Мерење на општественото влијание на граѓанските организации

На што се темели инструментот?

Инструментот за мерење на влијанието на граѓанскиот сектор врз општествените промени се базира на логичките модели (Logic models) во кои е неопходна синхронизација помеѓу вложувањата и активностите за постигнување на саканите цели (производи и влијание). Инструментот се фокусира кон процесите на промени преку разбирање на програмското ниво (ниво на имплементација), следејќи ги интервенциите на логичен начин.

Инструментот за мерење на влијанието на граѓански сектор  во Македонија врз општествениот развој се состои од 4 состави /синдроми на индикатори. Секој синдром има една или повеќе заеднички црти. Синдромите се поврзани со себе на линеарен начин и го отсликуваат процесот на работата во една граѓанска организација. Првиот синдром на индикатори се однесува на сите  влезни елементи кои означуваат вложување за имплементација на активностите на организацијата или input. Другиот синдром го претставуваат индикатори кои се однесуваат на избор на активности и нивната реализација во рамки на организацијата, кои може да се наречат-производи од вложувањата или директни резултати или оutput. Во третиот синдром, индикаторите се однесуваат на второстепени резултати постигнати од страна на граѓанската организација во заедницата во која таа делува и пошироко на ниво на држава или оutcome. Четвртиот синдром е всушност крајната цел на замислените дејствија/активности што ни дава информација дека дадена организација поттикнува општествени промени или impact.

Показателите имаат квантитативен и квалитативен карактер. Исходот од  квалитативната парадигма која актуелно преовладува во социјалните истражувања, вклучувајки го и ова може да биде релативен, во зависност од тоа кој и како ги евалуира појавите и проблемите.


Бидејќи граѓански организации се големи и мали а исто така разновидни по задачи кои реализираат,инсрументот во одредена мера мора да ги почитува тие фактори.


За подготовка на инструмнетот освeн претходните теоретски познавања се искористени информации добиени од теренското истражување–студиите на случај, со цел контекстуализирање на очекуваното со остварливото во дадениот контекст.

Што значат добиените резултати?

Инструментот дава оценка на ниво на секој синдром и сумарна оценка за капацитетите на граѓанската организација за поттикување на општествени промени.

На ниво на ВЛОЖУВАЊА инструментот ги рангира граѓанските организации во три групи каде на најниско ниво се прави пасивна капитализација на ресурси и вложувања, до индикретно капитализирање на вложувања во општествено влијание, па се до директно и водено капитализирање на вложувања во општествено влијание.

На ниво на ПРОИЗВОДИ инструментот ги рангира граѓанските организации во три групи каде на најниско ниво организациите создаваат производи кои даваат насоки и поддршка за целните групи со кои работи организацијата, до создавање на производи кои ги зајакнуваат целните групи и стејкхолдерите на организацијата, се до највисокото ниво на производи кои ги трансформираат целните групи и стејкхолдерите со кои работи организацијата и создаваат предности за групи надвор од делокругот на организацијата.

На ниво на РЕЗУЛТАТИ инструментот ги рангира граѓанските организации во три групи, од програмски-водени резултати насочени кон одговорност и мониторинг, кон мисија-водени резултати насочено кон подобрување, па се до општествено одговорно водени резултат насочени кон трансформација.

Во однос на СУМАРНИОТ СКОР инструментот подразбира граѓански организации кои најчесто дејствуваат на ниво на поддршка како општествено влијание, потоа граѓански организации кои влијаат на ниво на зајакнување и граѓански организации со трансформативно општествено влијание.


Основни поими

Вертикална мрежа на соработка претставува соработка што се одвива меѓу партнери со компетенции поставени на различно ниво.

Волонтер е лице што работејќи по сопствена одлука, без финансиски надомест и општествено овластување, подолго време извршува одредена активност постигнувајќи одредена цел за поединци (со кои не е во сродство), за група или за поширока заедница.

