Недостиг од инвестиции, непрепознавање во општеството, незаинтересираност на државата и отсуство на бенефиции за работа, недоволно развиени бизнис-капацитети и неразвиен екосистем.
Ова се само дел од пречките за функционирање кои ги посочуваат социјалните претпријатија, (СП), од пограничниот регион на Република Северна Македонија и Република Албанија, стои во публикацијата: „Социјалните претпријатија низ призмата на прекуграничната соработка – Република Северна Македонија и Република Албанија“, коja ja подготви Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“, партнер на ЦЕЕД Македонија, (Center for Entrepreneurship and Executive Development), во реализација на проектот „Социјални претпријатија – мост помеѓу социјалниот сектор и традиционалниот бизнис (SE-Bridge)“, што се спроведува со финансиска поддршка на Европската унија, преку Програмата за прекугранична соработка.

Како и во повеќето земји на Западен Балкан, граѓанскиот сектор претставува водечки фактор во развојот на социјалното претприемаштво во двете земји, а овој документ става фокус на актуелната состојба во која се наоѓаат социјалните претпријатија во двете земји, при тоа анализирајќи ги нивните капацитети и работа низ призмата на социјалната мисија, доброто управување и економската дејност.

„Двете земји имаат различен пристап во создавање на јавната политика за социјални претпријатија. Во Република Северна Македонија сѐ уште не постои закон за социјални претпријатија, туку тековниот фокус е на изработка на стратегија што ќе обезбеди развиен екосистем, кој на долг рок ќе го поттикнува порастот и развојот на социјалните претпријатија. Во Република Албанија, пак, во 2016 година е донесен Закон за социјални претпријатија чиешто спроведување е одложено. Законската рамка од страна на експертската јавност е оценета како ограничувачка бидејќи не предвидува одредби што осигуруваат поволности за социјалните претпријатија кога аплицираат на тендери за јавни набавки или за конкретни даночни бенефиции (Rosandic, 2018)“, стои во публикацијата на авторките Климентина Илијевски и Александра Илоска.

Најголем дел од дејностите во кои се движат социјалните претпријатија во пограничниот регион се домашно производство на храна, рачна изработка на ракотворби, хотелиерство и рурален туризам, што, од друга страна, нуди можности за здружување и за унапредување на соработката меѓу нив. Поширок е спектарот на дејности на социјалните претпријатија од пограничниот регион во Република Северна Македонија, кој вклучува и организирање фестивали, услуги за развој на креативни кампањи, како и изнајмување простор и вршење преведувачки услуги.
Од аспект, пак, на постојните капацитети да отвораат работни места, генерално, СП и во двете земји се мали ентитети, со мал број вработени или без вработени. Вториов случај е карактеристичен за некои од социјалните претпријатија во Република Северна Македонија. Исклучително е мал бројот на ентитетите што имаат повеќе од 10 вработени. Карактеристично за социјалните претпријатија од пограничниот регион во Република Албанија е тоа што тие се, главно, фамилијарен бизнис, а за дел од нив карактеристика е сезонската работа, кога се ангажира и дополнителна работна сила, која во одредени случаи достигнува и до 60 лица.
Инаку, заеднички предизвик за сите социјални претпријатија од пограничниот регион е унапредувањето на соработката со бизнис-секторот, локалната самоуправа и со државата. Најразвиена е соработката со донаторската заедница, меѓутоа поддршката кога доаѓа од неа е, главно, проектна и е насочена кон спроведување проектни активности и во согласност со донаторската програма. Оттука, сите ентитети се соочуваат со предизвик да обезбедат инвестициски или инфраструктурен грант.
Она што посочува оваа публикација е и дека, генерално, кај ентитетите отсуствува визионерство. Најголемиот дел од нив наведуваат дека им се потребни пари за подобро да го развијат бизнисот, но, не можат до крај јасно стратегиски да објаснат како ќе го одржат својот бизнис.
Целата публикација е достапна на линкот.

 

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here