Партнерства

„Паблик“ е препознаена како организација која воспоставува плодни партнерства со други граѓански организации, со бизнис секторот, како и со јавните институции.

Граѓански организации

Дел од граѓанските организации, особено оние од локалните заедници бараат директна консултативна помош или помош во спроведување на нивните активности низ партнерствата со „Паблик“. Дел од нивните предизвици стануваат предизвици на „Паблик“ кои заедно ги решаваме. Барањата на овие конституенти се артикулирани во области кои се тесно повразани со мисијата и активностите на „Паблик“ што укажува дека истите ги прифаќаат нашите основни начела. Понатаму, при аплицирање до донатори и фондови, нашата ГО е честопати повикувана за партнерска организација. Дел од конституентите наоѓаат интерес во партнерството со „Паблик“ поради промоција на своите цели, активности, а други пак, за промоција на нивните општествено одговорни практики и делувања, како и промоција на прашања поврзани со градењето на јавната свест (кампањи за промоција на донирање органи, за ретки болести, за здрава животна средина…).

Продажбата на уличното списание „Лице в лице“ кое го издава „Паблик“, се одвива преку партнерски организации од шест градови од земјава- Неготино, Струга, Охрид, Битола, Куманово и Скопје.

Корпоративен сектор

Повеќе домашни и меѓународни компании се партнери и соработници на повеќе општествено одговорни кампањи и низа други промотивни активности во организација на „Паблик“. Дел од нив се во поддршка на продавачите на „Лице в лице“, преку активноста„Лице в лице на гости“.

Во рамки на оваа иницијатива продавачите организирано ги посетуваа компаниите и им го продаваа на вработените најновото издание на списанието. Моделот на директна продажба е од големо значење за продавачите на „Лице в лице“, на кои гостопримството и пријателско опкружување им претставува значаен мотивациски фактор во понатамошната социјализација и интеграција  во општеството. Овие видови на поддршка се медиумски атрактивни, а можат и да се организираат во некои посебни пригоди, во склад со потребите на компанијата.

Дел од компаниите се вклучени и како поддржувачи на уличното списание „Лице в лице“ преку спонзорирање на број, или преку поддршка со рекламирање на некоја од своите општествено одговорни практики. Тука се и донациите за партнерски организации на „Паблик“, за продавачи на „Лице в лице“.