Групи на самопомош – доброволни, мали групи по број на членови, упатени кон заемна помош и постигнување одредена цел.

Граѓанско општество – систем од правила на однесување и меѓусебни обврски што се на сила во и меѓу институции, организации, социјални мрежи и индивидуи, базиран врз заеднички норми и вредности до кои доброволно се придружуваат за да се поддржат колективните и специфични интереси. Граѓанско општество е содружничка форма на конструирање општество, која се карактеризира со мали сфери на слободата во споредба со економското и политичко содружништво.

Граѓанско учество е комбинација од ставови, знаења и вештини, но, пред сѐ, од активности што се корисни за општеството, односно кои го подобруваат општото добро и благосостојбата на заедницата.

Граѓански активизам подразбира контакт со јавни институции за промени во заедниците, учество во работни групи или на јавни расправи за решавање одредени проблеми, доставување предлози или петиции до јавните институции.

Дискриминација – културен феномен на несакање на поинаквиот (етнички и расни групи, спротивен пол, стари лица, инвалидност).

Децентрализација – пренесување на некои установи, особено социјални, здравствени, културни, образовни, во надлежност на локалната власт.

Деинституционализација– политика на давање нега и третман на медицинско и / или социјално издржувани лица во заедници место во институции.

Добро управување – законодавна и владина практика што исполнува минимум потреби на ефикасност, транспарентност, одговорност и на предвидливост. Доброто управување ја нагласува одговорноста на тие што управуваат и бара пристап на граѓаните до соодветни информации за да можат да ја оценат работата на тие што управуваат.

Кариерен развој – стручни улоги низ кои индивидуите минуваат во текот на работниот век. Културна дифузија претставува ширење културни белези од една култура до друга преку контакт меѓу различни културни групи.

Општествена промена подразбира широко сфатена нециклична промена на институциите, нормите, културата или на одредена општествена структура. Промените во општествената структура се анализираат преку промените во општествената стратификација, новите релации во постојни и во нови општествени групи, според  возраст, пол, етникум и внатрешни миграции. Промената на општествените функции се анализира преку транспарентност, евалуација, одговорност, добро владеење.

Промената на границите на системот се анализира преку децентрализација, регионална соработка, ингеренции, синдром на разбранувана трева.

Промената во релациите меѓу супсистемите се анализира преку нови релации  во и меѓу институциите и се бараат причините за промените.

Полова еднаквост– еднакво присуство, оспособување и партиципација на двата пола во јавниот и во приватниот живот.

Промената во средината на системот – се анализира преку нови стандарди за лицата врз кои се случуваат промените (кариерен развој, лиценци на вработени во институции и вонинституционален систем).

Процедури – усогласени начела на однесувањетоo во одредена работа.

Составот на општествениот систем се анализира преку промените во институциите, преку вертикални и хоризонтални мрежи на соработка, појава на нови групи и движења.

Социјална карта е збир на информации што се однесуваат на психосоцијалните аспекти на животот на поединецот (најчесто ранливи категории) или се однесува за социјалните аспекти на функционирањето на локалната заедница по претходно извршено мапирање.

Социјален капитал претставува врски на доверба, лојалност и на солидарност меѓу сите социјални сили (асоцијации, социјални мрежи, институции, поединци ) во одредена заедница.

Социјални сили – поединечни, збирни, институционални, вонинституционални, јавни и скриени ентитети, кои со своите карактеристики, лични предиспозиции и способности се упатени кон позитивни општествени промени.

Транспарентност – обезбедување информации што се потребни за соработка и за колективна одлука, неопходни услови за отворена и слободна размена, каде што правилата на однесување се фер, јасни и разбирливи за учесниците.

Хомогеност – опозит на поимот хетерогеност.

Хетерогеност –  означува разнородност, разновидност.

Хоризонтална мрежа на соработка претставува соработка што се одвива меѓу партнери поставени на исто ниво во однос на компетенции и одредени овластувања.

 

Наши партнери