекти од функцинирањето на медиумите/носителите на одлуки, како и на оние кои сакаат да учествуваат во јавните расправи за медиумските политики.
На утрешниот настан ќе биде отворена и изложба на постери „Artvertizing For Fairpress”, продуцирана од Здружението „Иницијатива за независен културен активизам“, ИНКА.
Работен јазик на конференцијата ќе биде македонскиот.
Случувањето е во рамки на проектот „Медиумски круг“, поддржан од Европската Унија.