Теророт е сèпроникнувачки страв со кој некој или нешто се обидува да нè увери да го направиме точно она што го сака.

– Со убав збор можете многу да направите, но со убав збор и со пиштол – можете многу повеќе –  се осврна на својот последен „деловен“ успех, Ал Капоне, еден од шефовите на мафијата кој предизвика најмногу страв кај луѓето со кои бил во контакт.

Психологијата на стравот и користењето на стравот во секојдневните стратегии, е најчестиот облик на човечкото и ѕверското остварување на ултимативните цели. Иако се чини идентична и ретка, тактиката на стравот, всушност, е сèприсутна, од политичките кампањи, преку маркетингот на медицинските производи, до собирање „стада“ од страна на верските заедници.

Секогаш некаде во позадината ќе слушнете дека: ако не го направите она што ви се препорачува, следува казна, последица, страдање. Кога таквите тактики ќе го земат својот насилен и девастирачки облик на повредени тела, искинати утроби и обезгалвени луѓе, се повлекуваме во своите ментални, општествени и етно-религиски бункери, од кои ѕиркаме и возвраќаме на теророт, или го молиме Бога да нè спаси и да не ни се повтори. И тоа е, всушност, она што му треба на теророт – луѓе во глувчешка дупка, кои не размислуваат, кои се откажуваат од своите соништа, цели и радости. Луѓе кои со заматен ум не се во состојба да го согледаат светот, да ја видат личноста до себе, да пружат рака, поделат среќа или тага. Тоа е единствената ултимативна цел на секој терор.

Париз, еден од малубројните светски градови – синоним за романса, љубов и скриени сништа, е на удар на теророт. Луѓе изгубија членови од семејства, пријатели, сестри, ќерки, другари од школо, соседството… Сочувство за сите. Тагата и болката, која блиските на жртвите ја чувствуваат, не може ниту малку да се ублажи. Може да се разбере само со молк. Со тишина. И не е само Париз. Само два дена пред тоа беше и Бејрут со десетици убиени и стотина ранети. Деновиве, пак, во џамија во  Багдад, ИСИС уби 19 луѓе и рани десетици други. Не така оддамна во Руанда беа убиени меѓу 500 илјади и милион луѓе, во еден, дотогаш, невиден терор, во кој луѓето се убивани на начини кои човечкиот мозок дотогаш не можел ниту да ги замисли.

 И Сребреница и Вуковар, кои се во срцето на Европа, не се случија пред 100-тина години. Повеќето од нас од тоа време сè уште сме живи и паметиме, се сеќаваме во некој дел од душата.  Каде и да се случи, и со што и да се спроведува, целта на теророт секогаш е иста. Да им се одземе животот на луѓето. Да им се направи бесмислен, јаден, мизерен и неслободен. Да им се одземе насмевката.

Први на линијата на одбрана од теророт се новинарите и медиумите за кои новинарите пишуваат, снимаат, говорат. На нас е одговорноста да осигураме општествен простор во кој луѓето ќе се препуштат на почитување на болката, страдањето и смртта, но, нема да останат замрзнати во таа состојба. Наша е задачата да осигураме простор во кој луѓето ќе сонуваат, ќе раѓаат, ќе се радуваат и ќе се сакаат. Наша е одговорноста да се спротивставиме на теророт на првата линија на одбраната, таму каде што теророт започнува – со збор и со намера. Нашето оружје е вистината. Со тоа што, овој пат не молиме, туку повикуваме.

Драги колешки и колеги, ве повикуваме да ни се придружите во отпорот кон теророт. Апелираме до сите кои учествуваат во креирањето и пренесувањето на информациите во овие трагични настани, да се откажат од борбата за „публика“ со скандалозни известувања, подигнување тензија, ширење стеротипи и страв. Зашто ширењето страв е главниот инструмент на теророт, а во тој случај ние сме неговото најсилно оружје и орудие. Апелираме до сите медиуми со своите примери да ги поттикнат граѓаните на еден мирен и достоинствен отпор кон теророт. Заедно да застанеме на ставањето крај на болните умови, болните стратегии и крвави сцени. Ве повикуваме да се држиме до најголемите вредности на професијата на која ѝ служиме, и секој изговорен или напишан збор да го ставиме на чувствителната вага на моралот, етиката и почитта, пред да го пуштиме од нашата редакција. Ве повикуваме на цврст, достоинствен и нескршлив отпор кон сè што значи терор и што теророт сака да ни наметне. Без медиумите, без нашето ширење на стравот – теророт е само трагичен случај, после кој побогати за болка и искуство, одиме понатаму, и ги почитуваме, пред сè, животот, слободата и правото на сонување.

Во име на проектот „Медиумски круг“

Партнерство за социјален развој– Хрватска

Асоцијација за истражување комуникации и развој „Паблик“– Македонија

Здружение на новинари- БИХ– Босна и Херцеговина

Јуком-комитет на правници за човекови права– Србија

Независно друштво на новинари Војводина– Србија

Институт за јавна политика– Црна Гора

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here