„Можат ли социјалните претпријатија од прекуграничниот регион на Северна Македонија и на Албанија да одговорат на предизвикот на работна интеграција на ранливи лица и на невработеноста?“, е еден од најновите документи на политики на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“, кој нуди препораки до креаторите на политика за спроведување соодветни мерки и стратегии за унапредување на локалниот развој преку промовирање на социјалното претприемаштво во пограничниот регион на Северна Македонија и на Албанија.
Анализата, од една страна, дава преглед на постојните локални предизвици и можности во определените региони, а, од друга страна, ги мапира капацитетите на постојните социјални претпријатија да се развиваат како одржливи бизнис модели во решавањето на локалните предизвици.
Истата е подготвена во рамки на проектот „Социјалните претпријатија – мост помеѓу социјалниот сектор и традиционалниот бизнис (SE-Bridge)“, што го реализираа Центарот за развој на претприемачи и менаџери, ЦЕЕД Македонија и Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, заедно со партнерските организации Агритра Визион Центер и CEED Албанија од Албанија, а беше финансиран од Европската унија во рамки на Програмата за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Од аспект на дејноста, генерално, покажува анализата, најголем дел од дејностите во кои се движат социјалните претпријатија во пограничниот регион се домашно производство на храна, рачна изработка на ракотворби, хотелиерство и рурален туризам, што, од друга страна, нуди можности за здружување и за унапредување на соработката меѓу нив. Меѓутоа, велат авторите, треба да се истакне и дека социјалните претпријатија на пограничниот регион во Македонија имаат поширок спектар на дејности, кој, покрај наведените, вклучува и рециклирање, организирање фестивали, услуги за развој на креативни кампањи, како и изнајмување простор и вршење преведувачки услуги.
Заедничко за социјалните претпријатија во пограничниот регион е што сите имаат дефинирани социјални мисии, кои обезбедуваат унапредување на благосостојбата на помалите заедници што живеат во помалку развиените региони. Најголем дел од социјалните претпријатија се фокусирани кон намалување на невработеноста, со акцент на жени и на ранливи категории граѓани, обезбедување услуги за стари и ранливи лица, локален социоекономски развој.
Сите социјални претпријатија во пограничниот регион имаат предизвици со остварувањето добро управување. Кај социјалните претпријатија во Македонија во основачките акти се дефинирани основните елементи на добро управување, меѓутоа – не се применуваат. За социјалните претпријатија во Албанија карактеристично е тоа што не постои доволно развиена свест за потребата и за значењето на доброто управување.