Влијание

Создавање економија базирана на реалните потреби на граѓаните, придонес кон остварување на глобалните цели за одржлив развој и креирање идентитет, потпрен на  отвореност и доверба, поврзан со заедничките вредности, принципи, практики, визија и одговорност, се дел од  целите на  Мрежата на социјални претпријатија, (www.sen.mk, #SENmk), која официјално ќе биде промовирана утре, 15 мај, во хотелот „Холидеј Ин“, (со почеток во 12.30 часот).

Вмрежувањето на социјалните претпријатија (СП) е значајно за  развојот на еко системот во кој што тие функционираат, велат од Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“, организација-иницијатор на овој потег, која интензивно работи во доменот на зајакнување на сите сегменти од овој систем кај нас.

– Организирано вмрежување и соработка на СП е клучно за нивниот развој. Тоа може да донесе бројни предности, од заедничко застапување на потребите – до креирање партнерства за долгорочна соработка. Социјалната економија во Македонија сè уште е во рана фаза на развој, фрагментирана и со ниско ниво на меѓусебна доверба на вклучените актери и засегнатите страни. Факторите кои го оневозможуваат растот на малата заедница на социјални претпријатија се многубројни, и оттука произлегува потребата постоечките СП и актерите во целокупниот еко-систем – заеднички и синхронизирано да работат кон остварување на мисијата која си ја задале –  вели Марина Матеска, програмска менаџерка во „Паблик“.

Во позитивните промени кои треба да ги донесе Мрежата силна верба изразија повеќе социјални претпријатија, меѓу кои и оние кои што најдолго постојат на нашиот пазар. На иницијалниот состанок, кој се случи пред еден месец тие беа едногласни дека здружувањето ќе овозможи споделување идеи и акции за ослободување на потенцијалот на ентитетите на социјалната економија, како и потенцијалот на заедницата во која тие дејствуваат преку одржлива, солидарна, циркуларна/зелена, одговорна економија водена од реалните потреби. Преку заедничко делување на социјалните претпријатија базирано на вредности, нагласија, “заеднички ќе се стремиме кон инклузивно општество – ориентирано кон потребите на граѓаните и кон социоекономски развој“.

Од социјалното претпријатие „Нега Плус”, кое е меѓу основачите на Мрежата, потенцираат дека социјалното претприемништво е  релативно нов начин на работење во нашата држава, и од таа причина постои потреба од споделување на различни искуства, со цел унапредување на работењето на СП.

– Вмрежувањето е повеќе од потребно, од повеќе аспекти. Најмногу за споделување на искуства и добри пракси кои би помогнале за раст и развој на социјалните претпријатија, за здружена промоција на ваквиот тип на работа,која би имала за цел да ги мотивира идните претприемачи, да размислуваат за отворање на социјални претпријатија како алтернатива на традиционалниот бизнис, но и за постигнување поголема видливост пред потенцијалните корисници – вели Марија Ангеловски, социјален претприемач од „Нега Плус“.

На утрешниот настан, кој ќе биде поддржан од Германското друштво за интернационална соработка, ГИЗ, и на кој ќе присуствуваат бројни и значајни стејкхолдери за развој на социјалното претпримеништво, ќе се обратат и Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, Министерот за економија, Крешник Бектеши, директорот на Фондот за иновации, Јован Деспотовски, директорот на Германското друштво за интернационална соработка, ГИЗ, за Република Северна Македонија и Косово, Давид Оберхубер, како и извршната директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, Климентина Илијевски.

Во рамки на настанот за промоција на Мрежата ќе биде потпишана и Декларација со која сите засегнати страни ќе изразат подготвеност да дадат свој придонес  во  еко системот за развој на  социјалното претпримаштво во земјава.

Наши партнери