Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“, учествуваше на чинот на  потпишување на „Декларацијата на граѓанското општество на Западен Балкан за социјалната економија“ во Белград, со која се повикуваат носителите на одлуки да преземат конкретни чекори кои ќе придонесат во понатамошниот развој на овој економски модел втемелен на заштита на општеството и планетата.

Потпишувањето се случи на 15 јуни на Форумот на социјални иновации, а потписнички се претставници на организациите: Yunus Social Business Balkans (Албанија), Youth Alliance Kruševo (Mакедонија),  CDP Globus (Босна и Херцеговина), Centar za omladinsku edukaciju (Црна Гора), Forum for Civic Initiatives (Kосово) i Koalicija za razvoj solidarne ekonomije (KoRSE) (Србија), која истовремено и го иницираше овој потфат.

Потписничките ги повикаа и другите организации да се придружат, и да ја потпишат Декларацијата, преку веб страната: https://solidarnaekonomija.rs/declaration/, со што би имале можност да дадат и свој придонес во развојот на социјалната економија. 
Потпирајќи се на различни ЕУ иницијативи, организациите од регионот, во соработка со партнерски ентитети, ја поставија социјалната економија како концепт за одржлив општествен развој на Западен Балкан. Во текот на претходните децении, благодарение на напорите на многу организации, усвоени се неколку стратегии и законски решенија, развиени се нови модели на финансиска поддршка и започнати се национални и  регионални програми посветени на  стекнување знаење и на подигнување на свеста меѓу различните заинтересирани страни.
Крајот на минатата година, Европската комисија го усвои и Европскиот акциски план за социјална економија кој укажува на нејзината улога во создавањето работни места и инкклузивен и одржлив раст. Овој план нуди јасни насоки за развојот на социјалната економија за сите заинтересирани страни, а посебно за државните ентитети. Низ промовирањето на социјалната економија, „tech4good“ решенијата, социјалното вклучување на најранливите граѓани и учеството на младите, социјалната економија игра клучна улога во реализација на правичната, зелена и  дигитална транзиција.

Токму затоа, сметајќи дека е дојдено време социјалната економија да стане дел од официјалната и видлива политика на Западен Балкан и на регионалните тела, претставници на организации на граѓанското општество потпишаа и лансираа Декларација со која ги повикуваат и охрабруваат носителите на одлуки во ЕУ, Албанија, Босна и Херцеговија, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија, да направат одредени чекори кои би го подобриле нејзиниот развој. Тие чекори подразбираат понатамошна соработка во создавањето поволно опкружување на политика за развој на социјалната економија, соодветна финансиска поддршка која ја препознава нејзината специфичност, здружување и меѓусекторски партнерства, како и ширење на знаењата за социјална економија.

Претходни објави (Previous article)Зошто жените-жртви на насилство се враќаат кај насилникот?
Следни објави (Next article)Социјално менторство и „Донирај комјутер“ – комбинација за суштински промени во животот на самохрана мајка од Битола